Што би му подариле на Трамп?

Кога би биле поканети на роденден кај американскиот претседател Доналд Трамп, сигурно би се запрашале што да му однесете на подарок, би си рекле, што да му купиш на човек што навидум има сѐ? Но всушност, има нешто што претседателот на САД очајнички го посакува – Нобеловата награда за мир, за која се смета дека би го зацементирала неговото наследство како еден од најголемите светски „миротворци“?! Што во оваа ситуација, ќе признаете, изгледа парадоксално додека САД вршат воени напади врз Иран.
Американскиот лидер е познат и по тоа што водеше лична кампања за добивање на Нобеловата награда и толку се жалеше што не успеа да стане лауреат што мораа да измислат нова утешна награда за да се обидат да го смират. Па така, во декември, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, му додели на најпознатиот жител на Белата куќа сосема ново признание: наградата за мир на ФИФА за 2025 година. Трамп потоа доби уште една утешна почест кога изврши притисок врз добитничката на Нобеловата награда за мир за 2025 година, Венецуелката Марија Корина Мачадо, да му дозволи да ја земе нејзината награда (иако почестите што доаѓаат со Нобелот не се преносливи). Но се чини дека таквите признанија не го стивнаа незадоволството на лидерот на САД, иако тој повремено тврди и дека не му е грижа за Нобеловата награда. Дури и во говорот на промоцијата на неговиот Одбор за мир, тој повторно се пожали, при што ја поврза Норвешка (која не доделува Нобелови награди) со неможноста да стигне до престижното признание.
Се сметаше дека Трамп ќе ја обезбеди Нобеловата награда ако успее да постигне веродостоен мир меѓу Израелците и Палестинците. Но неговата амбицијата за добивање Нобел сега им служи на неговите критичари да му се потсмеваат, па на социјалните мрежи можеа да се забележат саркастични коментари како на пример, „па добро, колку војни треба да почне човек за да добие Нобелова награда за мир?“.
Трамп упорно се обидува самиот да си прикачи етикета на миротворец, па го стори тоа во својот втор инаугуративен говор кога се претстави себеси како „глобален миротворец“. А пред приближно една недела, во годишниот отчет пред Конгресот, тврдеше дека „завршил“ осум војни и едвај ја спомна Украина, и покрај тоа што тие денови беше одбележана четвртата годишнина од руско-украинскиот воен судир.
Кога се кандидираше за претседател пред десет години, успешниот бизнисмен го отфрли американскиот воен авантуризам во далечни конфликти. Трамп често зборуваше за глобалните конфликти како ситуации што би можеле брзо да се решат од страна на посилен американски претседател што е подготвен да склучи договор. Во кампањата во 2024 година, тој нагласи дека не започнал никакви нови војни за време на својот прв мандат и вети дека ќе владее како „претседател на мирот“. Сепак, се смета дека со нападите врз Иран тој ги погази таквите ветувања, по што повеќе светски медиуми сега го нарекуваат „воен претседател“.

Неговите поддржувачи ги правдаат неговите постапки со тврдењето дека светот честопати ја избира улогата што ја имаат САД, инсистирајќи дека Трамповата доктрина е „мир преку сила“, односно покажување моќ за да ги обесхрабри ривалите.
Воинствената промена во однос на мировната реторика звучи познато кога се во прашање американските претседатели. Пред да ја преземе функцијата во 2008 година, Барак Обама вети дека ќе ги прекине исцрпувачките воени конфликти на Америка во Ирак и Авганистан. За време на неговиот втор мандат, тој порача и дека ќе ја извади земјата од она што го нарече трајна воена состојба. Но Обама остави многу поинакво наследство пред да му ги предаде своите одговорности на врховен командант токму на Доналд Трамп. Воените сили на САД беа во војна во текот на сите осум години за време на двата мандата на Обама, во кои Америка изврши воздушни или воени напади во најмалку седум земји: Авганистан, Ирак, Сирија, Либија, Јемен, Сомалија и Пакистан.
Но Обама, за разлика од Трамп, уште во првата година на функцијата успеа да го осигури сопственото наследство како осведочен „миротворец“ кога му беше доделена Нобеловата награда за мир, главно поради ветувањата што ги даде за намалување на заканата од нуклеарна војна. Обама ја доби наградата пред неговите грандиозни планови за мир на Блискиот Исток да се претворат само во зборови на хартија. Затоа своевремено почна да се шири теорија за „клетвата“ на прерано доделената Нобелова награда за мир, откако неколку добитници по закитувањето со престижното признание почнаа воени судири, како што беше случај и со етиопскиот премиер Абиј Ахмед по 2019 година.
До роденденот на Трамп на 14 јуни имаме време за да смислиме што би му подариле, кога веќе тоа не може да биде Нобеловата награда за мир. Секако и со искрена желба и надеж дека дотогаш ќе престанат воените конфликти што се водат на повеќе места низ светот.