Програмата „Критичко читање низ филмови“ повторно се враќа на КРИК – фестивал за критичка култура, на 12, 13 и 14 мај, во просториите на Буква.
Поставена во рамки на пошироката тема на фестивалот, „Грижа: начини да се биде заедно“, која ја промислува грижата не како сентимент, туку како општествена, политичка и етичка практика оваа филмска програма отвора простор за колективна рефлексија и политичко соочување.
Во време обележано со продлабочено насилство, фрагментација, исцрпеност и ерозија, филмот може да стане особено важен медиум за промислување на новите заеднички форми на дејствување. Филмовите што ќе се прикажат во рамки на оваа програма, чиј уредник е Петар Милат, директор и селектор на Филмскиот фестивал за човекови права од Загреб, создадат можен привремен јавен простор во кој сликите, наративите и формите на присуство можат да ни помогнат да им пристапиме на прашањата што се суштински за овогодинешното издание на фестивалот: Како да останеме внимателни кон другите? Како заедно да ги населуваме историјата, конфликтот, загубата и одговорноста? Какви сензибилитети, односи и политички имагинации стануваат можни кога одбиваме рамнодушност?
Трите филма избрани за оваа програма силно одекнуваат со постојаниот интерес на КРИК за втемелување и разбирање на критичката култура како поле на перцепција, толкување и ангажман. Тие нè повикуваат да останеме соочени со тегобната реалност, да размислуваме за условите што го обликуваат заедничкиот живот, поставувајќи ја грижата како клучна политичка категорија која ќе нè соочи со сите премолчени и општествено маргинализирани гестови.
Програмата „Критичко читање низ филмови“ претставува важен дел од пролетниот дел на фестивалот: момент за собирање околу киното како форма што може да го изостри вниманието, да отвори политички и емоционални прашања и да му вдахне живот на заедничкиот мислечки простор.
* Филмовите имаат превод на македонски јазик.
Програма:
12.05.2026| 19:00 часот
Со Хасан во Газа, 106 мин.
Повторно откриените снимки од 2001 година на еден режисер го доловуваат патувањето низ Газа, предводено од Хасан, додека се бара стар затворски другар. Касетите откриваат интимни моменти од палестинскиот живот во еден клучен период. Кинематографскиот одраз на сеќавањето, загубата и текот на времето, ја доловува Газа од минатото и живот што можеби никогаш повеќе нема да постои.
Режисер: Камал Алџафари
13.05.2026| 19:00 часот
Fiume o Morte!, 112 мин.
Граѓаните на Риека, која Италијанците ја нарекуваат Фиуме, ја прераскажуваат, реконструираат и реинтерпретираат бизарната приказна за 16-месечната окупација на нивниот град во 1919 година од страна на италијанскиот поет, денди и проповедник на војната, Габриеле Д’Анунцио.
Режисер: Игор Безиновиќ
14.05.2026| 19:00 часот
Магелан, 160 мин.
16 век. Магелан, млад и амбициозен португалски морепловец, се бунтува против моќта на кралот кој не го поддржува неговиот сон за откривање на светот. Тој ја убедува шпанската круна да ја финансира неговата смела експедиција до легендарните земји на Истокот. Патувањето е исцрпувачко над очекувањата, а гладот и бунтот го туркаат екипажот до нивните граници. По пристигнувањето на островите на Малајскиот архипелаг, Магелан станува опседнат со освојување и христијанизација, што резултира со насилни бунтови. Ова не е мит за Магелан, туку вистината за неговото патување.
Режисер: Лав Дијаз
KРИК – фестивал за критичка култура е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.
КРИК – KРИК – фестивал за критичка култура е поддржан од ПроПис Севена Македонија, Фридрих Еберт Штифтунг Скопје, Гете Институт Скопје и Министерство за култура и туризам на Република Македонија.
Овој проект е поддржан од European Fund for the Balkans/ Европски фонд за Балканот, соработка организирана од Мрежата на европски фондации.

































