Скопскиот Регион (традиционално) има најголемо учество во бруто-домашниот производ на Македонија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Скопје и околината обезбедуваат најголема продуктивност, а имаат и највисоки плати. Низ годините разликите меѓу регионите наместо да се намалуваат, се зголемуваат. Речиси половина од економската активност во земјава се реализира во Скопскиот Регион, а концентрацијата на стопанството во главниот град продолжува
Сѐ уште големи повеќеслојни регионални економски разлики на раст и развој
Според анализите и извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2022 година, најголемо учество во бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија има Скопскиот Регион со 45,7 проценти, додека најмало учество има Североисточниот Регион со 4,6 отсто.
Втор по развиеност е Пелагонискиот Регион, чие учество во БДП е 10 отсто, а по него следуваат Југозападниот и Југоисточниот со 8,8 и 8,7 проценти учество во БДП. Источниот Регион учествува со 7,9 проценти во домашниот БДП, додека Полошкиот со 7,3 отсто. Вардарскиот Регион прави 6,7 проценти од домашниот БДП.
Ако се погледнат бројките, ќе се види дека во Скопје во 2022 година биле креирани 372.681 милиони денари од БДП. За споредба, во Пелагонискиот биле креирани 84.040 милиони денари, додека во Североисточниот само 37.722 милиони денари.
Државниот завод за статистика (ДЗС): Состојбите во државава се слични во изминативе пет-шест години
Споредбените анализи на ДЗС покажуваат дека состојбите се слични во изминативе пет-шест години. Но проблематично е што придонесот на скопскиот регион уште повеќе расте, додека на другите региони се намалува. Бројките покажуваат дека од година на година процентуалното учество на Скопскиот Регион во БДП-то се зголемува, а на сите други региони или е на слично ниво или се намалува.
Упатените во повеќе наврати укажуваа дека треба да се промени тенденцијата за тоа дека „од осум региони само во еден се прави најголем дел од БДП-то во земјава“ и дека токму тој факт отвора многу прашања.
Според економистот Здравко Савевски, „повлекувањето на државата од економијата и препуштањето на економијата на пазарните сили значи оти секој стопанственик ќе се стреми да го концентрира својот бизнис онаму каде што ќе биде најпрофитабилен, каде што има најмногубројна работна сила, најмали транспортни трошоци и потрошувачи со највисока куповна моќ“, алудирајќи на плански приод во економско-развојните методи.
– Неуспех на државата ќе биде ако има голема дискрепанца во развојот на регионите. За рамномерен регионален развој, не треба во само еден од осумте плански региони да биде концентрирано производството на речиси половина од БДП на земјата и повеќе од половината од работните места. Но бидејќи ваквиот тренд е сосема типичен за една периферна капиталистичка економија, тоа некако сметам дека ќе продолжи и во иднина, доколку не се преземат конкретни мерки – вели економистот Здравко Савески.
Неопходно е рамномерниот регионален развој да го гледаме како цел што треба да се достигне, зошто?
Рамномерниот регионален развој може и треба да биде достижна цел на организираната заедница и на државата. Државата не треба да има толку тврда позиција дека мора да стои целосно понастрана од економијата, таа да тече според слободните текови. Планирањето е клучната точка. Нашата економија е отворена и во голем дел зависи и е тесно поврзана со надворешните глобални движења. Но она што може да се направи е тие движења да се антиципираат, предвидат, и врз основа на едни такви проекции да се направат планови за движење и приспособување на националната економија, како и планови и програми за секторите во нашето стопанство. Економијата треба да биде флексибилна, а токму таа флексибилност не може да се постигне доколку однапред не се прават планови и доколку плановите не предвидуваат регионална дистрибуција на реалната економија и земјоделството, на пример. Она што може побрзо да се направи е да се овозможат поволности за отворање бизниси во внатрешноста. Второ и есенцијално е дека редистрибуцијата на стопанството ќе значи и отворање нови работни места во различните региони, а тоа е нешто што ќе ги задржи луѓето и работната сила во своите краеви, токму онаму каде што и ќе бидат најмногу мотивирани да постигнат висока продуктивност. Политиките на неотворањето бизниси (неинвестирањето) во различните региони оди паралелно со неотворањето нови работни места, а кога нема такво нешто, работната сила мигрира или внатрешно (кон поголемите центри, како Скопје) или имигрира надвор од државата, што е уште потрагично.
– Основањето економски субјекти од страна на државата да не се третира како табу и улогата на државата да се сведува само на обезбедување одредени краткотрајни поволности… Резултатот од тие ад хок поволности повторно ќе биде скромен и нема да може да го спречи трендот на сѐ понерамномерен регионален развој. Ни требаат долгорочни планови и предвидлива економија и бизниси. Еве еден едноставен пример… за рушење на табуто, државата може, на пример, да инвестира во уништените детски одморалишта низ земјата. Тоа ќе биде позитивно не само за регионалниот БДП и регионалните работни места туку и за нашите деца од целата земја – посочува Савески.