Премиерот Христијан Мицкоски очекува значително намалување на цените на горивата следната недела, откако по постигнувањето на договорот меѓу САД и Иран започна пад на цените на нафтата на светските берзи.
Одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на фабриката „Бреинчајлд“ во индустриската зона Жабени кај Битола, Мицкоски изјави дека одлуката што треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика се темели на движењата на цените од минатата седмица, кога нафтата беше поскапа.
– Според нашите калкулации, очекувам цените на дизел-горивата да останат речиси непроменети, во рамки на половина денар, додека кај бензините е можно зголемување од околу денар и пол до два денари. Но, веќе следната недела очекувам позначително намалување, бидејќи од денеска цените на нафтата и нафтените деривати на светските берзи драматично опаднаа – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека цената на суровата нафта во текот на денот се движела меѓу 82 и 83 долари за барел и оцени дека смирувањето на состојбите на Блискиот Исток позитивно ќе се одрази врз пазарите.
Премиерот нагласи дека Македонија и понатаму има едни од најниските цени на горивата во регионот.
– Тоа особено се чувствува во Битола, каде што на одредени бензински станици прометот е зголемен за околу 50 проценти поради граѓани од нашиот јужен сосед кои доаѓаат да точат гориво кај нас – рече Мицкоски.
Тој додаде дека во изминатите месеци државата успеала да обезбеди доволни количини гориво и да избегне какви било ограничувања или рестрикции во снабдувањето.
– Не дозволивме да има недостиг на гориво на бензинските станици, ниту го ограничивме извозот. Напротив, нашите капацитети беа достапни и за граѓаните од соседните земји – истакна премиерот.
Според Мицкоски, доколку договорот меѓу САД и Иран биде конечно потврден и стави крај на повеќемесечните тензии, тоа ќе значи стабилизација на енергетските пазари и постепено намалување на ценовните притисоци.
– Можеме да бидеме задоволни од начинот на кој се справивме во овие исклучително предизвикувачки времиња. Не паничевме, туку работевме и дојдовме до оваа цел – порача Мицкоски.


































