Фото: Доналд Трамп/Официјален фејсбук профил

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на сопствената социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social) објави дека трговските бродови почнале да се движат низ Ормускиот Теснец, а платформата „Морски сообраќај“ наведе дека бродовите уште се во мореузот.

Трамп тврди дека бродовите се движат по „јужниот пат“, кој, според него, е целосно безбеден и заштитен.

Неговата објава е пред најавеното потпишување меморандум за разбирање помеѓу Техеран и Вашингтон, што е предвидено да се одржи в петок во Швајцарија. Документот предвидува целосно отворање на Теснецот, деблокирање на иранските пристаништа и укинување на санкциите за иранската нафта заедно со истовремено прекинување на сите воени активности во регионот.

Но, според најновите сателитски податоци од специјализираната платформа „Морски сообраќај“ (MarineTraffic), 500 големи комерцијални бродови или стојат или бавно маневрираат во оваа област чекајќи го петок со најавеното историско отворање на овој морски премин.

Податоците од системот за следење бродови покажуваат дека во областа се наоѓаат повеќе од 230 големи танкери, над 250 товарни брода и голем број помали бродови.

Дури 70 проценти од мапираните танкери во моментот се целосно стационарни и закотвени на стратешки позиции. Многу од нив се групирани во близина на главните терминали за извоз на нафта во Саудиска Арабија, Ирак и Обединетите Арапски Емирати, каде што поминаа голем дел од изминатиот месец поради војната. Експертите забележуваат дека вистинскиот број на бродови во регионот е веројатно многу поголем бидејќи многу трговски бродови сè уште не ги емитуваат своите локации на јавните системи од безбедносни причини.

Од друга страна, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс денеска изјави дека се надева оти текстот на договорот за завршување на војната со Иран и повторно отворање на Ормускиот Теснец ќе биде објавен оваа недела.

Тој додаде дека продолжуваат преговорите за деталите од договорот.

– Очекуваме Ормускиот Теснец да биде отворен подолг временски период и преминувањето низ неа да биде бесплатно. Токму тоа ќе треба да го решиме во овие технички разговори. Постојат многу важни детали што треба да се разработат. Ќе седнеме на преговарачка маса, ќе разговараме за нив заедно и ќе најдеме пат – посочи Венс.

Тој наведе дека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, ќе ја претставуваат Исламската Република на потпишувањето на договорот во Швајцарија в петок.

Но, Венс не прецизираше кој ќе ги претставува САД на церемонијата на потпишувањето на договорот.