Фото: Пиксабеј

Како еден астронаут ќе реагира кога ќе се искачи во вселената и кога повторно ќе влезе во Земјината атмосфера? Идните астронаути се подложуваат на психолошки и психијатриски скрининг за да се отстранат на самиот почеток тие што не можат да издржат стрес поврзан со вселенските патувања.
Како што сè повеќе луѓе патуваат во вселената, НАСА почна да го сфаќа менталниот товар што го имаат астронаутите.
– Имавме еден колега задолжен за резерви, кој стана опседнат со капакот на леталото. Замислете само, сè што треба да направам е да ја свртам таа дршка и целиот воздух ќе излезе? Тоа беше некако застрашувачки – раскажа во интервју од 2001 година за една од своите претходни мисии Хенри Хартсфилд, кој стана астронаут во 1969 година.
Одењето во вселената е неверојатно голем стрес. Во извештајот што го објави НАСА во 2016 година се наведува дека членовите на екипажот за време на престојот во вселената имале нарушувања на сонот, биле изложени на радијација, промените во гравитацијата влијаеле негативно врз нив и имале напади на паника поради долготрајната изолација. Затоа членовите на екипажот на Меѓународната вселенска станица редовно разговараат со медицинскиот персонал, вклучувајќи и психолози, преку приватни видеоконференции.
Имајќи ги предвид амбициозните цели на НАСА да испрати луѓе уште подалеку во вселената – на Месечината и на Марс – во не толку далечната иднина, одржувањето на менталното здравје на астронаутите ќе биде постојан предизвик.