- На претстојнава средба, според сите наши соговорници, влогот е многу поголем од царини, чипови и трговски дефицит. Средбата во Пекинг доаѓа во момент кога светот повторно се дели на блокови, можеби и на мултиполарност, додека Вашингтон и Пекинг се обидуваат истовремено да избегнат директни недоразбирања, а сепак, секој од свој агол да аргументира и да наметне свој концепт во новите меѓународни трендови
Кинеското Министерство за надворешни работи потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп од утре до петок ќе престојува во Кина по покана на кинескиот лидер Си Џинпинг, што ќе биде прва посета на американски претседател на азиската сила уште од 2017 година. Трамп уште пред неколку недели јавно ја најави посетата, а Пекинг ја потврди средбата во типичен дипломатски стил на Кина кога станува збор за самити со големи геополитички последици.
За потсетување, средбата требаше да се одржи уште кон крајот на март, но Вашингтон побарал одложување поради кризата со Иран и стравувањата од поширока регионална ескалација на Блискиот Исток.
И уште едно потсетување, последната средба од највисок формат помеѓу овие два претседатела беше реализирана во Јужна Кореја на самитот на АПЕК, во период кога двете најголеми економии во светот веќе беа длабоко навлезени во т.н. нова фаза и форми од трговскиот и технолошки судир.
Но, на претстојнава средба, според сите наши соговорници, влогот е многу поголем од царини, чипови и трговски дефицит. Средбата во Пекинг доаѓа во момент кога светот повторно се дели на блокови, можеби и на мултиполарност, додека Вашингтон и Пекинг се обидуваат истовремено да избегнат директни недоразбирања, а сепак, секој од свој агол да аргументира и да наметне свој концепт во новите меѓународни трендови.
Трговијата останува срцето на разговорите
Според повеќе наши соговорници, професори, поранешни дипломати и аналитичари, „иако двете страни последниве месеци испраќаа сигнали за ’стабилизација‘, економските недоразбирања меѓу САД и Кина се далеку од тоа дека се завршени“. Тие даваат свое мислење за читателите на „Нова Македонија“ за тоа кои прашања ќе бидат актуелни и отворени во меѓусебниот дијалог на Трамп и кинескиот претседател.
– На маса повторно ќе бидат американските царини за кинеските производи, кинеските ограничувања за ретки минерали и огромниот трговски дисбаланс меѓу двете економии – велат соговорниците, повикувајќи се и на американски и европски аналитички центри, кои ценат дека „Трамп сака нов институционален модел – таканаречен Трговски одбор (’Board of Trade‘), преку кој Вашингтон би имал многу поголема контрола врз трговските текови со Кина“. Понатаму, САД ќе бараат гаранции за испорака на ретки минерали неопходни за американската индустрија и воен сектор – тврдат нашите соговорници.
Важна тема за Кина, пак, според нашите соговорници, ќе биде технолошката блокада што ја спроведуваат САД. А крајна цел на разговорите би била намалување на тензиите од економската конфронтација.
– Пекинг, пак, ќе се обиде да обезбеди ублажување на американските ограничувања за кинеските технолошки компании, особено во секторот на вештачката интелигенција и напредните чипови. За Кина, технолошката блокада што ја спроведува Вашингтон е многу поопасна од самите царини.
Можно е двете страни да најават и големи комерцијални договори, на пример. Но суштината нема да се промени. Двете држави ќе сакаат да ги намалат тензиите од една долгорочна економска конфронтација – изјавуваат нашите соговорници.
Иран е темата што ќе биде нишка што ќе ги допи ра сите други отворени прашања
Како заеднички именител на сите прашања во врска со трговијата, најчувствителната тема ќе биде Иран. Американската администрација ќе очекува Кина да изврши притисок врз Техеран за стабилизација на регионот и за спречување нова енергетска криза, поради тоа што Вашингтон смета дека Кина е најголемиот купувач на иранска нафта и има огромно влијание врз иранската економија. Од друга страна, Пекинг не сака колапс на иранскиот режим, бидејќи тоа би значело американско зајакнување на Блискиот Исток и сериозен удар врз мултиполарниот тренд, удар на рамнотежата на Блискиот Исток, но и на кинеските енергетски интереси.
– Токму тука се гледа вистинската природа на односите меѓу Трамп и Си. Тие нема да разговараат само како лидери на две економии, туку како лидери на две глобални сфери на влијание. Американците сакаат Кина да помогне во смирување на Иран, а Кина сака САД да престанат со политиката на постојан притисок околу Тајван и Јужно Кинеско Море – тврдат соговорниците.
Тајван – најсензитивна точка на разговорите
Според нашите соговорници, прашањето за Тајван останува најсензитивната тема во американско-кинеските односи.
– За Пекинг, темата за Тајван не е варијабила за преговори. Тука нема компромис. Тоа е дел од територијалниот суверенитет и интегритет на НР Кина. Затоа, Кина очекува Трамп да испрати сигнал дека нема дополнително да го вооружува Тајван, додека американската страна ќе инсистира на статус кво и слобода на пловидба во регионот – велат нашите соговорници, додавајќи дека ако за сите прашања може да се води дијалог и да се преговара, вклучително и трговија, ретки метали, царини, па и состојбите на Блискиот Исток, за Тајван нема да има никакви компромиси и Кина решително и недвосмислено ќе го каже и ќе го потврди тоа.
На САД им е јасно тоа, односно ја имаат предвид таквата позиција на Пекинг, сигурни се во тврдењата нашите извори. Аналитичарите проценуваат дека токму околу Тајван ќе се види дали самитот има потенцијал за стабилизација или претставува само привремено примирје меѓу двете суперсили.
– Во Пекинг постои свесност дека Вашингтон долгорочно работи на стратегија за ограничување на кинескиот подем, додека во САД, владата го наметнува во јавноста уверувањето дека Кина сака постепено да ја потисне американската доминација во Азија – тврдат нашите соговорници.
Вештачката интелигенција – новата точка на разговори на агендата меѓу
Вашингтон и Пекинг
Една од најинтересните теми на разговорите ќе биде и вештачката интелигенција (АИ).
– Вашингтон е сериозно загрижен поради брзиот напредок на кинеските компании во АИ-секторот и можната воена примена на тие технологии. Американците сакаат воспоставување директни механизми за комуникација и спречување технолошки инциденти, слично како што САД и СССР имаа црвени линии за време на Студената војна.
Но Кина гледа на американските ограничувања како на обид за задушување на нејзиниот технолошки развој.
Практично, трката за АИ веќе станува новата верзија на нуклеарната трка од 20 век – имаат интересно тврдење нашите соговорници во врска со претстојниот дијалог меѓу Трамп и Си Џинпинг.
Светот сака стабилност, а што побрзо деескалација и помирување
– Најреалното очекување од самитот е намалување на тензиите, а помалку дека ќе има историски договор. И Вашингтон и Пекинг имаат интерес да избегнат директна економска (или воена) конфронтација во момент кога глобалната економија е кревка, а војните и кризите се шират од Украина до Блискиот Исток. Трамп доаѓа во Пекинг како лидер што сака брзи и конкретни економски резултати, додека Си настапува како стратег што размислува во децении и долгорочно. Токму затоа оваа посета нема да биде само уште една дипломатска средба. Таа ќе биде тест за тоа дали светот влегува во нов судир на интереси или во нова студена војна или, пак, во нов модел на коегзистенција меѓу двете најмоќни држави на планетата – завршуваат нашите соговорници. П.Р.
































