Јакнење на капацитетите на градските власти е една од клучните алки во сложениот процес на популаризација на идејата за европска престолнина и создавање позитивен имиџ во семејството на градовите што се дел од европската културна приказна. Скопје заслужува вистинска можност да закрепне и да ги покаже својата еластичност и креативност, но тоа е можно само преку надминување на наталожените проблеми и тешкотии со кои се соочува на сите нивоа
Деновиве министерот за култура и туризам Зоран Љутков беше во дводневна работна посета на Ливерпул, Обединето Кралство, каде што оствари средби со градоначалникот на Ливерпул и со истакнати претставници од британски културни институции, во насока на искуства за организацијата на „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“. На средбата, како што е објавено, биле претставени искуствата на Ливерпул во организацијата на големите културни настани и било нагласено дека подготовките за „Европска престолнина на културата“ се можност за градовите да стекнат општествени и економски придобивки и да бидат повидливи на меѓународната сцена. Министерот се сретнал и со градоначалникот на Ливерпул, кој од аспект на локалната самоуправа го претставил позитивното искуство на градот во организирањето на проектот „Ливерпул – европска престолнина на културата“ и ја искажал својата подготвеност да помогне во организацијата на „Скопје – европска престолнина на културата 2028“… Се чини дека таквата помош ќе ни биде не само добредојдена туку и отповеќе неопходна затоа што иако нашиот министер изразил уверување дека Скопје успешно ќе се справи со предизвикот да биде добар домаќин и дека ќе ја оправда оваа престижна титула, реалните изгледи за тоа се доведени во прашање. Прво, на градот му се случува неконтролирана урбанизација, што е и една од забелешките на експертската комисија при Европската комисија за избор на градовите, во чиј извештај се нотираат и други проблеми со актуелната состојба на главниот град на државата: етничка поделба, социјална исклученост, загадување на животната средина, маргинализација на ранливите групи, политичка поларизација, сиромаштија, невработеност…
Покрај квалитетна и сеопфатна културна програма подготвена од експерти во повеќе професионални области: современа уметност, културно наследство, екологија и животна средина, креативни и културни индустрии, културна едукација и развој на публика, мултикултурализам, маргинализирани групи, туризам…, потребно е да покажеме и дека работиме на развој на градот и на неговата виталност, што е еден од најважните предуслови за успешна презентација пред европската и светската јавност. А во моментов Скопје се соочува со низа наталожени проблеми.
Од една страна, градот изобилува со занемарени, неактивни, напуштени простори и индустриски зони во распаѓање, кои би можеле да се реконструираат и да се стават одново во употреба, а од друга, и натаму продолжува да гради објекти без никаква законска контрола на пренаселеноста, кои се противат на идејата за интензивна трансформација во зелен урбан град со големи зелени површини, градини, паркови, тревници, зелени покриви. Скопје и Скопскиот Регион имаат богата и повеќеслојна историја и култура, но таа останува затрупана под правот на градежната механизација. Одржувањето на хигиена, пак, е на најниско ниво, што уште повеќе придонесува кон тоа.
Јакнење на капацитетите на градските власти е една од клучните алки во овој сложен процес на популаризација на идејата за европска престолнина и создавање позитивен имиџ во семејството на градовите што се дел од европската културна приказна. Скопје заслужува вистинска можност да закрепне и да ги покаже својата еластичност и креативност, но тоа е можно само преку надминување на погорепосочените проблеми и тешкотии со кои се соочува на сите нивоа и мобилизирање на целокупниот потенцијал за негов плански развој, а потоа и промоција на својата културна разновидност пред европската јавност.
На средбата со градоначалникот на Ливерпул, министерот Љутков ги претставил и приоритетите на Министерството за култура и туризам, напомнувајќи ги заложбите во сферата на креативните индустрии како гранка што носи економска корист. Не стоиме добро ни кога станува збор за оваа гранка. Имено, еден од најурбаните културни настани во градов, фестивалот „Скопје креатива“, кој го имаше своето прво издание во 2012 година (всушност тогаш неговите иницијатори и организатори го воведоа терминот креативни индустрии), по неколку исклучителни изданија, полека згаснува, не успевајќи докрај во намерата оваа гранка да стане препознатлива и широко прифатена и кај нас. Фестивалот имаше цел да поттикне развој на креативните индустрии, за што е потребна едукација на граѓаните и на младите за создавање нови производи. Преку развивањето вештини и интензивирањето на соработката меѓу секторите култура и економија требаше да биде исполнета крајната цел – креативниот потенцијал да биде ставен во функција на економскиот развој.
Во тие неколку успешни изданија можевме да видиме различни форми на уметноста: рачно изработен накит, авангардни дизајнерски парчиња на млади дизајнери, рачно украсен и реставриран стар мебел, постери со графички решенија што пренесуваат моќни пораки… Фестивалот некое време успеваше да ја оправда улогата на проект што нуди поинаква приказна, а освен што ги поддржува и промовира македонските креативци, на секое издание носеше звучни имиња од странство од областа на креативните индустрии. Очигледно неодржливоста на секоја добра идеја е еден од најголемите проблеми на нашето општество. И тоа секогаш скапо нѐ чини.
Градот Скопје имаше среќа да се закити со титулата „Европска престолнина на културата“ за 2028 година. Но додека да се случи тоа, на сите овие предизвици ќе мора да се одговори, затоа што градот ќе биде под постојан мониторинг на Европската комисија. Кандидатурата треба да биде дополнителен повод да ги решаваме.