Како да се постави Македонија кон воените сојузи Косово-Албанија-Хрватска и Србија-Унгарија-Словачка? Дали е најдобро да задржи растојание кон двата воени блока? Или да негува поблиски односи со некој од сојузите, според политичко-безбедносната процена во пакет со националниот интерес, плус членството во НАТО? Македонската држава има извонредни политички односи, културно-историски и други врски со Хрватска, но има одлични политички и други односи и со Србија.
Гледано отстрана, партиципиентите во начелно спротивставените воени пактови имаат меѓу себе многу нерасчистени сметки од поблиското и подалечното (воено) минато, а и сега на моменти се во фаза на непрогласено непријателство… Како да се гледа на оваа регионална појава, која можеби некогаш ќе натежне да се решаваат меѓудржавните односи не само преку ѕвечкање туку и со активирање на оружјето?!
Некои аспекти од зголемениот број воени сојузувања во регионов
Дали новите воени сојузи на Балканот носат (единствено) нови закани за безбедноста, стабилноста и регионот, нови воено-политички и безбедносни турбуленции или и нешто друго?! Факт е дека таквите сојузувања веќе поттикнаа нова регионална трка во вооружувањето – Косово ќе потроши повеќе од една милијарда евра за вооружување на своите Косовски безбедносни сили во следните четири години, а Србија од август лани до август годинава веќе договорила купување ново странско оружје за пет и пол милијарди евра…
Република Македонија е ставена пред сериозен предизвик, исполнет со многу дилеми: како да се постави кон овој нов развој на ситуацијата на Балканот? Затоа што сѐ уште се свежи сеќавањата на упадот на 600-700 припадници на Косовскиот заштитен корпус (УЧК) на територијата на Македонија и неговите борби во содејство со домашната ОНА на 10 и 11 август 2001 година против легитимните единици на македонската армија и полиција во реонот на Радуша – битка што се смета како најжестока во сиот воен судир од 2001 година. А токму Косово и неговите вооружени сили (поранешна УЧК или КЗК) сега се дел од поголем воен сојуз, и покрај експлицитните параграфи на ограничувања од овој домен на Резолуцијата 1244 на ООН…
Иако Македонија е членка на НАТО, што подразбира дека не е можна примена на засебен концепт на воено-политички пристап што би бил најкомпатибилен со карактерот на одбраната на државата, за македонската држава најдобро е, и заедно со НАТО, но и самата, будно да ги следи сите овие воени сојузувања на Балканот и да анализира и подготвува.
Кој е одговорот на воените аналитичари на прашањето: Зошто се раѓаат балкански воени блокови?
Во својата анализа со наслов „Стратегиски преуредувања на Балканот: Нови сојузи, стари стравови“, објавена во турскиот весник „Дејли сабах“ на 1 април годинава, д-р Зоран Иванов нагласува дека на Балканот оживуваат воени блокови водени од етничка припадност, национализам и историја и оти при сето тоа НАТО и ЕУ се тргнати настрана.
– Балканот требаше да биде приказна за успех на либералите, но стана случај на стратегиската недоверба. НАТО и ЕУ потрошија две децении, промовирајќи интеграција, владеење на правото и регионална соработка. Но денес, балканските држави го преобликуваат регионалниот поредок и создаваат нови воени сојузи надвор од институционалните рамки. Државите од Балканот повеќе не им веруваат на западните институции дека ќе обезбедат безбедност или стабилност. НАТО и ЕУ се тргнати настрана. Новите воени сојузи во Балканот ја разоткриваат растечката безначајност на НАТО и ЕУ во безбедносната архитектура на Балканот. И покрај тоа што има членови од двете страни на овие нови блокови, НАТО не беше консултирано во ниту една од иницијативите. ЕУ останува парализирана од своите внатрешни поделби и не може да зборува со еден глас за Косово или Србија – посочува д-р Иванов во својата анализа. Toj е воено-безбедносен експерт и поранешен директор на македонската Агенција за разузнавање од 2017 до 2019 година.
Иванов е категоричен дека на Балканот се случува политички и воено-безбедносен вакуум, кој се пополнува со создавањето на воените сојузи не заради соработка меѓу балканските држави туку заради нивна пресметка!
– Либералната теорија смета дека заедничките норми и институции го намалуваат конфликтот и создаваат патишта за соработка. Но во пракса овие институции се колебаат под тежината на внатрешното лицемерство и манипулацијата на либералните елити.
Либералниот концепт го изгуби својот кредибилитет
Унгарија, членка на НАТО и ЕУ, ги продлабочува врските со Србија – отворено неутрална држава – без последици. Косово и Албанија ја координираат меѓусебната воена интеграција под капата на НАТО, но без казни од НАТО. Основниот проблем е што либералниот поредок зависи од беспоговорната посветеност на тие правила. Откако клучните актери ќе почнат да заобиколуваат правила без последици, системот го губи кредибилитетот. На Балканот ова губење на кредибилитетот создаде вакуум, кој се пополнува не со соработка туку со пресметка – наведува овој експерт.
Зоран Иванов во својата анализа изнесува согледувања, за кои сметаме дека се од значење за Македонија за тоа како да се позиционира во овој, како што го нарекува тој, стратегиски поларизиран театар на претконфликтно престројување.
– Во тек е стратегиска поларизација. Што ќе се случува натаму зависи од тоа како ќе се развиваат овие сојузи – и како ќе реагираат надворешните сили. Иднината е полна со непознати и понепознати работи. Затоа, треба да бараме показатели за насоката во која ќе се одвиваат овие промени во оперативното опкружување. Регионот се дели на спротивставени табори. Албанија, Хрватска и Косово формализираат заедничка одбранбена позиција, по што можеби и ќе поканат други западни држави да се приклучат. Србија, Унгарија и Словачка ја продлабочуваат координацијата, можеби проширувајќи се на споделување разузнавачки информации и набавка на одбранбени средства. НАТО станува внатрешно фрагментирано, при што членовите спроведуваат противречни политики. Етничките и националистичките тензии растат, создавајќи жаришта низ Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора – предупредува авторот на анализата.
Свесни за предизвикот од локалните воени пактови, НАТО и ЕУ се обидуваат да ја вратат стратегиската контрола
Иванов заклучува: „свесни за опасноста, НАТО и ЕУ (притискаат да ја) вратат стратегиската контрола. ЕУ ги забрзува разговорите за пристапување со кандидатите од Западен Балкан, користејќи стимулации и санкции за спроведување на усогласувањето. НАТО бара транспарентност и консултации за билатерални одбранбени договори. Целта е да се спречи балканизацијата на НАТО. Ова бара политичка волја, која во моментов е во недостиг. НАТО и ЕУ, некогаш доминантни, станаа периферни актери во Балканскиот Регион. Самиот Балкан не е повеќе приказна за постконфликтна интеграција, туку е театар на претконфликтно усогласување. Ако НАТО и ЕУ не можат да се приспособат на оваа промена – ако продолжат да го третираат регионот како управувана периферија – тогаш ќе ги изгубат своите последни упоришта на влијание“.
Како Македонија ќе се постави во новосоздаваната воена архитектура
Значи, Македонија мора да ја бара насоката во која ќе се поставува во оваа балканска конфигурација. Познато е дека Балканот од поодамна се третира како буре со барут, што го полнат сега уште повеќе со нов експлозив, со нови артилериски системи, муниција, со авиони, тенкови, а веќе и со напаѓачки дронови. Експерти за „Нова Македонија“ укажуваат: „Косово планира да гради и фабрика за муниција од различни калибри, но и пристапува кон создавање заедничка воена единица со Албанија како јадро на некоја идна армија (сојуз) чиј габарит ги надминува потребите од габаритот на самото Косово! Самото тоа инфицира на некоја замислена државно-ентитетска структура од поголем габарит“!?
Како да се постави Македонија кон воените сојузи Косово-Албанија-Хрватска и Србија-Унгарија-Словачка? Дали е најдобро да задржи растојание кон двата воени блока? Или да негува поблиски односи со некој од сојузите, според политичко-безбедносната процена во пакет со националниот интерес, плус членството во НАТО? Македонската држава има извонредни политички односи, културно-историски и други врски со Хрватска, но има одлични политички и други односи и со Србија. А имајќи предвид дека дел од домашното население е од албанската етничка заедница, значителна според бројност, дали е исто така најупатно Македонија да не зазема страна ниту во случајот со Косово и Србија, и да се наоѓа на соодветно далечна дистанца и од нивните воени, политички и други искричења, кои можеби некогаш ќе пројават намера да ги „решаваат“ не само преку ѕвечкање туку и со активирање на оружјето?
Еден поглед кон таканаречениот СОФА-договор со Косово
Нашите соговорници, воено-политички аналитичари и универзитетски професори, сакаа да обрнат посебно внимание на таканаречениот СОФА-договор со Косово, кој го потпишал во 2021 година Зоран Заев во име на Владата на Македонија со тогашниот косовски премиер Албин Курти. Имено, тие издвојуваат дека со овој договор се „регулира“ статусот на Силите на безбедност на Косово на територијата на Македонија, така што им се овозможува влез, излез, привремен престој и минување (транзит) преку македонска територија. Но во случај на можен нов воен судир меѓу Косово и Србија, Македонија и против своја волја многу лесно би можела да биде вовлечена во него, со тоа што косовските воени единици би можеле да ја користат македонската територија, особено во оние подрачја каде што живеат Албанци. Веќе имаме доволно поуки и искуства од 10 и 11 август 2001 година кога Косовскиот заштитен корпус изврши воена агресија врз Македонија во реонот на скопска Радуша и водеше офанзивни борби заедно со тогашната македонска УЧК (ОНА) против македонските армиско-полициски сили. Директно кажано, овој крајно проблематичен СОФА-договор ќе мора сегашната Влада на Македонија веднаш да го раскине од превентивни и други причини.
Во анализата со наслов „СОФА – спогодба за зачинета регионална софра“, објавена во „Нова Македонија“ на 18 септември 2021 година, е содржана изјавата на професорот по меѓународно право д-р Игор Јанев, кој предупредува дека „СОФА-договорот е прв дел од тајниот план за конечна поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија, план што постои уште од 2017 година, временска рамка што се совпаѓа со изборот на Заев за премиер“!
– САД се запознаени со овој план. Албанците и Косовците имаат „зелено светло“. Дури и поранешниот шеф на ЦИА имаше пред неколку години изјава во врска со планот за „голема Албанија“. Планот за поделба на Македонија е крајната фаза во реализацијата на Тиранската платформа. Со овој план, покрај албанскиот премиер Рама, во тек е и лидерот на ДУИ во Македонија, Али Ахмети. Сè уште не е јасно дали процесот на отцепување ќе оди по мирен пат, како што е сега предвидено или ќе мора да има војна. Нејасно е како ќе реагира Србија, посебно од нивните стравови за „голема Албанија“ и дополнително од можните закани од „голема Бугарија“. И двете држави се традиционални непријатели на Србија. Во оваа смисла косовската војска има потреба и легално да биде во Македонија. Значи, СОФА-договорот е прв чекор нанапред во поделбата на Македонија, која ќе оди преку кантонизација, федерализација и конечен договор на Албанија со Бугарија за делови од територијата и границата, која ќе се дефинира по поделбата на Македонија. Договорот за поделба треба да дефинира кој дел од македонската територија ќе го земе Албанија, а кој дел треба да го анектира Бугарија – опиша едно можно опскурно балканско сценарио, професорот Јанев.
Посочуваме уште и на анализата на независната истражувачка организација „Центар за студии на Западен Балкан“, која нуди значајни согледувања за Македонија дека не треба да се потценуваат како „тигри од хартија“ новите воени сојузи во регионот, кој е веќе „распаднато заедничко безбедносно поле“.
– Глобалните геополитички турбуленции, уништувањето на стабилните меѓународни партнерства и зголемените безбедносни предизвици со кои се соочува Европа влијаат врз геополитички чувствителниот Западен Балкан. Чувството на несигурност и напорите за самостојно обезбедување на сопствената безбедност стануваат сè позастапени во регионот. Ова води кон фрагментација на безбедносниот пејзаж на Западен Балкан и формирање не само непријателски туку веќе и антагонистички кампови, односно сојузи. Во регионот постои тренд на потценување на постојните закани. Особено, се верува дека регионалните воени сојузи се само „тигри од хартија“ и оти дестабилизирачкиот потенцијал на надворешните актери останува многу ограничен. Распаѓањето на заедничкото безбедносно поле на Западен Балкан на одделни антагонистички, крајно спротивставени фрагменти и активирањето внатрешни и надворешни деструктивни сили во сегашната реалност може само да го турнат Балканот кон уште помалку безбедна и уште помалку стабилна ситуација – заклучува Центарот за студии на Западен Балкан во својата анализа.
Свето Тоевски