Овој пат би сакал да потсетам на Пол Бенџамин Остер, американски новелист, писател, поет и филммејкер, човекот што крадел од сопствениот живот. Особено на неговата бруклинска ревија на лудоста. Една личност седи во бар. Пред него на шанкот, три чашки со бурбон. На прашање на барменот зошто го практикува истото секоја вечер, типот вели дека пие за себе и своите двајца браќа. По некој ден, на барменот му вели да му даде само две чашки бидејќи тој се откажува од пиење. Барменот бара прошка и прашува дали некој од браќата починал. Со насмевка, добива негативен одговор и образложение за постапката. Бидејќи тој самиот се откажува од алкохолот, ќе пие од нивните чашки за да не се почувствуваат навредено.
Да, вистина е дека човекот во својата природа е мангуп и итрец, суштество што знае и умее да ги мами другите ама и да се мами самиот себе, да краде од сопствениот живот како клептоман, кој немајќи што да украде тоа ќе го направи крадејќи си ја својата шапка. Како суштество со ум и разум, би требало да е сериозен, карактерен, принципиелен и човечен. Да, искуството покажало дека може лесно да биде и крајно злонамерен. Всушност, станува збор за неговата ментална структура на која тешко може да се повлијае и јасно е дека тоа делува по малку и разочарувачки. Човекот никогаш не успеал да го утврди својот однос кон сопствените маски, а ги има многу на број. Просто речено, самиот е маска па сѐ помалку се знае кој му е вистинскиот карактерен лик. Суштински, маската е и безличност, аморфна структура што го крие вистинскиот идентитет. Е, сега, прашање е како човекот повторно да си се пронајде себеси, да престане да живее во апстрактен свет, свет на отуѓеност, свет под перманентна анестезија, која состојбите ги прави розови, свет на искривени вредности и понуди од кои штука умот. Тешка задача која допира длабоко до генот. Уште потешка да се пронајде лек за болеста, која и не е болест ама носи параноидни белези.
Текот на енергијата е вкоренета величина, која ретко кога може да си го наруши востановениот ритам. Разликата е во тоа што е потребен само еден непријатен настан, па да ги покрие сите извори на пријатни чувства. Така е тоа со човекот. Тој како да е предодреден брзо да ги заборави убавите нешта на сметка на искуствата со злото. А генезата на злото во многу случаи ја креира самиот.
Енергијата е таа што поврзува светови и поттикнува искуствени вредности стекнати низ процес на споредби. Логично е да се каже дека низ тој процес, содржината на животот и генетичката траекторија апострофираат на прогрес. За жал, тоа не се случува, туку напротив, сведоци сме на деградација на речиси сите вредносни критериуми.
Овој пат ревијата на лудоста на Остер со своето изолирано значење ги потврдува егоцентричноста и лукавоста на суштеството човек во пошироки рамки. На тој начин ја истакнува големата кризна состојба како последица на сѐ поголемата анемија или рамнодушност во пристапот кон определбата на критериумите на вреднување.
Асамблеја на ОН, колку тоа гордо звучи. Бројни седи и какви се не коси ама претпоставено умни и мудри глави. Говорници со пораки од кои се ежи кожата, се суши устата, а мравките лазат ли лазат по ’рбетниот столб. Големи очекувања, ама галиба слични како на оние во романот на грдата слика на материјалниот свет на совршениот господин Чарлс Дикенс. Трагедии, човечки и материјални погроми, заод на цивилизираниот свет. Статистики што се погубни за еден здрав разум, стари рани недолечени и повторно заживеани бидејќи никогаш и немале завршница. Глад среде 21 век, услови за живот на ниво на којзнае кој одамна изминат век, последици за иднината на која сите се крстат и ѝ се поклонуваат. Секоја година Асамблеја на Обединетите нации како собир на умни и разумни дами и господа од сите страни на светот со топ брендови на себе (Гучи, Шанел, Д и Џи, Ла Косте, Прада, Диор…), кои треба да помогнат во насочување на конфликтните состојби кон сигурен брег. Навистина големи очекувања (но не и за оние што веќе имаат години искуство зад себе, па и добро ја знаат приказната за Курто и Мурто). Вообичаена и со леснотија искажана говорна комуникација во која основна порака е употребата на нуклеарното оружје. Ако е од искусни и зрели политичари, многу е! Кој располага со посилно убиствено оружје тој е појунак, доста е! Разумот треба да биде нивото, одмереноста навика.
За очекување е сето она што се случува на врвот на вавилонската кула да се пресликува и на дното. На времето постоеја ферплеј и почит кон опонентот колку и да има различно мислење. Дури и во дуелите кога од истреланиот куршум зависел човечкиот живот, имало принципиелност што не смеела да се погази чекајќи си ја конечната пресуда. Светот е една целина или барем така треба да биде, но не и со драстични разлики што не ветуваат ништо добро.
Невралгичната зона повторно на тапет. Коренот на трите религии, местото кое по критериумот на здравиот разум и логиката не би требало да се сквернави од страна на земните богови. Веројатно не се плашат од гревови ниту се имуни на егоизмот во сопствената умствена структура. Веројатно за нив нема да има ниту казни. Разурната Газа, па потоа и Западниот брег. Уште колку граѓански војни се потребни Бејрут да престане да крвави? Трагична статистика што манипулира со невино загубени животи. Од 40.000 жртви за само една година, 17.000 дечиња. Претпоставено, сите оние бели и секакви коси во Асамблејата на ОН имаат куп внучиња, куп деца од соседството, светлина на иднината и врева на која не ѝ е рамен ниту еден акорд на еден врвен музички ансамбл иако се случува какофонија. Таа детска врева се претвори во вресок што никој не го слуша ниту е расположен да се соживее со неговите пораки. Зарем е можно луѓето во Асамблејата да не можат да најдат решение за овие страдалници? Зарем нивните вресоци не креираат кошмарни ноќи во главите на луѓето од политичката шизофренија? Зарем таму, на местото на цивилизациската мудрост, нема сериозен свет што посакува само да биде виден и посочен како говорник што се залага за доброто на светот?
Собирите биле, се и ќе си бидат. Асамблејата е насушна потреба за зближување на луѓето, расите, религиите, различноста. Но колку такви собири се потребни да се стапне на патеката на мирот и развитокот спрема можностите и потребите. Ги гледаме, ги слушаме, но сѐ помалку им веруваме. Уште колку граѓански и не знам какви, пред сѐ прокси војни (израз за нејасни причини за можен судир) се потребни за да се дојде до разум и разбирање. Обединетите нации се симбол на мирот и хармонијата во светот. Или така би требало да биде. Возрасен сум ама во мене лежи дете со сите радости и очекувања. Тоа нека биде и препорака за тие дами и господа што се привилегирани со статусот да бидат дел од светската јавност. Само за малку нека помислат на страдањата на оние што се нашата иднина. Ова колку за да не го внесеме во тестаментот на Ѓаволот за потоа да им се преслика како наследство со крвнини, омраза и безнадежност.
Остеровата бруклинска ревија на лудоста да посакаме да не се всели на Ист Ривер и на сите страни.
Љубомир Јованоски