Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека се покажале како неточни тврдењата на опозицијата за наводен прилив на мигранти во земјава и најави дека Владата продолжува со подготовките за изградба на брзата пруга на Коридорот 10, како дел од проектите финансирани преку Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
Одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на Дом за стари лица во општина Илинден, Мицкоски рече дека физибилити студијата и студијата за влијание врз животната средина за железничкиот проект треба да бидат завршени најдоцна до јули.
– Доколку сè биде во ред, потоа ќе следува законска процедура во Собранието, а од есен можеме да започнеме со активности на терен според принципот ‘жолт ФИДИК – изјави премиерот.
Тој повторно ги отфрли обвинувањата на опозициската СДСМ дека во државата ќе бидат сместени мигранти.
– Нема мигранти и нема неуспешни баратели на азил. Требаше уште во април да има бран од такви лица, а веќе сме средина на јуни. Тоа не се случи и нема ниту да се случи. Но ќе има брза пруга која ќе ги поврзе северната и јужната граница на државата – нагласи Мицкоски.
Во однос на критиките од пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи дека Владата манипулира со економските показатели, Мицкоски рече дека официјалните податоци на Меѓународниот монетарен фонд го покажуваат спротивното.
Според него, номиналната вредност на бруто-домашниот производ во првите две години од мандатот на актуелната Влада е за 560 милиони долари поголема од растот остварен во текот на седумте години на претходната власт.
– Тоа е факт што го потврдува ММФ, а не Владата. Дополнително, таа додадена вредност е постигната со задолжување трипати помало од она што го направи претходната Влада – изјави Мицкоски.
Тој оцени дека опозицијата селективно ги толкува економските показатели и додаде дека последниот извештај на ММФ за Македонија е „историски најдобар од осамостојувањето на државата“.


































