СП 2026 ВО ЗАБРЗАН ШАХ ЗА КАДЕТИ И ЗА МЛАДИНЦИ
- На СП 2026 настапија вкупно 437 играчи од 40 држави
Џошуа Бенџамин Бурнс е најуспешен македонски претставник на Светското првенство (СП) во забрзан шах, кое во 11 кола се одржа во Врњачка Бања (Србија), во возрасните категории до осум, 10, 12, 14, 16 и 18 години (момчиња и девојчиња).
Бурнс (рејтинг 1.527, рангиран на 58-то место пред почетокот на СП 2026), меѓу 76 играчи до 10 години, го освои 23. место, со 6,5 поени (пет победи и по три ремија и порази) и освоени дури 129,6 нови рејтинг-поени. Во истата категорија Сергеј Станковиќ (1.851/75.) е 67. со четири поени. Во категоријата до 12 години, меѓу 62 учесници, Јован Вукашиновиќ (1.851/39.) со четири поени е на 51-то место. Во категоријата до 18 години, Макл Бурнс (2.074/25.) го освои 29. место со 4,5 поени, меѓу 35 шахисти.
Во женска конкуренција, во категоријата до 14 години, Илијана Велева (1.715/20.) со четири поени е 24-та меѓу 30 учеснички, а со ист број поени Кајла Бурнс (1.510/28) го освои 28. место. Во категоријата до 16 години Елисавета Бурнс (1.701/26) го освои 26. место со 2,5 поена, меѓу 27 шахистки.
Седумте македонски претставници освоија вкупно 29,5 поени од 77 можни (38,3 отсто). На СП 2026 во забрзан шах (15 минути плус пет секунди за секој потег по играч) настапија вкупно 437 играчи од 40 држави (91 ЖВМ, 14 ИМ, 3 ЖИМ, 31 ФМ, 18.ЖФМ), а најмногу од Русија (97), Србија (87), Казахстан (53)… Најуспешна нација е Казахстан со 11 медали (пет златни, четири сребрени, два бронзени), пред Русија со 10 (2-4-4) и Белорусија со четири медали (1-2-1)… Г.И.
































