Ништо од машините без човечката мудрост

Не треба да заборавиме дека секогаш кога вештачката интелигенција е таа што произведува вести по претходна команда, новинарот, уредникот и главниот уредник секогаш ќе бидат тие што ќе го имаат последниот збор

Сè до неодамна, успехот на еден извештај, истражување, па дури и на едноставните вести во медиумите во Грција се оценуваа исклучиво според бројот на кликови и споделувања, без притоа да се води сметка за точноста, квалитетот (содржината, граматиката итн.) на текстот и за ексклузивноста на извештајот.
Во голем број грчки медиуми, од причини предизвикани поради намалениот буџет, не постојат уредници што би биле задолжени за проверка на текстовите, па поради тоа уредувањето и проверката на фактите на текстовите што се објавуваат се препуштени на искуството на соодветниот новинар.
„Трката“ по кликови и споделувања (бидејќи тие ќе донесат повеќе реклами и на тој начин ќе обезбедат опстанок на медиумите) ги натера грчките медиуми да користат разни техники како што се „мамки за кликнување“ или, во најлош случај, лажни вести, кои само за момент можат да го одвлечат вниманието на читателите, што понекогаш предизвикува нивно незадоволство.
Доколку погледнеме каква е ситуацијата во други земји, ќе забележиме дека големите медиумски компании користат стратегии за АИ СЕО [search engine optimization] со цел да го надградат и да го направат попопуларно нивното известување. Лабораторијата за нови технологии во комуникацијата, образованието и мас-медиумите при Факултетот за комуникации и студии за масовни медиуми на Националниот и Каподистриски универзитет во Атина креираше иновативна платформа наменета за грчките новинари и редакции.

СЕО: дополнителна „вештина“ за новинарите

Со намалувањето на тиражите на печатените изданија, странските издавачки компании од Обединетото Кралство и САД инвестираа во нивните електронски изданија. Во таа смисла, за да привлечат поголем број читатели, тие воведоа свој дел во кој уредниците на содржината за СЕО се занимаваат исклучиво со тоа како една статија ќе може да се рангира што е можно повисоко на листата на пребарувачите за да го привлече интересот на повеќе читатели.
СЕО-уредувачот на содржина им помага на публикациите да креираат интересни и информативни текстови што се оптимизирани за на интернет, правејќи ги притоа повидливи во пребарувачите. Исто така, овие луѓе помагаат во целење на одредени читатели, региони, па дури и платформи и на тој начин да се придобијат повеќе реклами.
Голем број компании од автомобилската дејност, од медицинските услуги итн., ангажираат експерти за СЕО-оптимизација во своите маркетинг-одделенија.
Сега, пак, вештачката интелигенција му доаѓа на помош на СЕО така што овозможува алгоритми што се информираат преку машинско учење. Карактеристично е тоа што платформите за СЕО што користат вештачка интелигенција ги забрзуваат задачите што одземаат многу време, а кои се неопходни за оптимизација. Иако овие алатки можеби изгледаат паметни, тие не можат да ги заменат искуството и мудроста на човечкото суштество.
– За да може вештачката интелигенција да генерира корисни препораки, таа треба да биде поттикната од некој што разбира СЕО – пишува вишиот СЕО-оптимизатор Хелен Полит во дневните американски вести Сеч енџин, фокусирајќи се на дигиталниот маркетинг, технологијата за рекламирање и Мартек-пејзажот.
Полит вели дека разговарала за проблемот со инженер што се обидувал да реши прашање поврзано со индексирање. Инженерот го користел и ЧетГПТ за да дојде до решение пред да стапи во контакт со тимот за СЕО-оптимизација.
– За жал, без разлика што и да му кажаа на ЧетГПТ во врска со проблемот што се обидуваа да го решат, ЧетГПТ и понатаму продолжуваше да го дава истиот совет – а тоа беше решение против кое морав да реагирам – нагласува Полит.

Квалитетна машина за вести што користи вештачка интелигенција

Лабораторијата за нови технологии во комуникацијата, образованието и мас-медиумите ја воспостави „Ај-кју џрнализм“, иновативна платформа што има цел да им помогне на новинарите да креираат квалитетни и, во исто време, „успешни“ текстови за социјалните мрежи.
Идејата за проектот започна со докторската теза на д-р Катерина Сотираку, која е и раководителка на истражувањето.
Лабораторијата има спроведено значајно истражување во врска со перцепцијата за квалитетот на новинарските текстови, што во голема мера зависи од расудувањето и од степенот на задоволство на читателот. Таа обезбеди голем број публикации и истовремено ги забележуваше однесувањето и оценувањето на читателот во однос на нив.
Дополнително, правејќи анализа на текст и користејќи техники за машинско учење, истражувачите се обидоа да најдат корелација помеѓу карактеристиките на еден текст и евалуацијата на читателот. Врз основа на нив, „Ај-кју џрнализм“ ќе ги води новинарите во реално време во пишување на успешен и, во исто време, квалитетен текст и ќе го подобри неговото дисеминирање.
Координаторот на проектот и научен директор на Лабораторијата, вонреден професор Константинос Мурлас, во интервју за грчкиот медиум „Бизнис дејли“ во септември, посочи дека оваа новинска агенција ќе биде првата организација што ќе го користи „Ај-кју џрнализм“ на пилот-основа, со амбиција потоа да се прошири во неколку редакции во Грција.
– Вештачката интелигенција може да им го олесни животот на новинарите и да ја забрза дигиталната трансформација на медиумите во нашата земја – нагласи Мурлас.

Светлата и темната страна на вештачката интелигенција

Секако дека вештачката интелигенција може да им помогне на медиумите да го забрзаат своето работење. Таа може да ги пронајде сите популарни зборови во пребарувачите или на социјалните мрежи и да ги вметне во текстуална вест. Со користење на вештачката интелигенција, медиумите ќе заштедат време и веројатно ќе успеат да ја зголемат својата претходно намалена читателска публика, а исто така да ги зголемат и приходите од реклами, што е нешто што ќе им обезбеди опстанок. Тоа е светлата страна на приказната.
Од друга страна, медиумските компании можеби забележуваат можност за намалување на трошоците, што повторно ќе доведе до отпуштања новинари. Дополнително, уште едно прашање што отвора голем број дебати е тоа дали машината може да се придржува до новинарската етика и да процени што е етички правилно. Како е можно компјутерот да биде програмиран така да донесе правилна одлука тогаш кога има ударни вести во врска со жртви на трговија со луѓе или семејно насилство?
Имајќи ја предвид ваквата загриженост, новинарите и новинарските организации мора да ја искористат можноста да научат да користат вештачка интелигенција за олеснување на нивната работа и да бараат одговорност од владите и од компаниите.
Не треба да заборавиме дека секогаш кога машината е таа што произведува вести по претходна команда, новинарот, уредникот и главниот уредник секогаш ќе бидат тие што ќе го имаат последниот збор; тие одлучуваат дали текстот се заснова на темелно и точно известување. Машините не се ништо без човечката мудрост.

Елени Стаматуку

„Рес публика“