Кејот, нашиот Хајд парк

Во просторната семиотика има и еден дел што се занимава со психолошките вредности на просторот. Сè почесто и во популарните списанија ќе го сретнете името на Едвард Хол и неговите сознанија што е интимен, личен, а што јавен простор, и на колку сантиметри од вас треба да стои соговорникот, во зависност дали сака интимна, блиска или социјална комуникација. Сè почесто се среќава и онаа поделба на просторите на ЦЕНТРИФУГАЛНИ (кои отфрлаат, разединуваат) и ЦЕНТРИПЕТАЛНИ (кои привлекуваат, обединуваат луѓе). За првите нема подобар пример од чекалниците, шалтерските сали, судовите (таму луѓето не можат да се „наберат“ во толпа, да се гушнат и држат за раце, туку мора да се држат „во редица“). За вторите има примери од секоја генерација – за татко ми тоа биле кафеаните („Букет“, „Јоле“), во мојата младост тоа беа дискотеките, џез-клубовите, за генерациите по мене тоа беа – кафулињата и првите интернет-кафеа… А за денешниве? Освен кафулињата, дали нивни омилени центрипетални простори стануваат и општинските партиски разграноци?

Се разбира, нема ништо лошо во тоа. Секој има право да си го организира своето слободно време како што сака. И токму затоа, ќе се потсетам како ние си го организиравме слободното време и кој ни беше омилениот (центрипетален) простор.
Се сеќавам дека првпат го слушнав името на тој простор во првата година од гимназијата. Тоа се викаше „на кеј“. Попладне ќе се видиме „на кеј“. Под тоа се подразбираше – кај Камениот мост на Вардар, и тоа на потегот од ЦЕ-КА (денешната зграда на Владата), десно, до отприлика онаа точка каде што се наоѓа „Холидеј ин“. И денес, кога минувам таму, забележувам дека некои од нашите „симболи“ од тоа време – преживеале. Можеби некој ги обновувал, не знам, ама знам дека до пред некоја година таму стоеше она „А“ за анархија, и знакот на хипи-движењето. Имаше и еден едноставен натпис „Ана, те сакам“, а своевремено таму се испишуваа цели стихови од песните на „Дорси“, Џон Ленон, но и мисли од Херман Хесе и други „еретици“ по однос на социјалистичкиот свет.
Што нè собираше таму? Ако се земе предвид дека денешниве млади одат во партиските разграноци затоа што таму ги собира ЕДНА ИСТА политичка идеја (на пример, идејата за евроинтеграција), нас не нè собираше таму некоја кристализирана идеја. Напротив: ние бегавме од една и единствена партиска идеја, онаа социјалистичко-комунистичката, која ја чувствувавме по школите, како стремеж кон униформност (за што пишував во минатата колумна). Нè собираше еден доста нејасен бунт кон таа социјалистичка униформност, презир кон социостереотипите (на пример, дека успешен млад човек е „дебел канцелариски тип“), гнев пред бирократијата, желба за освојување нови простори во закостенетата уметност. Секоја уметничка генерација чувствува таков гнев кон претходниците, и тоа е подобро од сервилната почит кон традицијата. Беше тоа една маглина, една нејасна небула од симболи кои, важно, им беа спротивставени на симболот на петокраката и на симболот на српот и чеканот: имаше тука хипи-симболи, симболи на анархија, симболот за мистичната рамнотежа на јин и јанг, па дури и христијански симболи (имаше прекрасен графит со крст и Исус на него, а тој Исус многу личеше на Џим Морисон). Од тие нешта не можеше да се сочини една конзистентна филозофија, а камоли идеологија, и затоа постарите што минуваа таму и гледаа што правиме (а свиревме гитари, разменувавме плочи и книги, се облекувавме необично и носевме подолги коси, а некои веќе и пушеа), велеа: „Ма не знаат што сакаат, збеснати, сè добиле и сè имаат… Ова ли е таа младина за онаа држава со сигурна иднина?“ (мисла на Јосип Броз).
И, се разбира, нè собираше тоа што таму доаѓаа силни индивидуалци – се сеќавам дека во гимназијата се говореше за некој сликар, Ацо Депресија, кој бил генијален ама не се вклопувал во социјалистичките уметнички шаблони. За него се говореше со таква почит, како за гуру, како за наш далај-лама. Подоцна го запознав Александар Станковски, денес познат и признаен сликар (имаше дури и изложба во МАНУ), и мене ми е симпатично како сме се бореле за место под небото, а како полека сега тоа место што сме го добиле некој друг го посакува, чувствувајќи дека и ние сме веќе „закостенети“. Татковци и деца, стари и млади, не ретко и едни против други – вечни теми, кои животот го прават убав.

Но, забележувам дека денес младите за центрипетални простори сè почесто избираат – ентериери. Ние избравме – екстериер. Оние што се разбираат од психопроксемика знаат на што мислам – со Клод Леви Стросовски антрополошки вокабулар кажано, ние на едно општество му ја спротивставивме – природата. Природа наспроти една култура со ригиден општествен поредок, кој, за чудо, беше одлично организиран во економска смисла – Југословените, како што нè викаа странците (иако никогаш не се воспостави југословенска нација), не беа гладни како Романците, на пример. Но, очигледно беше, од самиот избор на екстериер за омилено место, дека НИ ТРЕБА ВОЗДУХ, дека се задушуваме во една прецизно разработена машинерија настроена да прави воени паради, успешни канцелариски типови, да го научи човек да маршира (а за тоа не му е потребен голем мозок, доволен му е и само ‘рбетен). Освен тоа, тука беше Вардар: самата река симболизираше проток, борба против мочуриште и застоеност, бунт против хорско крекање на жаби.
Всушност, она што таму нè собираше беше желбата за ПОЛЕМИКА. А тоа е уште еден мртов збор во новиот прекрасен свет. Се сеќавам дека некој донесе книги од Херман Хесе. Хесе некои го сметаа за Господ. Но, некој се спротивстави: рече дека тој пишува намерно неразбирливо, затоа што се држи до кич-девизата „колку понеразбирливо, толку уметнички повредно“. „А тоа е принципот и на лажниот модернизам во социјализмот, но и на некои политичари-говорници“, рече друг. Уф, тоа беше сериозен удар врз Хесе! Но јас и денес мислам дека има зрно вистина во тоа што се рече. Трет пак рече: „Ма, тој е атеист. Нема ни грам божја добрина во неговите дела, како што има кај Достоевски. Спротивен е и на христијанството и на хипи-движењето“. Тоа беа сериозни полемики. Завршуваа и со лутење, ама никогаш не со навреди или пцости. Денес нема полемика, нема аргументи. Денес, на социјалните мрежи, партиски ботови, седнати во удобен ентериер, се пцујат, навредуваат и кодошат без никакви аргументи. За хонорари, а ние полемизиравме бесплатно.
Што излезе од сета таа маглина што вриеше како младо недозреано вино? Па вака: излегоа писатели, сликари, филозофи, психијатри (мојата прва љубов денес е европски позната психотерапевтка), а некои се замонашија и се врвни духовни лица. Излезе букет на ДИВЕРЗИТЕТ (да се послужам со една флоскула на современиот прекрасен свет). А што излегува од центрипеталните простори на партиските штабови? Само едно: млад политикант кој мисли дека е политичар. И знае само едно: да опстане на власт по секоја цена. Повеќе им се воодушевувам на младите што избираат кладилница како центрипетален простор одошто партиски штаб. Поарно игра на среќа одошто cheating.
Кејот не е мртов, ене го, стои уште таму. А Вардар и натаму си тече, од кај Владата (некогашна ЦЕ-КА) накај Егејот. Не ме чуди, ако под жестоката денешна идеолошка пресија за униформност (по ништо не се разликува од комунистичката, освен што е навидум плуралистичка и дигитализирана), некој ден, минувајќи таму, видам млади луѓе со гитари и книги, како полемизираат. Нема да им забележам, иако стареам. Ќе застанам и ќе викнам: „Браво деца, извикувајте: нон пасаран, медиокритети!“