Премиерот Христијзн Мицкоски оцени дека владината коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ функционира стабилно и квалитетно, посочувајќи дека тоа, според него, се потврдува и на изборите.
Тој изјави дека Владата се залага следните парламентарни избори да бидат редовни и да се одржат во 2028 година, но додаде дека и Владата и партијата се подготвени за изборен процес во секое време.
– Како Влада сакаме редовни избори во 2028 година, но како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени во секое време да излеземе на избори и да победиме – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата се соочува со бројни проблеми наследени од претходното владеење на СДСМ и ДУИ, но дека работи на нивно решавање во рамки на расположливите ресурси.
Осврнувајќи се на реформската агенда и евроинтеграциите, Мицкоски информираше дека Владата одржала состанок со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и проширување при Европската комисија, Герт Јан Копман.
Според него, Владата е блиску до реализација на околу 95 проценти од реформските обврски во тековниот извештаен период, што го оцени како значаен напредок во однос на европската агенда.
Во однос на измените на Изборниот законик, премиерот посочи дека работните групи функционираат со учество на сите политички партии, освен СДСМ и нивната коалиција. Тој предупреди дека во собраниската процедура е можен филибастеринг, што би можело да го забави носењето на законот.
Мицкоски додаде дека Владата ќе го подготви и достави предлогот до Собранието и изрази подготвеност за постигнување консензус со сите политички субјекти.

































