Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали градежната офанзива полека се сели и во другите градови низ Македонија? Станува ли главниот град презаситен од нови градби и дали западна Македонија привлекува повеќе инвеститори или, пак, станува збор за привремени тенденции? Стануваат ли другите градови низ Македонија попримамливи за градежните инвеститори или, пак, Скопје останува и понатаму во фокусот на градежниците?

Државен завод за статистика: Не е само Скопје, сѐ повеќе се гради низ другите градови во Македонија

Последните извештаи на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека изминативе месеци сѐ повеќе одобренија за градење се издаваат во Полошкиот Регион, многу повеќе од Скопскиот. Забележливо е исто така дека во Полошко повеќе градат граѓани наместо компании, а притоа повеќе се градат куќи и викендички, а помалку станови или згради.
Последниот извештај на ДЗС открива дека од вкупно 275 издадени одобренија, 82 се за Полошкиот Регион, додека за Скопскиот се издадени 51 одобрение за градба. Притоа, во Полошкиот Регион најмногу одобренија се издадени во Гостивар, вкупно 33 одобренија, по што следува Брвеница….

Што значи констатацијата на градежниците дека „ќе се намали притисокот во главниот град“?

Месец претходно, или во јули, според податоците на ДЗС, најмногу одобренија биле издадени во Пелагонискиот Регион. Имено, од вкупно 374 издадени одобренија, во Пелагонискиот Регион биле издадени 89 одобренија, па во Скопскиот 57 одобренија, а по него следува Полошкиот со 55 одобренија. Најголем дел од одобренијата во Пелагонискиот Регион биле издадени за Прилеп, и тоа вкупно 58 одобренија.
И во мај од вкупно 260 одобренија повеќето се за Полошкиот Регион, за кој има вкупно 52 одобренија, потоа следува Југоисточниот со 45 одобренија за градба, па Југозападниот Регион со 43 издадени одобренија.
Ова покажува дека има нови трендови и нов интерес за градење во региони што досега не беа толку атрактивни. Но исто така е показател дека градежната офанзива се шири низ земјава и дека, покрај главниот град, сѐ повеќе се гради и низ другите градови во Македонија.
Дека има промени во интересот на граѓаните потврдуваат и градежниците и посочуваат дека ваквите измени се позитивни и дека е време да се создадат исти услови и за другите градови во Македонија.
– Растот на бројот на одобренија за градење за објектите што имаат станбено-деловна намена и кои се градат во регионот Тетово-Гостивар е позитивен тренд од причина што крајно време беше да се обезбедат услови и ресурси за градба и во другите градови на Македонија освен во Скопје. Со ова ќе се намали притисокот во главниот град, а тоа значи дека нема да се трошат сите ресурси во Скопје и нема неплански да се шири, згуснува и гради, а и нема Скопје да биде „цела Македонија“ – вели искусен градежник за нашиот весник.
Според него, градењето нови објекти во Тетово, Гостивар, Прилеп, Битола, Струмица, Штип, Куманово и други градови во земјава е многу добро од причина што така се придонесува за рамномерен регионален развој на сите региони во Македонија. Истовремено, со ширењето на градежните активности низ другите градови од земјава се креираат работни места за жителите, но исто така се овозможува да се намали притисокот врз главниот град и луѓето да живеат во помали градови, каде што животот е помирен, има помал метеж во сообраќајот и други предности.

Политика на рамномерен регионален развој?

Градежниците посочуваат дека државата треба да води политика на рамномерен регионален развој, со поддршка на повеќе економски сектори, почнувајќи од земјоделството, преку градежништвото, па до сите други сектори, што треба да придонесе жителите на помалите градови да останат да живеат каде што се. Градежниците велат дека градењето домови е потврда дека населението сака да остане во населеното место.
Нашиот соговорник потенцира дека е многу значајно да се води сметка и добра контрола врз изработените ДУП-ови од причина што урбанистите многу се наклонети кон инвеститорите и сопствениците на земјиштето и не ги почитуваат правилниците за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градба.
– Имаме ситуации каде што во секоја катастарска парцела се предвидува маркица за градба иако можеби не ги задоволува условите од правилникот. Многу густи градби со малку зеленило, осончување, незадоволителен број на реални паркинг-места. Сметам дека е добро што се гради и во другите градови и дури пожелно е и да се стимулира тој тренд. Развој на градежништвото низ внатрешноста е во интерес на задржување и вработување на нашите граѓани таму и да не се врши притисок врз Скопје и иселување надвор од државата – потенцира нашиот соговорник. Е.Р.