Министерството за јавна администрација и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, денеска потпишаа Меморандум за соработка и ја промовираа новата онлајн алатка за е-учење за човекови права, наменета за административните службеници.
Целта на иницијативата е дополнително да се зајакнат знаењата и капацитетите на јавната администрација во областа на човековите права и нивната примена во секојдневното работење на институциите.
На настанот се обратија министерот за јавна администрација Горан Минчев, амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, и Барбара Лигл, лидерка на Компонента 4 во рамки на проектот.
Министерот Минчев истакна дека квалитетот на јавната администрација не се мери само преку законите и прописите што ги спроведува, туку и преку довербата што ја создава кај граѓаните.
– Довербата во институциите се гради кога граѓаните чувствуваат дека системот ги почитува нивните права, постапува правично и обезбедува еднаков третман за сите. Токму затоа знаењето, професионалноста и одговорноста на административните службеници се од суштинско значење за функционирањето на едно демократско општество – рече Минчев.
Тој нагласи дека реформите во јавната администрација не подразбираат само нормативни измени, туку и создавање култура на континуирано учење, професионален развој и зајакнување на институционалните капацитети.
Новата алатка за е-учење ќе биде достапна преку системот за електронско учење (ЛМС) на Министерството за јавна администрација и ќе овозможи административните службеници преку интерактивни содржини да ги унапредуваат своите знаења за еднаквост, недискриминација, отчетност и почитување на човековото достоинство.
Од Министерството соопштија дека на настанот било истакнато и значењето на континуираното следење и спроведување на препораките на националните и меѓународните механизми за заштита на човековите права, како и нивното поефикасно интегрирање во работата на јавниот сектор.
Промовираната платформа е дел од пошироките активности за модернизација на јавната администрација и е во согласност со Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, која предвидува изградба на професионални, транспарентни и ефикасни институции во служба на граѓаните.



































