Ако погледнеме во сегашноста и јасно посочиме кои заедници и земји се успешни во спроведувањето на правото и правдата, ќе видиме дека вакви примери има на сите страни во светот, од Европа, преку Блискиот и Далечниот Исток, низ Африка, преку Азија и двете Америки. Секој обид да се категоризира и определува владеењето правото како својство само на определени народи, раси, религии или цивилизации е неточен и за мене е пропаганда, етикета и стигма создавана со крајна цел тие заедници да ги изгубат самодовербата и способноста за самоорганизација. Во некои елементи и ние сме предмет на таа, во секоја смисла, специјална војна. Во принцип, на ист меридијан, исти народи, раси и религии живееле во пристојност и благосостојба, но и во хаос и страдања во определени периоди од своето постоење. Оние заедници што денеска ќе ги препознаеме како праведни општества во минатото живееле во неправда, безнадежност и јад. Пример? Сите германски и скандинавски народи, Англија, Ирска, Шкотска, Шпанија, Италија и многу други, со векови биле во анархија од која граѓаните спасот го барале во емиграција преку морињата и океаните! Најдалеку што се може од сопствената земја! Денешната Северна Америка и Австралија се создадени од доселеници што бегале од неправди, војни, болести, глад и од беда од Европа и Кина. Јапонците од петнаесеттиот, па сѐ до крајот на деветнаесеттиот век живееле во хаос и немаштија предизвикани од меѓусебните ривалства и личната грабливост на феудалци што дење меѓусебно се колеле, а ноќе заедно краделе од сопствениот народ! Истата приказна е со денес многу успешните земји од тој дел на светот, Малезија, Индонезија, Кореја и Виетнам, кои само до вчера беа жртви на најголемите ужаси на овој свет предизвикани од правото и правдата на Америка и Европа. И за крај, има ли подобар пример од Кина? Земја што по два века безредие, социјална мизерија и граѓанска војна што во 1949 година заврши со милионски жртви, поделби, диктатури, идеолошки заблуди и фрустрации, денеска успеа да стане супердржава, која само во триесетина години прескокна не декади, туку векови, само поради воспоставен систем на владеење на правото и правдата!
Сѐ можете да оправдате, за сѐ можете да најдете исклучоци, за сѐ можете да се повикате на околности, па дури и на Бог, ако сакате да не прифатите сурови факти дека нашата состојба е еманација на нас самите. Оваа Македонија денес, тоа сме ние! И нема ништо страшно ако го прифатиме тоа како реалност и од тоа почнеме да создаваме нешто подобро и поубаво. Како да се направи тоа? Како да ни биде подобро и поубаво? Едноставно е, еманирајте ја реалноста, покажувајте ја, критикувајте ја, оценувајте ја. Барајте лична и општествена одговорност. Настојувајте, практикувајте, подобрувајте се, оценувајте се, оценувајте ги другите. Вие не сте сами, ова не е само ваша работа, заедницата е наша работа. Дали секогаш ќе има некој што ќе се противи на тоа? Секако. Но ако тој или тие што ќе се противат се исклучоци, а мнозинството е правило, тогаш лесно ќе се носиме со исклучоците. Во овој момент, проблемот е во тоа што доброто и убавото се исклучокот, а не правилото.
Кои се тие социјални и политички пречки на патот на нашата благосостојба? Ако го слушаме јавното и медиумското „зуење“ (така се нарекува ова состојба), ќе се уплашиме од тоа дека станува збор за толку многу сфери што нашата ситуација „не може да ја оправи ни дедо Госпо!“ Според мене, ова навидум стоглаво чудовиште со проблеми во суштина се сведува на три клучни општествени состојби што ги произведуваат сите други.
1. Владеење на правото, правораздавањето и страв од судска и државна неправда;
2. Екологија и заштита на личното здравје и заедничката животна средина;
3. Демографија и развојот на децата.
Да не мистифицираме, тоа се трите проблеми што во суштина ги еманираат нашите реални животи и нашата земја како заедница во неволја! Ниеден нормален и пристоен човек што има образование, знаење и самодоверба денес од државата не очекува идеи, поддршка или антиципација во личниот развој? Исклучоци се неиницијативните флегматици и конформисти, кои не можат сами да дејствуваат. А такви има насекаде и во секоја земја. На сите страни на светот. Не е тоа толку страшно што како информација ни го испраќа јавното зуење! Ако е тоа така, ко што тврдам, а убеден сум во ова, тогаш како да ги решиме овие „само три проблеми“?!
Судот, обвинителството и адвокатурата се толку големо општествено мочуриште што процесот на мелоризација ќе биде долг, измачувачки и фрустрирачки. Затоа, предлагам да направиме бајпас, да ги заобиколиме, да ги изолираме, околу судовите и обвинителствата да изградиме „праведно минско поле“! Треба да се посветиме на оној дел од владеењето на правото што на директен начин влијае на процесот на создавање лична и општа идентификација на поединецот и заедницата со земјата и со државата преку право и правда за сите! Драги мои, потребни се проекти од типот „Безбеден град“, кој ја опфаќа целата заедница и кој преку систем на ограничувања, контрола и казна ќе произведува лична и општа доверба во владеењето на правото и правната држава. За мене, најмалата придобивка од „Безбеден град“ е безбедноста во сообраќајот. Иако секој спасен живот е бесценет, немам дилеми за тоа. Но она што ме радува и ми дава сила е фактот дека за првпат во овие триесет години се создава инструмент на државата што прави евалуација на личното поведение на секој од нас и нашиот личен однос кон законот, правилата и прописите. И за тоа евентуално лошо поведение добиваме казна! Што е уште поважно, за секого и во секое време! Нема социјална припадност, партија, нација, вера или раса! Си направил прекршок, следува казна. Молам!?
Доколку „Безбеден град“ не се девалвира во нефункционалност и селективна примена, за многу кратко време ќе еволуира во состојба на нештата. Во начин на однесување. Во начин на мислење. Во начин на живеење. И ете ги првите промени и првите чекори кон создавање култура на однесување и стекнување доверба во владеењето на правото, за сите, без исклучок. Каде е следната можност за создавање општа доверба кон државата преку довербата во правдата заобиколувајќи го правосудството? Нашата следна голема шанса е имплементација на таканаречениот Закон против пушењето! Овој закон опфаќа огромна целна група, речиси целото општество и речиси сите генерации, вери, нации и други заедници, затоа што некои се пушачи, а некои непушачи, но и едните и другите се засегнати лично. Дополнително кон овој закон антиципираат земјоделци, компании што произведуваат и продаваат цигари и сродни производи, продавачи на големо и мало, угостителски објекти, институции, фирми, училишта, универзитети, спортски центри, културни и национални установи и многу други јавни дејности. Директно или индиректно, на еден или на друг начин е засегнато целото општество. Супер, потребно е да решаваме проблеми што нѐ засегаат сите! Драги мои, носење Закон против пушењето и негово строго применување ќе придонесе кон создавање дополнителна доверба на граѓаните и најважното – идентификација со државата не само како чувар на нивното здравје туку и како чувар на нивното право! Да немаме сомневање дека како и за „Безбеден град“ и за Законот против пушење ќе има противници што ќе имаат свои аргументи против. Но мнозинството ќе биде за примена на законот безрезервно, неселективно и строго. Придонесите ќе бидат големи. Ќе дадеме шанса дополнително мнозинство демотивирани граѓани да се мотивираат и да учествуваат во јавни проекти и потфати заради остварување заеднички и општи цели, затоа што ќе поверува во државата како гарант за владеењето на правото. И да, не треба да застанеме таму! Следниот проект треба да биде закон за јавна чистота, каде што со сила на законот, преку систем на облигација ќе се казнуваат поединци, куќни совети, компании за одржување, јавни претпријатија, директори, градоначалници и надлежни органи што се должни да ја одржуваат животната средина. Убеден сум дека доколку овие три закони се спроведуваат со функционалноста на „Безбеден град“, за многу кратко време Македонците радикално ќе ја променат перцепцијата за правото, правдата и довербата во државата и институциите. И на крајот, круцијално е важно дека сето ова ќе влијае на тоа да ги повратиме изгубената самодоверба и способност за самоорганизација и ќе си покажеме себеси дека имаме сила да промениме нешто на подобро и поубаво! Очајно ни е потребна голема победа над самите себе! Денеска, тука и сега!
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа прима“
































