СПЕЦИЈАЛНО ИЗДАНИЕ НА ПАРИСКИ „ЛЕ МОНД“ – ГОДИШЕН БИЛАНС НА СВЕТОТ
- Во специјалното издание на париски „Ле монд“ на 220 станици се наведуваат предизвиците со кои се соочуваат светот, Европа, Франција и секоја земја поединечно, при што за Македонија „Ле монд“ вели дека „нејзините соседи може да стават вето на секој чекор од нејзиниот процес на пристапување во ЕУ“!
Mакедонија доживеа клучна политичка година во 2024-та со победата на националната алијанса за Македонија – ВМРО-ДПМНЕ на претседателските и парламентарните избори одржани на почетокот на мај, капитализирајќи го заморот на Македонија од владејачките социјалдемократи, пишува „Ле монд“, додавајќи дека партијата направила силен камбек, победувајќи со голема разлика на изборите.
„Ле монд“ притоа потсетува дека, покрај ветувањето оти ќе се борат против ендемската корупција во оваа балканска земја, новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова и новиот премиер Христијан Мицкоски ветија дека ќе се спротивстават на притисокот од Грција и Бугарија, кои го попречуваат патот на Македонија кон Европската Унија (ЕУ), од причини поврзани со идентитетот и со историјата.
– Новото мнозинство, сепак, сè уште треба да докаже како може успешно да ја движи С. Македонија кон ЕУ без да попушти пред барањата на соседите, кои може да стават вето на секој чекор од процесот на пристапување – се заклучува во краткиот преглед за политичката ситуација на Македонија од страна на „Ле монд“.
Проширување на ЕУ: Искушението за подинамична интеграција на
новите земји членки
Иако Брисел го поздравува напредокот постигнат од Црна Гора и Албанија, кандидати за членство во ЕУ, таквото проширување останува хипотетичко. Се предлагаат различни идеи за надминување на резервите изразени во некои земји членки, како што е спроведувањето динамичен фазен процес на пристапување.
Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, прашањето за проширувањето на ЕУ повторно стана политички приоритет за 27-те земји членки. Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, го повтори тоа на 4 ноември, за време на објавувањето на годишниот извештај за подготвеноста на земјите кандидатки, велејќи: „Порешителни сме од кога било да го направиме проширувањето на ЕУ реалност. Бидејќи поголема ЕУ значи посилна и повлијателна Европа на меѓународната сцена“.
Париски „Ле монд“ го издвојува сѐ уште актуелниот став на Европската комисија (ЕК) дека „Босна и Херцеговина, Србија и Македонија сѐ уште се далеку од достигнување на потребното ниво на подготвеност, ЕУ сè уште официјално не ги започнала преговорите со Украина и Молдавија и покрај значителниот напредок, а две земји се исклучително далеку напред: Црна Гора и Албанија“. Но, она што го нагласува „Ле монд“ е дека „за првпат по повеќе од петнаесет години, Комисијата го смета проширувањето за – реална можност“!
Сепак, голем број политички пречки во моментов спречуваат каков било значаен напредок. Прво, сегашната структура на ЕУ, како што е дефинирана со договорите, е несоодветна за можноста за значително проширување до 2030 година, особено во однос на донесувањето одлуки. Условот за едногласност и одржувањето на правото на вето за секоја земја членка за надворешна политика, како и условот за еден комесар по земја членка, сега се главни пречки. Иако Франција, Германија, Португалија и Литванија дадоа неколку предлози за реформи во последниве години, Европската комисија сè уште не дала никакви внатрешни предлози.
Тоа е така затоа што прашањето е исклучително политички чувствително. Проширувањето не се гледа позитивно во некои земји, особено во Франција и во Германија. Само 43 отсто од Французите и 49 отсто од Германците го поддржуваат, во споредба со просекот од 56 отсто на европско ниво, според истражување на Евробарометар од септември. Во овој контекст, како може да се олесни интеграцијата на новите членки, а наедно да се обезбеди поддршка и од населението и од лидерите на сегашните земји членки?
Идејата за интеграција, дискутирана во разни аналитички центри во изминатата деценија, повторно е во центарот на вниманието.
– Бидејќи проширувањето станува приоритет, особено политички, ЕУ не може да остане на бинарен систем: ниту внатре ниту надвор. Мора да најдеме патишта за земјите кандидати на начин што ќе ги охрабри овие држави и ќе ги увери оние во ЕУ што се плашат дека се движиме пребрзо – нагласува Себастијан Мајард, специјален советник во институтот „Жак Делор“, во изјава за париски „Ле монд“.
Воспоставување „период на ангажман“
Една идеја, откриена од веб-страницата „Политико“, го раздвижува Брисел, особено во последните недели: прием на нови држави во ЕУ, а наедно да им се одземат некои од правата што ги уживаат сегашните земји членки. Еден вид статус со намалена стапка. Новодојденците ќе ги добијат сите овие права само откако ЕУ ќе ги реформира своите институции. Албанскиот премиер Еди Рама на 21 октомври во Лондон изјави дека не е против таа идеја.
Сепак, Комисијата не изгледа многу ентузијастички за тоа.
„Не треба да создаваме две различни категории“, инсистираше Марта Кос, европската комесарка за проширување. „Создавањето земји членки од втор ред е неприфатливо. Лишувањето некои новодојденци од нивното право на вето, на пример во надворешните работи, е непрактично“, изјави еден европски дипломат. „Ништо сериозно“ не е на маса, додаде втор дипломатски извор.
„Оваа идеја не е особено добро прифатена“, потврдува Себастијан Мајар за „Ле монд“.
Од друга страна, за други моментално се дебатира во аналитичките центри: како што е создавањето нов статус на придружна земја членка на ЕУ. За кандидатите најблиску до ЕУ, ова би можело да биде прифатлив чекор и би испратило јасен политички сигнал надвор од Европа. Тоа би личело на период на ангажман, еден вид преодна фаза пред полноправно членство. На пример, во Германија, ЦДУ (Христијанско-демократската унија) и СПД (Социјалдемократската партија) ја вклучија оваа идеја во нивниот договор за владина коалиција.
Понатаму, „некои земји кандидати веќе учествуваат во политиките на ЕУ како да се веќе членки“, истакнува Мајард. На пример, Комисијата ја вклучи Црна Гора во Единствената европска платежна зона (СЕПА) и се подготвува да ја интегрира земјата во системот што ги елиминира трошоците за роаминг за телекомуникации.
Конечно, „кога земјите кандидати преговараат за своите договори за пристапување, ЕУ може да преговара за транзициски периоди за одредени сектори“, потсетува Марта Кос. „Ова е релативно вообичаено, барем од пристапувањето на Шпанија“, додава Мајард. Кога земјите од Централна и Источна Европа се приклучија, земјите членки воведоа транзициски период пред да ги пречекаат работниците од овие земји на нивниот пазар.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција



































