Фото: Румен Радев/инстаграм

Вчерашниот протест во Софија и низ цела Бугарија, како и нередите во главниот град во доцните вечерни часови, предизвикаа бројни коментари и реакции и денеска, јавува бугарската агенција БТА.

Организатори на протестот беа од коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП–ДБ), а повод беше предлог-буџетот за следната година. Барањето за повлекување и преработка на Буџетот за 2026 година последователно прерасна во барање за оставка на Владата.

Радев: Оставката е неодложна

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска во обраќање до бугарскиот народ изјави дека оставката на Кабинетот е неодложна, а предвремените избори се единствениот пат напред.

– На Бугарија ѝ е потребна реална промена што ќе доведе до оздравување на државноста. Тоа е нешто што сегашната власт не може да го направи – изјави тој.

Радев ги коментираше протестите против предлог-буџетот, нагласувајќи дека тие опфаќаат луѓе од сите генерации и се израз на граѓански став. – Обидите протестот да се претстави како бунт против буџетот го потценуваат самиот настан. Тврдењата дека ова е бунт само на младите го омаловажуваат процесот. На плоштадот беа луѓе од сите генерации, рече претседателот на Бугарија.

Тој заклучи дека на Бугарија ѝ е потребна радикална и реална промена што ќе ја врати довербата во институциите и правото.

Премиерот Жељазков го повлече Буџетот

Премиерот Росен Жељазков изјави дека протестите против буџетот за 2026 година имаат социјален и човечки карактер и се израз на потрагата по повеќе права, демократија и правда. Ова тој го изјави по состанокот на Заедничкиот совет за управување во врска со вчерашните протести.

– Немаме право да се повлечеме без буџет неколку недели пред влезот на Бугарија во еврозоната. Ќе абдицираме последни, но тоа не значи дека сме инаетчии – начинот на кој го покажуваме тоа е со признавање на грешката и повлекување на буџетот – изјави премиерот.

На новинарско прашање за барањето за негова оставка и смена на министерот за внатрешни работи, тој одговори: „Сите варијанти постојат бидејќи тоа се политички одлуки, но на прагот на еврозоната немаме право да абдицираме“.

Жељазков ги пофали полициските службеници. – Постоеја грешки од организаторите – протестот требаше да биде митинг, Град Софија не го одобри маршот. Без оглед на тоа, полицијата реагираше многу адекватно и не дозволи да се реализира намерата на организаторите на овој вандализам, оцени бугарскиот премиер.

– Го поддржуваме протестот како форма на граѓански став, но не и тој да ескалира во тензии- изјави за новинарите Никола Скорчелиев, претседател на Младината на ГЕРБ – Софија.

Реакции на опозицијата

„Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ ( ПП–ДБ најавија дека в петок поднесуваат барање за гласање недоверба кон кабинетот на Жељазков. Лидерот на ПП, Асен Василев, вети дека следната недела, за време на дебатите во пленарната сала, ќе има уште поголем протест за да се каже „доста е“ и да се даде „шанса на иднината на Бугарија“.

Од „Да, Бугарија“ изјавија дека Владата нема легитимитет и мора веднаш да поднесе оставка за да се оди на избори. Ивајло Мирчев од партијата истакна дека оставката на Владата не може да го спречи влезот на Бугарија во еврозоната, бидејќи земјата веќе е во еврозоната.

Лидерот на „Преродба“, Костадин Костадинов, изјави дека протестите мора да продолжат додека коалицијата не биде принудена да поднесе оставка. Тој ја спореди корупцијата со „дијагнозата рак“.

Дељан Пеевски, лидер на ДПС – Нов почеток, на Фејсбук напиша: „Радев го откри своето вистинско лице! Нема да дозволиме анархијата и хаосот да ја освојат Бугарија… Нема да бидеме скршени од вашата агресија!“

Од „Алијанса за права и слободи“ (АПС) се приклучуваат кон барањата за оставка на Владата и повикуваат на итни законски мерки за обезбедување фер, вонредни парламентарни избори.

На крајот, вицепремиерот и претседател на БСП, Атанас Зафиров, рече дека со повлекувањето на буџетот, социјалните права ќе бидат зачувани, а новата процедура дава шанса да се вклучат работи кои не успеале да се договорат во стариот буџет.