Утре (среда), во Скопје, женската сениорска репрезентација на Македонија ќе го има првиот собир со новиот селектор Милош Гавриловиќ во пресрет на настапот во Европската лига 2026, која од оваа година ја презема улогата и на квалификациски циклус за следниот континентален собир во 2028 година. Прозивката е закажана за на пладне во хотелот „Континентал“ во Скопје, а се очекува да се појават сите одбојкарки кои се најдоа на поширокиот список.

Селекторот Гавриловиќ испрати дополнителна покана до примачот на Наковски Волеј, Ивана Милева, која одигра одлично во финалната серија од првенството, да и се приклучи на репрезентацијата во подготовките.
Покрај собирот и работниот состанок, репрезентацијата нема да го одработи првиот тренинг, туку предвидени се мерења и физички проверки на одбојкарките. Со тренажен процес ќе се стартува в четврток, во СЦ „Форца“ во Скопје.
Според програмата репрезентацијата комплетните подготовки ќе ги одработи во СЦ „Форца“ во Скопје, а во пресрет на првиот турнир ќе одигра пријателски двомеч со селекцијата на Косово, на 29 и 30 мај.
Учеството во Европската лига 2026 за македонските одбојкарки започнува викендот 5-7 јуни со турнир во Порто, Португалија.


































