(Или – што треба да знаете кога одите да пазарувате)
- Не е статистичка, ниту политичка констатација дека иако важи за земјоделска држава со традиционални земјоделски производи, Македонија со години премногу троши за увоз на земјоделски производи и храна. Иако земјата располага со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, не успева да го прехрани целото население. Нашата држава има ниски приноси, ниска продуктивност и, според тоа, ниска профитабилност, а сето тоа покажува дека има и лоша политика
Одите ли на пазар? Припаѓате ли на онаа армија маченици, шеговито наречени пратеници, што безмалку секојдневно се во маркетите или на зелените пазари? Ќесиња полни со намирници, подискривени раменици. Се прашувате ли чија мака е поголема. На тој што купува или на тој што продава? Стара болка, неразбрана, нерасчистена со векови – за купувачот скапо, за продавачот евтино. Велат дека е така од денот кога човекот се нафатил да биде земјоделец. А тоа се случило пред 3.500 години, од времето кога е направен првиот плуг за орање во Месопотамија, крај реките Тигар и Еуфрат, денешен Ирак. Оттогаш до денес земјоделството е клучна гранка за обезбедување храна и суровини за различни индустрии. Така е насекаде во светот од кој ние не сме аграрен исклучок.
И какво е македонското земјоделство гледано со пазарџиско око? Што се сее, што се жнее, што се произведува на македонските полиња, а што им се продава на луѓето. Не теоретски туку практично. Ајде да видиме малку реалистички, малку статистички.
Ми објаснува еден искрен трговец на скопски Бит-пазар низ пример со гравот наш насушен. Ми кажува дека речиси деведесет отсто од гравот што се продава пакуван во маркетите и на отворено на пазариштата е увоз од Киргистан. Може да не му се верува, но ме убедува, дека секаде каде што пишува тетовски грав, а тој нема цена над 400 денари по кило, не е тетовски туку е киргистански. Самиот тој годишно увезувал неколку тони.
На Зелено пазарче друг продавач речиси ме фрапира. Купувам компир, прашувам од каде е. На тезгите најчесто пишува дека компирот е беровски. Продавачот ми се потсмева и вели дека може да пишува дека е од Берово, ама не е. На сите тезги и во сите вреќи има само два вида компири. Едните се увезени од Франција, другите од Германија. Го молам да не се шегува со мене, ме носи зад тезгата, ми ги покажува етикетите, односно декларациите на сите вреќи. Сите француски. Кај комшијата се германски.
Ми вели и следново. На пазарите во Скопје, а и во половина Македонија, не барај домашни производи. Кромидот е од Холандија, лукот од Кина или од Иран, кинески се и големите костени, оревите од Турција, морковите често од Египет. Купиштата краставици се од Албанија од каде што има со тони и други производи, круши на пример. Масло, семки од тиква, сончоглед од Украина. Пипер, малини, суви сливи, боровинки од Србија. Кикиритки од Аргентина, од Турција и мали количества од Струмица. Сето тоа оди преку способни трговци и преку кванташки, преку моќната зелена мафија што братски ја организираат Албанци и Македонци.
Така купуваме зеленчук и овошје што нема природен мирис, сѐ е некоја генетика. Патлиџанот ниту мириса, ниту гнилее, пиперките со недели не омекнуваат, камоли природно да скапуваат.
Слично е и со месото, особено со јунешкото и говедското. Увоз главно од Австрија и Италија, тони замрзнато од Аргентина или некоја друга држава од американскиот континент. Пилиња и пилешко од Хрватска и Словенија. Во Македонија нема доволно ниту крави, ниту кокошки. Запустени се македонските села, не пеат петли низ дворови, не мукаат телиња во шталите, не блеат овци по планините. Дури и селаните, тие што останале, во Преспа на пример, секој ден чекаат комбе што им дистрибуира леб, замрзнато месо, јајца, млеко, овошје и зеленчук. Жална слика на еден загубен свет што чека милостина што доаѓа со некое полураскапано комбе.

Посебна е приказната со млекото. Македонија е дефицитарна со млеко, а суфицитарна со млекари. Па нема ни половина млеко за онолку видови, сирења, кашкавали, разни други производи. Упатените во таа индустрија укажуваат дека кашкавал се увезува од Белгија, Холандија или од Украина со тони во контејнери, потоа се сече, се пакува (се конфекционира) во мали количества и се пласира во маркетите декларирани како домашни производи. Млекото во прав е доминантно, ретки се количествата на домашно млеко.
Конечно и прашањето каков леб јадеме? Македонски или туѓ? Житницата Пелагонија е жива, ама пред умирање. Во првите години од осамостојувањето вагони и вагони се носеа пченица од Аргентина. Во последните години 90 отсто од потребите за пченица и брашно се носат од соседна Србија, нешто од Бугарија.
Ајде сега од сурова реалистика да преминеме на неумолива статистика. Таа вели дека Македонија станува сѐ повеќе увозно зависна од храна,. Бројките се уште попрецизни. За 10 години за увоз на храна се потрошени 6,67 милијарди евра. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека само во јануари 2024 година за увоз на храна и живи животни, Македонија потрошила околу 85 милиони евра. Додека, пак, за цела 2023 година, државата потрошила 975,8 милиони евра, близу милијарда. Според податоците од статистиката, од година на година потребите за храна од странство се зголемувале. Пред 10 години, Македонија за таа намена потрошила 517,8 милиони евра, што значи дека за една деценија увозот се зголемил за повеќе од 88 отсто.
Не е статистичка, ниту политичка констатација дека иако важи за земјоделска држава со традиционални земјоделски производи, Македонија со години премногу троши за увоз на земјоделски производи и храна. Иако земјата располага со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, не успева да го прехрани целото население. Нашата држава има ниски приноси, ниска продуктивност и, според тоа, ниска профитабилност, а сето тоа покажува дека има и лоша политика.
Следува логичкото прашање: нели државата дава субвенции да го поддржи домашното производство. Одговорот е дека дава секоја година, односно дава веќе 17 години, и тоа од 120 до 140 милиони евра годишно. Сума сумарум од буџетот за земјоделството за овие години се одлеани околу 1,5 милијарда евра. Секоја година над сто милиони евра.
Другото логичко прашање е кај се, каде одат толкави пари кога домашното производство никако да мрдне од мртва земја. Одговорот е комплициран, иако може да се употреби метафората дека пропаѓаат во бунар. Или во нечиј бунар. Средствата не завршуваат таму кај што треба, велат експертите. Парите се земаат, но нема контролен механизам каде завршуваат. Најчесто се трошат за сосема други работи, некои купуваат скапи автомобили, ѕидаат куќи, купуваат станови, градат викендички. Субвенции се делат на крупно и на ситно. На крупно земаат големите риби, на ситно, ситните земјоделци, верни гласачи на едните или на другите владејачки партии. И таму постојат партиски тефтерчиња. И во оваа сфера владее административната мафија комбинирана со партиската, која е посилна и помоќна од која било друга мафија.
Ете, се обидов да изнесам неколку пазарџиски реалности. Кој сака ќе поверува, кој не сака нека проверува.


































