Каде е младежот? Каде заминува?

Политичарите малку да се вразумат и приземјат со изјавите, бидејќи тие се најголемите виновници за ова што ни се случува. Нека не се надмудруваат од говорниците со розови изјави дека по изборите сѐ ќе биде добро, затоа што веќе сите сме свесни дека не е така. Еден од најтешките порази во низа е што ги губиме младите. Што ќе ги задржи?! Да почнеме од целосната промена на вредностите, на начинот на размислување, на начинот на живеење. Влезот во ЕУ сигурно нема да ги задржи! Погледнете во Бугарија, Романија, Хрватска, па ќе се уверите

Македонија ни тоне во безличност, безидејност, бесперспективност, а тоа се само мал дел од причините поради кои младите ни заминуваат во потрага по подобро утре во белиот свет.
Желбата за подобар живот е посилна од љубовта кон татковината, бидејќи, за жал, татковината ништо не направила за да ги задржи тие млади лица дома. Напротив, се чини дека правиме сѐ што е во наша моќ да ги иселиме и избркаме од огништето. Неможноста да се најде работа без партиска книшка или добропознатите врски, бесперспективноста, немањето иднина се само мал дел од причините поради кои младите деца ни заминуваат и, за жал, никогаш повеќе не се враќаат дома.
А она што најмногу иритира е аксиомата на политичарите, кои во кампањава нудат мед и млеко, според која „кога ќе влеземе во ЕУ, младите ќе ги задржиме дома“. Малку е веројатно дека со влезот на Македонија во европското семејство младите ќе останат тука. Еве зошто…
Тоа е само пуста желба и ништо повеќе, особено затоа што од примерите на околните земји што влегоа во Унијата се покажа дека младите тоа го чекаат за да купат карта во еден правец и да заминат засекогаш.
Хрватска, Бугарија, Романија се земји во кои практиката го покажува токму тоа. Токму затоа и во Хрватска непрекинато за време на летната сезона се бараат млади работници, бидејќи нивните веќе одамна заминаа по белиот свет во потрагата по подобро утре.
Ништо подобро не е ниту во Бугарија, каде што младите си го фатија патот во некоја поперспективна земја во која корупцијата е само пример од книгите за учениците да научат што значи таа.
А за Романија воопшто и да не споменувам. Непосредно по влегувањето на земјата во ЕУ, како што ми раскажа еден близок пријател, педесетина автобуси преполни со млади луѓе тргнале да ги однесат во земјите во кои има надеж за подобро утре. Сите со купени карти во еден правец.
Ова се доволен број докази дека влезот во Унијата само повеќе ќе им ја олесни процедурата да заминат и да се обидат да си го исполнат сонот.
И не се само младите. И семејствата со мали деца исто така заминуваат надвор од Македонија.

Бројот на ученици во редовните основни училишта на крајот на 2022/2023 година е намален за 1,4 процент, а бројот на ученици во средните училишта за 3,9 проценти во однос на претходната учебна година, покажуваат податоците објавени од Државниот завод за статистика.
Податоците покажуваат дека за една година се затворени 14 училишта.
Тоа наедно ја потврдува и тезата дека младите брачни двојки се осмелуваат да ја напуштат земјава и со веќе формирани семејства, бидејќи тука не гледаат никаква перспектива за своите деца.
Сосема очекувано. Што направивме за да ги задржиме? Апсолутно ништо. И не, не бегаат само заради пари. Бегаат од некултурата што секојдневно ја покажуваме, бегаат од нехигиената што им ја оставаме, бегаат од исполитизираноста на секое поле во земјата… бегаат за да имаат мирен и спокоен живот со сигурна иднина.
Политичарите малку да се вразумат и приземјат со изјавите, бидејќи тие се најголемите виновници за ова што ни се случува. Нека не се надмудруваат од говорниците со розови изјави дека по изборите сѐ ќе биде добро, затоа што веќе сите сме свесни дека не е така. Свесни сме дека младите ќе ги задржи целосната промена на вредностите, на начинот на размислување, на начинот на живеење.
Имам многу пријатели што со мали деца заминаа низ белиот свет. Деца како деца, по две-три недели се навикнаа на новата средина, меѓутоа моите пријатели, а и јас со нив, никако да закрепнеме од заминувањето.
Не дека не се слушаме или не се гледаме на камера. Но, свесни сме дека повеќе ништо не е исто. И тоа најмногу боли. Ние што останавме тука, останавме без деца, без пријатели, без роднини… останавме да жалиме за едни поубави времиња и да се надеваме дека нештата ќе тргнат на подобро…

[email protected]