Велушина е составено од две маала, Горно и Долно Маало. Од градот Битола е оддалечено 12 км, поврзано со асфалтен пат. На исток се простира Велушкото Поле, како дел од Пелагониската Котлина, а на запад е Баба Планина. Низ селото тече Велушка Река. Атарот на селото Велушина граничи со атарите на: од јужната страна со селата Граешница и Лажец, од западната страна со селото Острец, од север со селото Канино, а од исток со селата Породин/Меџитлија. Одделни места во атарот на селото ги носат следните имиња: Реван, Црвеник, Широка Ливада, Коњарска Ливада, Голема и Мала Сименица, Завој, Граешка Река, Голем Камен, Бежан, Широк Пат, Маклиње итн. Првите и најсигурни податоци за постоењето на Велушина датираат од 15 век. Во пописот што го направила Турската администрација на населението во Османлиското Царство во 1468 година, а со кој е опфатена и Битолската нахија, селото е забележано во формата Велушино. Истата форма се среќава и во следниот попис сто години подоцна, односно во 1568 година. Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е главната селска црква во Велушина. Во нејзината градба се забележуваат неколку фази. Првата датира од крајот на 10 и почетокот на 11 век, втората фаза датира од 12 и 13 век; а во 18 и 19 век била извршена најголемата реконструкција. Инаку, археолошките истражувања покажале дека црквата е градена на темелите на постара црква од 6 век. На ѕидното сликарство се откриени слоеви од 12 до 19 век.