Весна Ставрова како предавач на седмиот симпозиум „Новини во алергологијата и клиничката имунологија 2025“

РАЗГОВОР СО ВЕСНА СТАВРОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ФАРМАЦЕВТСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА, ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ФАРМАЦЕВТИТЕ – 25 СЕПТЕМВРИ

  • Нашата филозофија е прв интерес да ни биде благосостојбата на пациентите. Јас сум првиот претседател на Фармацевтската комора што доаѓа од базата, односно од аптека, каде што секојдневно придонесуваме во решавање на проблемите на пациентите и соработуваме со институциите на здравствениот систем во Македонија, вели Весна Ставрова, претседателка на Фармацевтската комора на Македонија, по повод Светскиот ден на фармацевтите – 25 септември

Живко Здравкоски

Во услови на едноставен пристап до информации од каков било вид, фармацевтот во Македонија денес околу 73 отсто од своето време го посветува само на издавање лекови. Тој процент мора да се намали, бидејќи тенденцијата на развој на фармацевтската професија е да им обезбеди соодветна информација на пациентите и на другите здравствени професионалци, уште и да нуди дополнителни високопрофесионални здравствени услуги во дел од аптеките, вели во интервју за „Нова Македонија“ Весна Ставрова, претседателка на Фармацевтската комора на Македонија (ФКМ), која е основана во 1992 година и сега има околу 3.500 члена, по повод Светскиот ден на фармацевтите – 25 септември, кој се одбележува денеска.

Ставрова е долгогодишна редовна учесничка, често е и еминентна предавачка, на голем број стручни и специјалистички фармаколошки и други медицински, симпозиуми и конгреси. Таа е дипломирана фармацевтка, специјалистка по фармакоинформатика. Ставрова осум години работела во ЈЗУ „Св. Кирил и Методиј“, популарната Студентска поликлиника. Таа потсетува дека во 2004 и 2005 година интензивно почна да се спроведува реформата на примарната здравствена заштита, со нејзина трансформација од јавниот во приватниот сектор по принципот на концесионерство на јавните услуги од страна на приватни здравствени установи. Тој процес заврши во 2007 година, со што сите јавни аптеки во Македонија беа приватизирани. Во текот на таа трансформација, Ставрова била еден од првите фармацевти што преминале од јавна во приватна здравствена установа. Во 2005 година основала приватна аптека, така што последниве дваесет години своето искуство, како фармацевт и човек, им го пренесува на своите колеги во приватниот сектор.

Претседателката на ФКМ укажува дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, објавен во „Службен весник“ лани во февруари, е дополнет членот 89 од Законот за здравствена заштита, со што се прошири опфатот на услугите што можат да се вршат во аптеките.
– Со ова законско решение се создаде основа на аптеките, како на здравствени установи, доколку ги исполнат условите по однос на простор, опрема и стручен кадар, да им се даде можност, освен постојните, да вршат и превентивни и други услуги поврзани со терапијата со лекови. Ова придонесува за подигање на нивото на фармацевтската професија и приближување на нашите аптеки кон здравствените услуги што веќе одамна ги вршат аптеките во дваесетина земји од Европската Унија. Стручни лица од надлежните здравствени институции подолго време темелно работат на подготовка на подзаконски акти со кои ќе се овозможи нормативна основа за практична примена на горенаведениот дополнет член 89. Целта е на оние аптеки во кои тоа ќе биде изводливо да им се овозможи на пациентите што ќе имаат таква потреба, да им биде измерен шеќерот во крвта, да го проверат крвниот притисок, да можат да прават тестови за потврда на одредени дијагнози – појаснува Ставрова.

Угледната фармацевтка напоменува дека откако ќе бидат подготвени подзаконските акти, а во ФКМ се надеваат дека тие би биле донесени најдоцна во текот на следната година, по одреден период, истите тие би требало да почнат практично да се применуваат во Македонија.
– Се надеваме дека во најкус временски период, во пракса, фармацевтите ќе можат да почнат да нудат такви дополнителни здравствени услуги. И според моето практично искуство, неопходни се и мошне корисни споменативе промени. Приоритет, откако пред повеќе од три години станав претседател на ФКМ, ми беше, е, а ќе ми биде и понатаму, и кога повеќе нема да бидам на оваа функција, да се прошири листата на здравствени услуги, од што сите ќе имаат придобивки. Отсекогаш се стремев овие услуги, како во здравствените системи на повеќе земји така и кај нас, да бидат нормативно уредени. Во ФКМ сите заедно се стремиме да ги завршиме многуте поставени цели – вели Ставрова.

Нашата соговорничка додава дека Комората е самостојна професионална организација на фармацевтите, а членувањето во неа е обврска и чест за сите фармацевти.
– Како претседателка на ФКМ, секогаш се залагам за тимска работа бидејќи членството е хетерогено по својата структура и, следствено на тоа, различни се интересите и понудените решенија за многу наши проблеми. Сето тоа бара многу енергија и исклучителен ангажман во соработката со институциите што се надлежни за решавање на проблемите. Благодариме на надлежните институции, пред сѐ на Министерството за здравство, Фондот за здравство и Агенцијата за лекови МАЛМЕД, за одличната соработка и што ги препознаваат ФКМ и нашите заложби за унапредување на фармацевтската дејност како кредибилен партнер во креирањето на дел од здравствените политики во Македонија. Со нашиот професионален пристап кон пациентите и нашата пожртвуваност, се трудиме да ја унапредиме фармацевтската дејност – укажува Ставрова.

Таа нагласува дека е специфична улогата на фармацевтот во давање на фармацевтската здравствена заштита.
– Нашата филозофија е прв интерес да ни биде благосостојбата на пациентите. Јас сум првиот претседател на Фармацевтската комора што доаѓа од базата, односно од аптека, каде што секојдневно придонесуваме во решавање на проблемите на пациентите и соработуваме со институциите на здравствениот систем во Македонија. Членови сме на успешна и професионално издигната асоцијација на фармацевти, кои со својот труд, волја и заложби направија и прават сѐ што како надлежност ни е утврдено со Законот за здравствена заштита. Во моето професионално искуство, близу триесет години работам во аптека, ги запознав(ам) сите проблеми со кои се соочуваат фармацевтите и пациентите – напоменува Весна Ставрова за „Нова Македонија“.
Претседателката на ФКМ нагласува дека високопрофесионалниот однос на фармацевтите, севкупната грижа, првенствено за остварувањето на правата пред сѐ на пациентите, но и на фармацевтите, и нудењето високопрофесионални здравствени услуги се основа што има огромна улога во градењето на добрите резултати што ги чувствуваат фармацевтите и пациентите во аптеките, како и во болниците. Ставрова потенцира дека тие им го пренесуваат огромното аптекарско искуство на идните генерации фармацевти и дека се спрегата меѓу лекарите и пациентите. Таа вели дека тие резултати се плод на трудот на фармацевтите, тие се гордеат на резултатите и истите тие се видливи. Имаат прекрасна, благородна и над сѐ хумана професија, на која треба да се горди и треба да продолжат да ја негуваат љубовта кон неа.

Ставрова напоменува дека концептот на фармацевтската здравствена заштита (pharmaceutical care) се однесува на одговорно обезбедување на терапијата со цел постигнување резултати што ќе го подобрат квалитетот на животот на пациентот.
– Тие резултати подразбираат излекување на болеста, елиминирање или редукција на симптоматологијата на пациентот, престанок или забавување на процесот на болеста, односно превенирање од болест, и подобар исход од секој третман на болеста.
Фармацевтската здравствена заштита е примарно насочена кон обезбедување директен бенефит на самиот пациент, при што фармацевтот е одговорен, директно на пациентот, за квалитетот на дадената фармацевтска здравствена заштита. Оваа тесна соработка на фармацевтот со пациентот е со цел за заедничка корист: пациентот му гарантира авторитет на фармацевтот, а фармацевтот гарантира компетентност и обврска (ја прифаќа одговорноста) кон пациентот. Финално, овој концепт на фармацевтската здравствена заштита го максимизира уделот на фармацевтите во намалување на трошоците на здравствената заштита, преку намалување на: медицинската несоодветност (предозирањето), суптерапевтските дози, несоодветниот избор на лек, интеракциите на лековите, несаканите ефекти на лековите, како и преку зголемување на соработката (compilance) со пациентите – вели Ставрова за „Нова Македонија“.

Таа посочува дека посебен успех, во вкупната долгогодишна заложба на членовите на Фармацевтската комора, се изедначувањето на фармацевтската здравствена дејност со медицинската и стоматолошката дејност во нашиот единствен здравствен систем и поставувањето заеднички основи и правила во тој систем, а со тоа и изедначувањето на фармацевтите во нивниот статус со докторите на медицина и докторите на стоматологија.

Ставрова вели дека најголем успех на ФКМ е тоа што, по околу 12 години нивна работа (и тие значајно придонеле за него), е подготвен предлог-закон за фармацевтска здравствена дејност, прв ваков закон во здравствената историја на Македонија во кој се содржани одредби што се однесуваат на содржината и условите за вршење на фармацевтската здравствена дејност како дел од здравствената дејност во нашиот здравствен систем. Таа посочува дека откако ќе биде донесен законот за фармацевтска здравствена дејност, истиот тој во одредени области ќе има паралелна и соодветна примена со некои одредби од Законот за здравствена заштита и Законот за лекови и медицински средства. Ставрова укажува дека продолжуваат со активностите бидејќи фармацијата е преполна со предизвици.