Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
За официјална година во која се почнало со работа во рудниците „Злетово“ во 20 век се смета 1928 година, кога „Селекшн траст лимитед“ (Selection Trust Limited) од Лондон ги откупила концесиите од семејството на еден од најголемите функционери во Кралството Југославија, Никола Пашиќ. Според сеќавањата и преданијата од претходните генерации, некои од жителите на регионот чуваат спомени и за тоа чии и кои ниви биле распродадени пред околу еден век на големата англиска компанија. Значењето на овој рудник за економијата во тоа време е посведочено и од присуството на податоци за подготовките за отворањето и вредностите на акциите на светската берза во големите светски весници и списанија од пред Втората светска војна. Во 1929 година акциите биле пренесени на „Злетово мајнс лимитед“ (Zletovo Mines Limited). Тестирањата и истражувањата траеле до 1935 година, кога започнале подготовките за отворање на рудникот. Концесионерите наишле на отпор кај локалното население од Злетово поради кој биле лишени од употреба на Злетовската Река и решиле погонот да го префрлат во Пробиштип, со цел да го користат јагленот, па поради тоа почнале да градат не само индустриски објекти туку и нови живеалишта. Од 1935 до 1941 г., врз база на претходните истражувања, се преминало кон подготовка за отворање на рудникот во селото Добрево. Концесијата за јаглен била добиена во 1937 година, кога биле поставени и основите на неопходните објекти за работа и монтажата на електричната централа. Во 1938 година била направена фузија помеѓу „Злетово, Трепча, Копаоник и Ново Брдо мајнс лимитед“ (Zletovo, Trepcha, Kopaonik и Novo brdo mines limitied), по што сите концесии биле префрлени на „Трепча мајнс лимитед“ (Trepcha Mines Limited). По направените годишни тестирања и истражувања, во истата година биле завршени патот Крупиште-Пробиштип и железничката станица кај Крупиште. Додека се правеле подготовките за отворање на рудникот, во 1940 г. експлоатацијата воопшто не започнала. Со почетокот на големата војна во која рудните ресурси биле еден од најценетите пленови, по окупацијата на Македонија бил заземен и рудникот, кој активно бил користен во текот на целата војна преку безмилосно експлоатирање. Иако имало голем отпор и диверзии од локалното население, се извадиле огромни количества руда. Тоа траело сѐ до ослободувањето во септември 1944 година. Како спомен на тие времиња, и ден-денес стои споменикот на партизаните во селото Добрево.

По ослободувањето, значењето на рудникот за Македонија се забележува уште во првиот број на „Службен весник“ од 1944 година, во кој e објавено решението на Президиумот на АСНОМ за почеток на експлоатација на рудникот. Во следните години интензивно се работело на рудникот и населбата, бил направен патот од Пробиштип до Добрево и флотацијата за цинк. Повторно започнала употребата на ресурсите од Злетовска Река. Во 1949 г. рудникот добил значајна награда за најдобар колектив во рударството и обоената металургија во ФНРЈ. Модерната рударска колонија во почетокот на 50-тите години заживеала и постојано го зголемувала бројот на жители. Лабораторијата на рудникот, оформена уште пред војната, била основна точка за истражувања при отворање на нови рудници во тогашната држава. Во средината на 60-тите години била извршена интеграција со рудникот „Саса“ во Македонска Каменица. Во следната деценија работата на рудникот повторно се модернизирала, се отворила и фабриката за акумулатори и бил создаден рударско–металуршкиот комбинат „Макметал“. Развојот на рудникот директно повлијаел врз отворањето на сите други рудници на територијата на Македонија, на топилницата во Велес, на рудникот „Саса“ и развојот на Каменица, на неколку фабрики, комбинати, и развој на целата економија во тогашната држава. Многу информации за овој рудник се јавно достапни не само во книги и научни трудови туку и преку архивите со стари весници и списанија, и големата архива на „Службен весник“. Во тие стари архиви можеме да видиме новинарски репортажи за рудниците, написи за развојот на Пробиштип, податоци за вработувањата, огласи и објави, законски решенија и многу други информации за најбогатата рудна област во Македонија – Кратовско-злетовската област и најстариот активен рудник во државата – рудникот „Злетово“.
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)


































