Срцето им е полно на сите. Наша цел, меѓу другото, е со ваквите концерти и проекти да ја поттикнуваме емпатијата кај децата од мали нозе и да им покажеме дека подадената рака за свое другарче, сограѓанин, сосед е убав гест. Ете, со песните и убавите желби го викнавме и сонцето во саботата да нѐ огрее на нашиот концерт насловен „За сите деца да има сонце“. И во иднина ќе продолжиме да ја промовираме хуманоста кај децата преку позитивни приказни, вели Соња Кирковска

ОДРЖАН КОНЦЕРТ „ЗА СИТЕ ДЕЦА ДА ИМА СОНЦЕ“ ВО ПАРКОТ НА ФРАНКОФОНИЈАТА ВО СКОПЈЕ

Во саботата, во 12 часот, во Паркот на франкофонијата во Скопје се случи хуманитарниот концерт „За сите деца да има сонце“. Настанот беше посветен на собирање средства за девојчето Кара (12), ученичка во ООУ,,Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопската општина Центар. Кара во моментов се бори со сериозна болест и е задржана на лекување во Шпанија.
Од иницијаторите, организаторите, поддржувачите, учесниците, сите присутни покажаа сплотеност и емпатија. Со еден збор, како што рече Соња Кирковска, директорката на ОУ „Кирил и Методиј“, поздравувајќи ги присутните, сите во саботата присуствуваа на час по хуманост.
– Ова е наша втора голема иницијатива за помош на болно дете. Претходно сите осум училишта од општината Центар се здружија за собирање средства за Леон и успеавме да собереме 15.000 евра, а еве сега, со уште поголем жар, тоа го правиме за малата Кара. Сите сме поврзани во оваа акција. Не беше лесно да се организира сето ова, да се контактира со сите, да се обезбеди сѐ, но ете успеавме. Јас како главна организаторка, од мое и од името на сите вклучени во настанот им благодарам на сите родители, поддржувачи, пејачи, сите што беа дел до овој синџир на хуманоста. Срцето им е полно на сите. Наша цел, меѓу другото, е со ваквите концерти и проекти да ја поттикнуваме емпатијата кај децата од мали нозе и да им покажеме дека подадената рака за свое другарче, сограѓанин, сосед е убав гест. Ете, со песните и убавите желби го викнавме и сонцето во саботата да нѐ огрее на нашиот концерт насловен „За сите деца да има сонце“. И во иднина ќе продолжиме да ја промовираме хуманоста кај децата преку позитивни приказни – ни рече Соња Кирковска, директорката на ОУ „Кирил и Методиј“.На настанот под ведро небо, кога, за среќа, не врнеше како во претходните денови, кој траеше нешто повеќе од два часа, настапија сегашни и поранешни ученици од осум основни училишта од општината Центар, родители, деца и драги пријатели хуманитарци.
Имаше пунктови за оставање парични средства, а на сцената настапија голем број изведувачи. Со интересни музички точки го слушнавме хорот „Златно славејче“, кој ја отвори и затвори манифестацијата со песната „За сите деца да има сонце“, ритмички точки изведоа ученици на ООУ,,Коле Неделковски“, Бојана Скендеровска ја испеа својата песна „Љубов“ со ученици од прво одделение на ООУ,,Кочо Рацин“, Мила Николовска Ѓумар пееше песна на Тоше Проески, а пејачката Кристина Арнаудова со неколку дечиња од публиката на сцена нѐ потсети како се слави роденден. Потоа Нина Лазаревска од ООУ,,Димитар Миладинов“ настапи со балетска придружба од ученици од ООУ,,Димитар Миладинов“.

Дел од концертот беше и Драган Мијалковски. кој свирејќи на својата гитара го испеа својот евергрин „223-305“, а Јаков Дренковски нѐ потсети на вонвременскиот хит „Скитник“. Скопјанецот Љупчо Ќурчиевски, кого во скопските музички кругови го знаат како Бубе Tартиф, а во светот е познат како Рико Санчез, по цели 30 години, како што рече, запеа во родниот град. Тој исполни три песни во латиноритам. Пееше и Мартина Калевска со „Кармен бенд“, а свои точки имаа и: Михаела Стојановска, Софија Зафировска, хорот на ООУ,,Гоце Делчев“, „Св. Кирил и Методиј“ и на ООУ,,11 Октомври“, а ученици од ова училиште имаа и своја ритмичка точка. Ги слушнавме и Елена Васова и Благица Ѕунѕурова.
Се појави и глумецот Сашко Коцев, кој ги поздрави присутните во негов стил, а потоа миленикот на младите Јанг Дади и Тамара Тодевска ја исполнија својата заедничка песна „Его“. На сцената пееше и танцуваше ќерката на Тамара, Хана Димитровска, ученичка во второ одделение во ООУ,,Гоце Делчев“.

На крајот Џина Папас-Џокси со ученици од ООУ,,Ј.Х. Песталоци“ ја испеа песничката „Шарени чадори“, посветена на нашето Скопје, а секако го слушнавме и неговиот голем хит „На Велигден“, кој сите присутни го пееја заедно со него.
– Одлично си поминавме на хуманитарниот концерт за лекување на малата Кара Селовска, ученичка од „Ј.Х. Песталоци“. Им благодарам на сите посетители што донираа и со тоа помогнаа во лекувањето на Кара, која е хоспитализирана во Барселона, Шпанија. Огромно благодарам и на сите учесници што настапија со цел да го реализираме овој концерт и заедно да помогнеме за лекувањето. Се надевам дека Кара побрзо ќе се врати кај своите соученици во „Песталоци“. Таму сме каде што е најпотребно – напишаа на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
И навистина, ова беше ден за паметење, ден облеан со сонце и со убави желби за оздравување на Кара, со искрени желби за нејзино брзо заздравување и враќање дома од сите присутни. М.Т.


Убави зборови

Ај, да измислуваме убави зборови!
Еве вака:
Да биде радост наместо мака.

Сѐ што е насилно, свирепо грубо –
нека го носи името – љубов!

Вистина ставаме наместо лага
смеа и веселба наместо тага.

Болката нека е ведрина сега,
а сите војни да станат шега.

Црното нека си остане боја,
но, да не тежи во душата твоја…

Солзите – мака в срце што носат
нека се претворат во капки роса.

Видое Подгорец


Ода на детството

Една мудрост вака учи:
– Човек, тоа гордо звучи!
Ти чекориш, дете – браво,
биди среќно, гордо, здраво,
расни, вишнеј, в љубов цветај,
ко славејче пеј и летај!
Расти в јаве, и во сонот,
во ливада, крај бетонот…
Но запомни: кај и да си –
добра мисла да те краси!
Зашто ти си – иден човек,
памети го тоа довек!
Ај, секому дај му рака,
сакај го – да те сака,
помагај колку е можно –
со секого живеј сложно!

Киро Донев