Европската Унија сака да стане светско седиште на вештачката интелигенција, но нејзините планови може да се судрат со една од најопасните последици од климатските промени – недостиг од вода. Во април Брисел најави дека во наредните пет до седум години ќе го зголеми тројно капацитетот на центрите за податоци, клучната инфраструктура што ги поттикнува дигиталната економија и ВИ-системите како ЧетГПТ. Но, додека плановите се претставуваат како инвестиција во иднината, сè повеќе предупредувања укажуваат дека наглиот раст на центрите за податоци може да ја влоши кризата со водните ресурси, особено во Јужна Европа, каде што веќе 30 проценти од населението живее во области на траен недостиг од вода.
Центрите за податоци, огромни комплекси на сервери што обработуваат и складираат податоци, трошат огромни количества вода – главно за ладење на опремата. Без постојан прилив системите би се прегреале и би престанале да работат. Најголемите технолошки корпорации вложуваат милијарди евра во нови објекти. Таквите проекти предизвикаа тензии со локалните заедници.
Стручњаците истакнуваат дека европскиот технолошки напредок се одвива без вистинско разбирање на еколошките граници. На критиките одговараат од Европската комисија, истакнувајќи дека новата инфраструктура мора да ги задоволува критериумите за енергетска ефикасност и еколошка одржливост.


































