Фото: ЕПА

РАКОМЕТ – ПРЕД ДВОМЕЧОТ СО СЛОВАЧКА ЗА ПЛАСМАН НА СП 2027

  • Нема потценување против Словачка, мора фокусот да биде присутен сите шеесет минути и со ладни глави да ја израдуваме Македонија, оптимист е капитенот на црвено-жолтите, Филип Кузмановски

Македонската ракометна репрезентација ги финишира своите подготовки за претстојниот двомечот со Словачка во рамките на квалификациите за Светското првенство (СП) в година во Германија. Денеска заминува за Прешов, каде што утре (19 часот) ќе го игра првиот бараж-меч во модерната „Татран Арена“ со капацитет од 3.870 седишта, додека реваншот е в недела (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Црвено-жолтите досега играа на девет светски првенства, од тоа седум во низа, како и на девет европски шампионати, осум по ред. Под селекторската палка на Кирил Лазаров се воигруваат последните тактичко-технички варијанти во нападот и одбраната пред гостувањето во Прешов. Ако Македонија се пласира на СП, ова ќе биде нејзино 10. учество, а осмо во низа, додека Словачка како самостојна држава, досега настапила само на две СП, и тоа во Хрватска 2011 година (10 место) и во Шведска 2011 година (17 место), што сепак говори дека Македонија е фаворит во овој бараж-дуел. Но тоа треба да се потврди и на теренот во двата натпревара.
Пред двомечот со Словачка свое размислување за она што ги очекува против Словачка искажа капитенот на македонската репрезентација, Филип Кузмановски.
– Радува тоа што голем дел од играчите се во добра форма, а најважно е дека сите сме здрави. Мора да сме максимално подготвени за двомечот со Словачка и без потценување, оти секогаш се можни изненадувања.Кратко беше времето за да се подготвиме, но ние имаме јасна цел – сакаме да извојуваме две победи и да го докажеме нашиот квалитет. Историјата покажува колку големи собири имаме во низа, а оваа генерација заслужува уште еден пласман на СП. Ќе го дадеме максимумот на гостински терен, а потоа очекувам полна сала во Скопје. Како секогаш кога играме дома, поддршката е огромна, а и заслужена со нашите настапи. Со нетрпение ги очекувам двата дуела и уште еднаш Македонија да игра на едно големо натпреварување – вели Кузмановски.
Кузмановски со коментар, за составот и играта на Словачка.
– Не сме многу добро запознаени со противникот, но го анализираме. Неколку играчи познавам. Веројатно беше изненадување тоа што ја елиминираа Украина, која видовме дека е квалитетна на нашиот тест. Нема потценување против Словачка, мора фокусот да биде присутен сите шеесет минути и со ладни глави да ја израдуваме Македонија – оптимист е капитенот на црвено-жолтите, Кузмановски.
СП во Германија ќе биде јубилејно, 30-то по ред. Новиот светски првак ќе обезбеди и учество на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес (САД) во 2028 година. Титулата од пред две години ќе ја брани репрезентацијата на Данска. Г.И.


Познат составот на Словачка

Словачкиот селектор Фернандо Гурич го објави списокот со 20 ракометари што ќе ѝ се спротивстават на Македонија на претстојниот бараж-двомеч за пласман на СП 2027 година во Германија. Очекувано, најмногу играчи се од домашниот првак Татран Прешов (пет), но има и девет интернационалци. Од нив тројца играат во Германија, двајца во Шпанија и по еден во Унгарија, Полска, Чешка и во Белорусија.
На списокот се следниве 20 ракометари: Голмани: Маријан Жернович (Будаи Фаркасок, Унгарија), Михал Мартин Конечни (Ферлах, Германија), Матуш Митошинка (Татран Прешов). Пикери: Шимон Мачач (Поважска Бистрица), Сергеј Петриченко (Цептер Легионово, Полска), Марек Палеш (Бојнице), Матуш Моравчик (Дукла Праха, Чешка). Бекови: Јакуб Прокоп и Марко Јуркович (двајцата од Торелавега, Шпанија), Мартин Потиск (Мешков Брест, Белорусија), Томаш Сметанка (Бојнице), Марек Штефина (Поважска Бистрица), Јакуб Кравчак (Бојнице), Лукаш Урбан (Бојнице), Јакуб Федер (Штраслундер, Германија), Томаш Обулани (Спорт Хлоховец). Крила: Ерик Фенар (Татран Прешов), Марко Антл (Татран Прешов), Јурај Бриатка (Агро Топочани), Давид Мишович (Десау Рослауер Германија).