Фото: Маја јаневска Илиева

Со читање сведоштва на две девојки денеска продолжи судскиот процес за пожарот во дискотеката дискотека „Пулс“, трагедија што се случи во март годинава и однесе десетици животи.

Во писмениот исказ на една од преживеаните, кој беше прочитан во судница, се наведува дека објектот функционирал без контрола на лични документи и без јасно обележани противпожарни излези. Таа посочила дека вечерта кога избувнал пожарот, посетителите влегувале без проверки, а во дискотеката немало соодветни патеки за евакуација.

Сведокот навела дека за време на настапот на музичката група ДНК биле користени пиротехнички ефекти, кои, според неа, биле вообичаени и на други настапи на групата. Пожарот го забележала откако присутен во публиката извикал дека „се запалило“, по што настанала паника и турканица кон единствениот излез што го познавала.

Во исказот е наведено и дека на скалите и кај главната врата се создал метеж, по што била извлечена од други присутни лица и пренесена во болница поради повреди и вдишан чад.

Претходно, во судницата беше прочитан и исказот на друга девојка, вработена во кафетерија на сопственикот на дискотеката, која кобната вечер била во „Пулс“ со своето момче. Тој не успеал да се спаси, а во пожарот загинале и неколку нејзини блиски пријатели.

Пред читањето на исказите, одбраната побара тие да не бидат прифатени како доказ, тврдејќи дека сведоците имале психичка траума, што, според адвокатите, било утврдено и со вештачење.

Од Јавно обвинителство на Република Македонија, пак, оценија дека нема законски пречки исказите да бидат изведени како доказ, посочувајќи дека е неопходно да се заштитат жртвите и да се избегне нивна дополнителна виктимизација.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.