Фото: ЕПА

Повод: 62 години од атентатот на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди во Далас

  • Поранешниот историчар на ЦИА и Стејт департментот, Томас Л. Пирси, изјави дека „извештајот од речиси 50 страници на генералниот инспектор на ЦИА открива детали за тоа како разузнавачите на агенцијата рутински ги прикривале фактите и записите во врска со атентатот врз претседателот Џон Ф. Кенеди“…

Во класифициран документ се открива дека „функционер на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) признава оти го лажел Конгресот на САД за активностите на атентаторот Ли Харви Освалд во Мексико, пред атентатот врз поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди“. Ова тврдење е најново обелоденето за јавноста од страна на американскиот портал „Аксиос“, во кое се цитира тврдење на соработник (доушник) на ЦИА.
– Тоа е план за прикривање, како да се лажат Конгресот и американскиот народ – изјави за „Аксиос“ поранешниот историчар на ЦИА и Стејт департментот, Томас Л. Пирси.
Тој рече дека извештајот од речиси 50 страници на генералниот инспектор на ЦИА точно открива како разузнавачите рутински ги прикривале фактите и записите за атентатот врз Кенеди, кои остануваат необјавени.

ЦИА прави напори за објавување на досиејата за Џон Ф. Кенеди?!

Портпаролот на ЦИА изјави дека агенцијата е „посветена на целосна транспарентност“ и ги засили напорите за објавување на досиејата за случајот на Џон Ф. Кенеди под администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која дури неодамна дозна за документите што ги цитираше Пирси.
Извештајот, во кој се тврди дека Конгресот е измамен, всушност бил ретроспективна процена на штетата врз имиџот на ЦИА од истрагата на Одборот за атентати на Претставничкиот дом (ХСЦА), и вклучувал меморандум од 1978 година од службеник на ЦИА, кој се фалел дека го довел во заблуда главниот советник на ХСЦА, Роберт Блејки, во врска со досиејата на Освалд во Мексико Сити.
Според Пирси, службениците на ЦИА му дале на Блејки владини дупликат досиеја од кои биле отстранети чувствителни документи, што всушност биле „темелно дезинфицирани“ така што Блејки, кој поминал 20-30 минути разгледувајќи го секое досие, не поставил никакви дополнителни прашања.

Во пресрет на денешното одбележување на 62-та годишнина од атентатот врз Кенеди (22.11.1963 г.)

Триесет и петтиот претседател на Соединетите Американски Држави, Кенеди, беше убиен на 22 ноември 1963 година во Далас, додека се возел во поворка со отворен покрив. Освалд, поранешен маринец, го застрелал Кенеди од складиште за учебници во Далас. Освалд беше уапсен и обвинет, но два дена подоцна беше застрелан од Џек Руби, сопственик на ноќен клуб во Далас, во настан што беше широко емитуван на телевизија.
Во пресрет на денешното одбележување на 62-та годишнина од атентатот врз Кенеди, американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги објави сите поврзани записи според Законот за евиденција на Џон Ф. Кенеди од 1992 година. Токму по наредба на Трамп претходно годинава беа декласифицирани материјали поврзани со атентатот на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди во 1963 година.
– Тоа се многу информации, а вие сами ќе донесете одлука – им рече Трамп на новинарите во таа пригода, најавувајќи дека ќе бидат објавени документи на вкупно 80 илјади страници.
Трамп непосредно по преземањето на претседателската функција во јануари потпиша наредба поврзана со објавување на документите, што резултираше со откривање илјадници нови документи од страна на Федералното истражно биро (ФБИ), поврзани со атентатот на Кенеди во Далас.

Дали ЦИА знаела повеќе за Освалд отколку што открива?

Се смета дека документите би можеле да содржат информации дека ЦИА била свесна во поголема мера за Освалд отколку што претходно открила. Досиејата што откриваат дека ЦИА не споделила разузнавачки информации за Освалд со ФБИ би биле „голема приказна“, вели Џералд Познер, автор на книгата „Затворен случај: Ли Харви Освалд и убиството на ЏФК“, во која се заклучува дека Освалд дејствувал сам.
– Прашањето за мене не е дали ЦИА била соучесник, туку дали ЦИА била несовесна – рече Познер во изјава за американски медиуми.
Тој истакна дека остануваат отворени прашањата за тоа што знаела ЦИА за посетите на Освалд во Мексико Сити шест недели пред атентатот. За време на тоа патување, Освалд ја посетил и советската амбасада. Познер додаде дека неговите главни прашања за илјадниците нови досиеја се: Кои се тие и како на ФБИ му биле потребни 62 години да ги најде?
Барбара Пери, кодиректорка на претседателската програма за усна историја во центарот „Милер“, филијала на Универзитетот во Вирџинија, рече дека ЦИА можеби го следела Освалд.
Убиството на Кенеди му се припишува на еден стрелец – Ли Харви Освалд, што Министерството за правда и други федерални агенции го потврдија оттогаш, но, испитувањата на јавното мислење покажуваат дека многу Американци веруваат оти атентатот на американскиот претседател е резултат на заговор.
Во обид да се усогласи со наредбата на Трамп, Министерството за правда на САД им нареди на дел од своите адвокати што се занимаваат со чувствителни прашања за националната безбедност итно да ги разгледаат документите од атентатот.
Претседателот Трамп претходно вети дека ќе објави и документи за атентатите на активистот за граѓански права Мартин Лутер Кинг Помладиот и на сенаторот Роберт Кенеди, кои беа убиени во 1968 година. Трамп обезбеди повеќе време за да развие план за објавување документи поврзани со овие два случаја. Р.С.