Фото: Влада

Новата фабрика за производство на опрема за спортови на вода и ветер „Брејнчајлд“ во индустриската зона Жабени во Битола претставува инвестиција вредна околу 11 милиони евра и обезбедува работа за 230 лица, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешното свечено отворање.

Тој оцени дека станува збор за значајна инвестиција што носи додадена вредност за македонската економија и претставува пример за успешна соработка меѓу државата и приватниот сектор.

 – Секогаш кога се гради нешто ново, целта е да се подобри квалитетот на животот на граѓаните. За мене претставува чест што денеска сум овде со луѓето кои создаваат и инвестираат. Оваа иницијатива започна на почетокот од мандатот на Владата, а денеска сме сведоци на нејзината реализација – изјави Мицкоски.

Премиерот најави дека наскоро ќе бидат претставени уште две нови инвестиции во индустриската зона Жабени, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи да поддржува проекти кои отвораат нови работни места и придонесуваат за економски раст.

Тој му честиташе на сопственикот на компанијата за одлуката да инвестира во Битола и посочи дека градот и државата имаат традиција на гостопримство и поддршка на инвеститорите.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, оцени дека отворањето на фабриката е уште една потврда за развојот на индустриската зона Жабени.

 – Во последните години тука се реализирани повеќе инвестиции, а на седум јавни наддавања се продадени повеќе од 20 локации. Ова покажува дека интересот за инвестирање во Битола расте – рече Коњановски.

Тој посочи дека компанијата произведува специјализирана опрема за спортови на вода, а нејзините производи ги користат врвни спортисти ширум светот.

Сопственикот на „Брејнчајлд“, Ралф Гросел, истакна дека новата фабрика претставува важна пресвртница во развојот на компанијата и во нејзиното проширување на европскиот пазар.

 – Во Битола изградивме еден од најиновативните производствени капацитети за ваков вид опрема во светот. Користиме најсовремени технологии и поставуваме нови стандарди во индустријата – изјави Гросел.

Тој потсети дека компанијата пред пет години во Битола отворила центар за истражување и развој, кога го препознал потенцијалот на земјата и нејзиниот економски напредок.

Фабриката располага со современа производствена хала со површина од 3.500 квадратни метри и е изградена според современи еколошки стандарди.