Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ – ЖДРЕПКА ЗА ЛОИ

Финалистите од Токио ќе играат во иста група во Париз

Во главниот град на Франција, Париз, беа извлечени групите за ракометните турнири на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава. Машката репрезентација на Франција, поради тоа што е домаќин на турнирот, имаше можност да избира во која група сака да игра, па се одлучи да биде дел од групата Б, заедно со Аргентина, Египет, Унгарија, Норвешка и со Данска.
Франција и Данска меѓу себе играа во финалето на ЛОИ 2020, но и во финалињата на годинашното Европско првенство (ЕП) и на ланското Светско првенство (СП), како и во натпреварот за бронзен медал на ЕП 2022. Групата А ја сочинуваат Јапонија, Шведска, Германија, Хрватска, Шпанија и Словенија.
Кај ракометарките, пак, домаќинот Франција во групата Б ќе ги одмери силите со Унгарија, Холандија, Шпанија, Бразил и со Ангола, а во групата А се најдоа Шведска, Норвешка, Германија, Словенија, Данска и Јужна Кореја. Четирите најдобропласирани репрезентации од двете групи на двата турнира ќе се пласираат во четврт-финалето. Г.И.


До 2031 година, во Европа ќе се игра светски ракомет

Светското ракометно првенство (СП) за мажи во 2029 година ќе се игра во Германија и Франција, а тоа во 2031 година, заеднички ќе го организираат Данска, Норвешка и Исланд. Светското првенство за жени во 2029 година ќе се одржи во Шпанија, а две години подоцна во Чешка и во Полска. Тоа значи дека во следните седум години мундијалите ќе се играат во Европа. Тоа е најзначајната одлука што ја донесе Извршниот комитет (ИК) на Светската ракометна федерација (ИХФ) на својот вонреден конгрес, во францускиот град Кретеј. И СП во 2025 и во 2027 година ќе се одвиваат во Европа, мундијалот за мажи в година во Хрватска, Данска и во Норвешка, за жени во Холандија и во Германија, а во 2027 година, ракометарите ќе се натпреваруваат во Германија, а ракометарките ќе настапат во Унгарија. Г.И.


ОД ДЕНЕСКА ВО БЕЛГРАД

Македонија ќе настапи со четворица боксери на ЕП

Ален Рустемовски (тежинска категорија до 57 кг), Дион Лена (до 63,5 кг), Алим Насуфи (до 67 кг) и Арјан Исени (до 80 кг) се четворицата боксери што ќе ги бранат боите на Македонија на Европското првенство (ЕП) за сениори, кое од денеска до 28 април ќе се одржува во Белград (Србија).
Македонските боксери пред почетокот на ова Европско првенство беа на подготовки во СЦ „Кошутњак“, во Белград, каде што тренираа заедно со репрезентативците на Хрватска, Шпанија, Србија…
На годинашниот континентален шампионат треба да учествуваат 401 боксер, од кои 263 во машка и 138 во женска конкуренција, од вкупно 33 држави. Г.И.