По повод Меѓународниот ден на џезот

Од ноември 2011 година, УНЕСКО му ја доделува улогата на 30 април како Меѓународен ден на џезот. Со тоа сака да му оддаде посебно внимание на џезот за дипломатската улога, за сето она што го направи во обединувањето на сите луѓе низ целиот свет. Денот е прогласен по иницијатива на легендарниот Херби Хенкок и оттогаш секоја година повеќе од 190 земји се обединуваат во оваа прослава, препознавајќи го џезот како уметност што ги поврзува луѓето, ги премостува разликите и создава простор за слобода, дијалог и за заедништво.
И, ете, веќе петнаесетина години се тркала таа приказна, како низ светот така и кај нас. И ние во Македонија го прославивме тој ден.
И како за сѐ што се слави треба да има носител на славата, така кај нас носител беше Националниот џез-оркестар. Мотото беше „Денеска сѐ е за џезот“. A денот како секој ден, малку повеќе дожд и ветер, едно вистинско пролетно освежување. Да, но тој дожд за малку ќе ја одложеше прославата на Денот на џезот, доколку не го преместеа од отворен во затворен простор, од маалото Ибни Пајко во Македонската филхармонија. И со тоа направија полн погодок. Додека внатре во Филхармонијата се џезуваше, надвор врнеше. Мислам врнеше и внатре, но врнеше дожд од синкопи и солирања, пеења, аплаузи, насмевки, сеќавања, вистинска џез-атмосфера.
А сѐ почна со најмладите еден ден порано. Под мотото „Џез за деца“, во општината Кисела Вода се одржа манифестација каде што младите пееја во џез-ноти, но во исто време се дружеа создавајќи го најосновното, а тоа е обединувањето на сите што присуствуваа, инаку имаше доста публика. На главниот настан, кој почна на 30 април попладнето во Филхармонијата, имаше повеќе изведувачи, но и многу посетители што останаа до крајот, до 23.30 часот, а за да има таков одек меѓу публиката организаторите дозволија бесплатен влез.
„Некст ту сајленс“, Арно Гароф и Франтик Зен од Естонија и Бугарија… беа меѓу изведувачите, но, за жал, не присуствував на нивниот настан. Затоа, пак, бев таму да ги видам изведбите на Националниот џез-оркестар посветени на американскиот џез-басист и продуцент Жако Пасториус, каде што Дејн Алдерсон од „Јолоуџекетс“ свиреше бас, под диригентска палка на Зиги Фајгл од Австрија.
Еден прекрасен настап, прекрасна атмосфера, прекрасни изведувачи (особено Националниот џез-оркестар) каде што целиот концепт почиваше на музиката на еден од најголемите музичари басисти што воопшто се појавиле на музичката сцена. Станува збор за Жако Пасториус, кој не беше само басист туку и продуцент, композитор, водач на група, свирел со „Ведр рипорт“, Пет Метени, Џони Мичел…, го поставил басот како водечки инструмент, особено внимание посветил на фретлес-басот и беше вистински визионер, неверојатно многу влијателен. Во улога на Пасториус на концертот на бас свиреше Дејн Алдерсон, еден од најдобрите на светската џез-бас сцена. Него го имаме гледано пред некој месец кај нас каде што свиреше со „Јелоуџекетс“. Всушност тој веќе многу години е дел од нив. И морам да ви кажам дека сѐ што се зборува за него е вистина, успеа да го долови тој специфичен звук на Пасториус, за што беше награден со прекрасен гооолем аплауз.

Околу 21.40 ч. излегуваат хероите на македонската музичка сцена, „Леб и сол“. Полека и тивко еден по еден: Бодан, Кокан, Михаил и Димитар. Публиката (која ја преплави Филхармонијата) едноставно збесна, сепак пред нив беа легендите на сето она што значи добра музика кај нас. „Леб и сол“ на овој концерт ги изведуваа делата од првите албуми каде што сѐ уште свиреа еден вид фјужн-рок-џез-ворлд музика и плус последниот нивен албум. Значи ги немаше песните од нивниот подоцнежен период каде што свиреа само рок-парчиња. И тука со таа музика растурија, солирањата на Божиков, басот на Бодан, клавијатурите на Кокан и особено изненади Михаил Парушев со својот стил на свирење на тапани. Човекот беше подобар од ритам-машина, менуваше ритми и стилови, излегуваше и влегуваше со своите палки како врвен професионалец, едноставно воодушеви. Бодан, кој свири бас и е еден од основачите на „Леб и сол“, даваше кратки коментари пред секоја песна, додека Кокан го користеше синтисајзерот на ист начин како што го користеше во времето додека ги создаваа песните. Божиков си е Божиков, ги владее и гитарата и емоциите, достојно заменувајќи го оној што веќе не е со нив. Откако ја видов оваа свирка, ми стана јасно дека „Леб и сол“ се еднакво големи како и пред 15-20 и повеќе години. Едноставно се незаменливи. Во еден момент Бодан и Кокан рекоа дека ќе почнат од септември со многу повеќе свирки во Македонија на мали и големи места и дека во моментов подготвуваат нов албум.
Секоја чест што кај овие четворица духот, но и изгледот им се како на 20-годишни иако најмладиот има околу педесет, а најстариот над 70 години. И тоа е тоа, „Леб и сол“ завршуваат со бис проследен со овации од македонската публика. Со тоа завршува музичкиот дел посветен на една од најголемите, најживи, најрастегливи, најпластични музички форми што воопшто се појавиле, а тоа е џезот.

Љупчо Давчев