Македонија овие денови повторно се најде во центарот на бура што сама си ја создава – бура во која наместо да ги гледаме фактите, постојано избираме да бараме виновници по лично убедување и вкус, а не врз основа на позитивните законски прописи. Прекинот на концертот на Аца Лукас во Кавадарци од страна на полицијата стана повод за уште една национална поделеност: едни аплаудираат, други критикуваат, трети навиваат за турбофолк, четврти го бранат „нашиот културен идентитет“. А никој не сака да ја види најважната работа: дека институциите конечно реагираа инстантно, во рамките на законските надлежности, спречија кршење прописи и развивање уште поголеми последици и штетни дејанија.
За индиции дека се прекршени законски прописи, функционални институции реагираат промптно!
Надлежните служби за горенаведениот настан утврдија прекршувања: преголем број гости надвор од дозволеното, безбедносни ризици и ред други неисполнети законски обврски. Тоа не се „нијанси“. Тоа не се „ситници“, како што се коментира во некои медиуми. Тоа се утврдени стандарди, преточени во законски и подзаконски акти, врз чии темели понатаму се градат безбедноста и сигурноста на засегнатите страни. И на сите граѓани во целост, се разбира. А ако тие темели попуштат само еднаш, доволни се „неколку секунди“ за да се случи трагедија. Тоа го видовме во Кочани. И тоа го забораваме премногу брзо. Имено, во Кочани видовме што значи вкоренет дефицит на ред и поредок. Видовме што значат импровизациите. Видовме што значи „ама ајде, ќе помине“. Кога институциите тогаш задоцнија и не реагираа доволно строго, ги напаѓавме. Им велевме дека се неажурни, дека спијат, дека не ги штитат младите. А денес, кога полицијата и државата реагираат навреме и превентивно – повторно ги напаѓаме.
Вчера за „нереагирање“, денес за „прејака реакција“. Па, какви да бидат? Силни или слаби? Брзи или бавни? Мора да одлучиме што сакаме: ред или неред. Правила или импровизација. Држава или хаос. Нема трета опција.
Проблемот не е во музиката
Голем дел од јавната дебата се сведува на тоа кој настапувал – дали бил српски, македонски, турбофолк, рок или поп. Во еден ваков контекст на непочитување на законот и актите, префрлањето на тежиштето на овој предизвик (како што е „политичко поле“ или „културолошки спор“ итн.) е само дефокусирање и отапување на острицата на една правовремена и јасна реакција. Ова е прашање на одговорност кон законските прописи, прашање на правна држава и владеење на правото и прашање на безбедност и сигурност на граѓаните.
Локал што прима 200 гости не смее да има 300, 500, 800… посетители. Тоа нема врска со акцентот на изведувачот, туку со ризикот за животите на луѓето. Македонија мора конечно да воспостави строги и унифицирани стандарди:
– максимален број гости во секој локал,
– редовни контроли,
– задолжителни безбедносни сертификати,
– казни што нема да бидат „пусто писмо“,
– одговорност на организаторите и на сопствениците.
Ако овие правила важат за сите – тогаш и треба да важат за сите. Ниту една ѕвезда, ниту една музика, ниту еден жанр не смее да биде изговор за импровизации што можат да чинат животи.
А за културата? Таа се гради со создавање, не со
забранување
Во јавните реакции се јавија и гласови што велат дека турбофолкот треба да се забрани. Но забраните никогаш не создале култура. Забраните само ја кријат сопствената немоќ да се понуди нешто подобро. А вистината е едноставна:
ако сакаме младите да слушаат повеќе македонска музика – мора да има повеќе македонска музика. Министерството за култура мора да инвестира во домашни автори, композитори, бендови и продуценти. Да се создадат фондови за нови песни. Да се поддржат македонските фестивали. Да се отвори медиумски простор за нашата музика. Бидејќи она што им го сервираме на младите – тоа ќе го слушаат. Ако им нудиме квалитет, ќе го изберат квалитетот. Ако им нудиме шунд и празнина, празнината ќе ги однесе.
Македонија може да биде уредна држава, граѓаните само треба да го сакаат и практикуваат тоа
Редот не е непријател на забавата – туку нејзин спасител
Да кажеме најискрено, концертот во Кавадарци можеше да заврши како Кочани. Само една искра. Само еден тур. Само една паника. Овој пат институциите спречија катастрофа. И токму тие институции денес ги напаѓаме. Значи, повторно доаѓаме до суштинското прашање: Дали сакаме општество со правила или општество со двоен аршин? Дали сакаме безбедност или краткорочна забава по секоја цена? Дали сакаме да учиме од трагедиите или да ги повторуваме? Ние мора да се определиме. Затоа што ако не се определиме – трагедиите ќе се определат наместо нас. А сакаме ли? Сакаме ли ноќен живот што не е руски рулет? Сакаме ли институции што реагираат навреме?
Сакаме ли млади што се враќаат дома живи и здрави? Ако одговорот е „да“ – тогаш редот не смее да биде навреда. Редот мора да биде правило. И во музиката. И во локалите. И во културата. И во државата. Само тогаш ќе можеме да кажеме дека сме ја научиле лекцијата. И дека патот напред повеќе не води назад. Г.А.


































