Кој и зошто ја претставува Македонија како закана за НАТО?
- Редакцискиот став е конципиран низ жива и жолчна дебата на утрински колегиум, со длабоко чувство на професионална горчина, не затоа што некој конечно ја открил корупцијата во Македонија, туку затоа што човек кој раководи со Институт за стратегиски и безбедносни студии успеа да ја претстави македонската држава како безбедносен проблем за НАТО. И тоа не во некоја приватна дебата, туку во јавен настап преку колумна која повеќе личи на политички памфлет отколку на сериозна стратегиска анализа.
За да бидеме појасни…Ниту еден објективен граѓанин на Македонија нема да спори дека корупцијата, клиентелизмот и нефункционалните институции се проблем. Тоа го знае и обичниот граѓанин кој чекал пред шалтер, или бизнисмен што бил опструиран од дел од бирократијата со коруптивни поведенија, или пак оној млад човек што си заминал од државата разочаран од тоа како системот функционира(л). Но да се претставува корупцијата како некакво големо “стратешко откритие” е навистина “откривање топла вода во бојлер”.
Проблемот е што директорот не застанува тука. Наместо да понуди решение, некој модел за институционално јакнење, механизам за реформи или стратегија за поголема интероперабилност со НАТО од страна на трустот на мозоци во Институт за стратегиски и безбедносни студии, тој оди чекор понатаму и ја етикетира Македонија како “ризик за Алијансата”!?
Е, тоа веќе не е анализа. Тоа е политички и безбедносно неодговорен наратив.
Кога ќе се каже дека Македонија е „директна закана за НАТО системот во целина“, тогаш не се зборува само за корупција, туку се испраќа порака дека “државата е слабата алка која ја компромитира целата Алијанса”!? А тоа е теза што со задоволство би ја презеле сите оние кои со години се обидуваат да го минимизираат македонскиот придонес во НАТО и да ја претстават државата како недозреан и проблематичен партнер и на некој начин да се стави „под туѓа управа“.
Особено е спорно што ваквите ставови доаѓаат од човек кој раководи институција што треба да гради доверба во безбедносниот систем, а не да произведува сомнеж во сопствената држава.
Од директор на ваков институт се очекува да работи на јакнење на институционалната отпорност, да предлага реформи, да нуди решенија и да ја зацврстува позицијата на Македонија во евроатлантскиот систем. Наместо тоа, добиваме драматични квалификации дека сме ризик за целата Алијанса!?
Тоа не е патриотизам. Тоа е интелектуална неодговорност маскирана како „стратегиска загриженост“.
Да, НАТО функционира врз доверба. Но НАТО функционира и врз принципот на солидарност, помош и интеграција при што врв на тоа партнерство е членот 5 од Вашингтонската спогодба (напад врз еден е напад врз сите, што денес стари членови на Алијанстаа го минираат или минимизираат, но не и Македонија!). Ако секоја држава што има проблем со корупција автоматски се прогласи за закана за Алијансата, тогаш половина Балкан, добар дел од Источна Европа, па и некои западни членки би морале сами да се исклучат од системот.
Во суштина, текстот на директорот не нуди ништо ново, ништо храбро и ништо конструктивно. Тој само ги реди веќе познатите слабости на системот, но наместо да ја мобилизира јавноста кон реформи, ја турка државата во позиција на самопонижување. А тоа е суштинската разлика меѓу критика и саботажа.
Критиката има цел да поправи. Саботажата има цел да дискредитира.
И токму затоа ваквите тези се опасни. Не затоа што зборуваат за корупција, туку затоа што создаваат перцепција дека Македонија е институционално токсична за НАТО. Тоа е сериозна политичка квалификација со сериозни импликации!
Извинете, но Македонија не е закана за НАТО! Македонија е држава која, и покрај сите свои слабости, инвестираше политички капитал, безбедносни ресурси, човечки ресурси и национални компромиси за да стане дел од Алијансата. Нашата армија активно и ислучително успешно учествува во мисии. Нашите институции поминуваат низ стандарди и проверки, а државата активно се интегрира во евроатланските бедносни структури. Да се сведува сето тоа на тезата дека сме „ризик за целата Алијанса“ е не само неточно, туку и срамно. Впрочем Македонија со своите армиски сили на кои се горедееме е членка во Партнерство за мир од 1995 година. Станува за шитока програма на НАТО чие почетоци датираат во 1994 година и токму под знамето на тоа Партнерство маедоснки мировници беа во мисија во Босна (ИФОР) каде за жал при враќање од една мисија загина цел хеликоптерски екипаж во несреќа кај Катланово.
Ова се срамни тези особено кога доаѓаат од луѓе кои треба да ја бранат институционалната стабилност, а не да ја деноминираат пред домашната и меѓународната јавност. Или пак, можеби се сака македонското врзно ткиво за Алијансата да биде ампутирано затоа што некој „Институт” добил такви инструкции од некаков центар на моќ?!
Македонија има проблеми. Да. Но Македонија не е безбедносен паразит. Македонија прдионесува за безбедноста во регионот, но и за глобалниот мир. И не е безбедносен паразит! Факт и тоа потврден. И секој што сака чесно да помогне на оваа држава, ќе понуди пат кон реформи, а не ќе ја претставува како опасност за системот на кој му припаѓа.
Овој пат и на ваква импутација за својата држава, треба жестоко да реагира и Заменичката на Генералниот Секретар на НАТО, отфрлајќи ги овие саботажи со индигнација., ако не во името на својата држава, тогаш во името на НАТО. Затоа што во анализата препознаваме лоша намера, а не конструктивизам. Аргументите се повеќе за некој форум на Транспаренси интернешнел или ГРЕКО, но никако не за НАТО. Погрешна адреса, погрешен субјект од познат аналитичар. Писмото секако дека треба да се врати од седиштето на Алијансата во Брисел со назнака – непознат субјект и непозната адреса.
Редакција „Нова Македонија“

































