ОДБОЈКА – ПРВА ЛИГА, ЖЕНИ, ПЛЕЈОФ
- Скопјанки триумфираа во финалето на плејофот во Првата лига против Наковски Волеј со 3-2 во победи, освојувајќи ја рекордната 18-та шампионска титула во својата историја, со која остануваат најтрофеен клуб кај девојките
Работнички Скопје е новиот шампион на Македонија во одбојка во женска конкуренција. Клубот, по пауза од една година, одново е на врвот во Првата лига, освојувајќи ја рекордната 18-та шампионска титула во својата историја, со која останува најтрофеен клуб кај девојките. Во мајсторката во финалето на плејофот, Работнички Скопје во динамичен меч со пресврт стигна до посакуваната победа со 3-1 во сетови (16-25, 25-20, 27-25, 25-23) против екипата на Наковски Волеј од Струмица, односно со вкупни 3-2 во победи ја затвори финалната серија.
Слично како и на претходните четири меѓусебни дуели од завршницата, така и на овој меч одигран во Струмица, конкурентите за титулата одиграа натпревар со многу надигрување и надмудрување, долги поени, неизвесност и драматична завршница, во која одлучуваа нијанси и моменталната инспирација.
Свои моменти имаа и Наковски Волеј и Работнички Скопје. Наковски Волеј поведе со 1-0 во сетови, но со голема борба и пожртвувана игра Работнички Скопје се избори за целосен пресврт и триумф со 3-1, кој е всушност прв за нив во Струмица против овој ривал сезонава, што на крајот им ја донесе и рекордната 18-та шампионска титула.
Предводени од тренерот Душко Деспотовски, кај шампионскиот тим најефикасна беше Тамара Стојанова со 20 поени, Андротеа Милевска запиша 18, додека Антонија Баталаковска 17 поени. Во редовите на Наковски Волеј, пак, Ивана Милева постигна 16 поени, додека Сара Марковиќ и Љиља Ковачевиќ реализираа по еден поен помалку.
Струмичанки одиграа речиси перфектна сезона, со оглед на тоа дека во регуларниот дел од првенството имаше само еден пораз од Младост УГД и како лидер на табелата влезе во битката за шампионската титула. Сепак, во премиерниот настап во финалето на плејофот, клубот не успеа да стигне до посакуваниот историски шампионски пехар. Честитките и аплаузите одат на сметка на двата тима, за одличната финална серија, за убавата и квалитетна одбојка што ја понудија, нивната борбеност и истрајност, како и за рекордната 18-та шампионска титула на скопјанки. Г.И.
































