Тајните на најдобрите просветни работници: Марина Станиславова, одделенска наставничка од Неготино
- Драги наши читатели, во чест на просветните работници, во оваа рубрика ви ги откриваме „тајните“ на некои од најдобрите наставници во Македонија. Во првиот циклус, до крајот на оваа учебна година, ќе ви претставиме десетмина наставници од различни места во нашата татковина, кои со својата посветеност, знаење, методи и инвентивни решенија го претвораат наставниот час во магија. Целта на рубриката е да ги афирмираме најуспешните и најинвентивни едукатори, кои со својата креативност ја прават наставата поинтересна, подинамична и поблиска до учениците. Преку нивните примери сакаме да споделиме конкретни идеи и методи што може да се применат во секоја училница
Марина Станиславова е одделенска наставничка во ООУ „Страшо Пинџур“ во Неготино. Покрај редовната настава, таа активно е вклучена во создавањето содржини, проекти и активности за деца. Авторка е на два учебника по македонски јазик и на три работни тетратки. Во однос на уметничката литература, Станиславова неодамна ја објави книгата за деца „Приказната за Андреј“. Таа соработува со списанија за деца и со едукативни платформи.
Станиславова е една од основачите на здружението на одделенски наставници „Учител“ во кое ја врши функцијата заменик-претседател. Од страна на Бирото за развој на образованието, неколку години е ангажирана како обучувачка за програмата по математика „Кембриџ“ за учениците од прво до петто одделение. Таа е регионална менторка и обучувачка во програмата „Математика за размислување“, а ангажирана е и во новата концепција за образование. За време на пандемијата на ковид-19, Станиславова подготвила и снимила 19 видеолекции за потребите на учениците, родителите и на наставниците, а со свои едукативно-забавни игри придонела за збогатување на содржините на платформата „Ран детски развој“.
Многубројните активности и вклучениот труд неминовно биле забележени и наградени. Наставничката Марина од Неготино е добитничка на неколку значајни признанија. Прогласена е за најдобар наставник од училиштето ООУ „Страшо Пинџур“ во кое работи, а истото признание го добива на ниво на Општина Неготино. Нејзината досегашна работа е крунисана и со признанието Просветен работник на годината од страна на Сојузот на просветните работници и на Министерството за образование на Македонија. Станиславова е прогласена и за Едуино-амбасадорка, а добитничка е и на Признанието за најдобар наставник на ниво на поранешните југословенски држави.
– За сѐ што постигнав во моето дваесетгодишно работно искуство, инспирација ми се токму децата и нивниот искрен поглед кон светот – вели наставничката Станиславова.
Да се освои детското срце
Марина ни раскажа дека постојано се труди да создава динамична и креативна настава што ќе им биде блиска на учениците.
– Најважниот трик што го користам е прво да го освојам детското срце, а потоа вниманието. Кога ученикот ќе почувствува дека наставникот искрено верува во него, тогаш и учењето станува полесно, а резултатите доаѓаат природно, сами по себе – открива Станиславова.
За таа цел, наставничката применува различни методи, како што се учење преку игра, интегрирана и истражувачка настава, драматизација, игра на улоги и раскажување приказни, техники од јазична писменост, техники и стратегии од прирачникот по програмата „Математика со размислување“, едукативни игри и квизови, тимска работа, дигитални алатки и платформи и интерактивни содржини, активности за развој на социоемоционална интелигенција и емпатија и СТЕМ (STEAM) активности.
– За мене успешна настава е училница во која децата не се само пасивни слушатели, туку активни истражувачи, креатори и мали личности што слободно размислуваат, поставуваат прашања, имаат аналитичко и критичко расудување, и јасно и слободно ги изразуваат своите идеи. Сметам дека современото образование треба да создава љубопитни, самоуверени и емпатични деца, а не само ученици што механички меморираат информации – подвлекува Станиславова.
Таа ни откри дека една од активностите што учениците најмногу ја сакаат е „Плесни на три“. Оваа активност ја користи за поттикнување и концентрација, внимание, брзо размислување и за тимска енергија во училницата.
„Плесни на три“ за убава работна атмосфера
– Учениците стојат во круг и бројат по ред, но наместо бројот три и сите броеви што го содржат бројот три, треба да плеснат со рацете. На пример: еден, два, плесок, четири, пет, шест… тринаесет повторно се заменува со плесок. Активноста создава многу смеа, концентрација и позитивна атмосфера, а наедно ги развива вниманието, реакцијата и логичкото размислување кај учениците. На децата им е особено интересно затоа што учат преку игра и движење, а токму тогаш знаењето најлесно се памети. Истата оваа активност ја адаптирам и за собирање, одземање, множење, делење, парни и непарни броеви – споделува наставничката Марина.
На часовите по македонски јазик, пак, оваа вредна и посветен наставничка користи драматизирање и влегување во улоги. Со тоа учениците не само што го читаат текстот туку го доживуваат и го чувствуваат, а така полесно развиваат комуникациски вештини, креативност и емпатија.
– Особено внимание посветувам на индивидуалниот пристап, затоа што секое дете има свој начин на учење, свои таленти и сопствено темпо на развој. Мојата цел не е само учениците да добијат добра оценка, туку да стекнат самодоверба, љубов кон учењето и чувство дека можат да успеат – открива Марина Станиславова.
Секое дете има талент што треба да биде откриен
Она што нашата денешна соговорничка ја издвојува, меѓу другото, е и работата со надарени и талентирани ученици.
– Сметам дека нивниот потенцијал треба постојано да се поттикнува и насочува преку дополнителни предизвици, креативни задачи и активности што ќе им овозможат да го покажат својот максимум. Но истовремено верувам дека секое дете е талентирано за нешто – некој прекрасно раскажува, некој има развиено логичко размислување, некој е креативен, а некој поседува голема емпатија и способност за соработка. Улогата на наставникот е да го препознае тој потенцијал и да му помогне да расте – вели Станиславова.
Исто така, таа е застапничка на идејата дека е потребно учениците да бидат пофалувани, дури и при најмал успех и напредок, со цел да бидат мотивирани и да продолжат да се надградуваат.
– Пофалбата има огромна моќ за детскиот развој. Една искрена пофалба може да ги разбуди самодовербата и желбата за напредок многу повеќе од строгата критика. Затоа секогаш се трудам да ја забележам дури и најмалата промена, труд или успех кај учениците. Кога детето ќе почувствува дека некој го вреднува неговиот напор, тогаш се создава најважното – внатрешната мотивација, која е пресудна за успех – смета Станиславова.
Нејзината цел, како што вели, не е децата да учат од страв или обврска, туку да развијат љубов кон знаењето и верба во сопствените способности. Според неа, успешната настава не се мери само преку тестови и оценки туку таа се согледува преку детската насмевка, љубопитните прашања, желбата на ученикот повторно да дојде на час и моментот кога детето ќе поверува во себе.
– Верувам дека најголемата тајна на успешниот наставник е љубовта кон децата и способноста секој ученик да се почувствува важен, слушнат и охрабрен. Затоа мојата визија за успешна настава отсекогаш била и ќе остане – настава со срце! -истакнува наставничката Марина.
Ф.Д.


































