Ако си поставите цел, мора да се мотивирате со голем предизвик. Кога бев дете си поставив цел да станам најмлад велемајстор во тоа време, а откако станав, си поставив цел да стигнам до 2.700 поени. Секојпат си поставувате нови цели, а тоа станува мотивација, вели Абдусаторов, кој влезе меѓу врвните пет шахисти во светот пред 20-от роденден
ШАХ – ВЕЛЕМАЈСТОРОТ НОДИРБЕК АБДУСАТОРОВ
Само неколку одбрани играчи во аналите на шаховската историја влегле меѓу врвните пет во светот пред нивниот 20-ти роденден. Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов не само што првпат се проби во првите 10 на рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за април туку отиде и чекор понапред, влезе во најдобрите петмина, искачувајќи се од 11-то на четвртото место. Според истражувањето спроведено од шаховскиот сајт „Чес“, само пет шахисти претходно влегле меѓу врвните пет шахисти пред да наполнат 20 години: Гари Каспаров (во 1982 година), Алексеј Широв (1992) Владимир Крамник (1994), Магнус Карлсен (2010) и Алиреза Фирузја (2021).
– Пријатно сум изненаден што го слушнав тоа. Не знаев. Тоа е големо достигнување, но и голема одговорност, оти тоа е сосема ново ниво. Ќе се обидам со сите сили да притискам уште повеќе, но ќе биде потребно извесно време – вели Абдусаторов, во интервју за „Чес“.
Тој е најмладиот светски првак во брз шах (во 2021 година), на 17 години, потоа најмлад шахист со 2.400 рејтинг-поени, подвиг што го постигна на само 10 и пол години, а на возраст од 11 години стана најмладиот играч во првите 100 за јуниори.
– Отсекогаш сакав да соборувам рекорди. Тоа ми дава мотив и, исто така, тоа е многу голем предизвик. Ако си поставите цел, мора да се мотивирате со голем предизвик. Кога бев дете си поставив цел да станам најмлад велемајстор во тоа време, а откако станав, си поставив цел да стигнам до 2.700 поени. Секојпат си поставувате нови цели, а тоа станува мотивација – вели Абдусаторов.
Абдусаторов го почна соборувањето рекорди кога стана светски првак за млади до осум години (во 2012-та). Две години подоцна го привлече вниманието победувајќи двајца велемајстори (ВМ) на еден турнир. Победата над Андреј Жигалко (рејтинг 2.600) во 2014 година го прави петтиот најмлад играч на сите времиња што победил ВМ во класичен шах. Сепак, неговото достигнување можеби е најимпресивно од сите, со оглед на силината на неговиот противник.
– Беше многу посебно чувството оти првпат играв против ВМ со 2.600 поени. Мислам дека тоа беше и мојот прв отворен турнир, така што никогаш и не сум имал шанса да играм против силен ВМ. И успеав да го победам. Не можев да верувам. Не разбрав што направив во тоа време. Тоа беше посебно достигнување – се присетува Абдусаторов.
Тој открива забавна приказна за тоа како открил кој е Карлсен, шахистот број еден од 2010 година, против кој подоцна ќе игра, па дури и ќе го победи.
– Воопшто не го познавав Магнус. Првпат слушнав за него на Турнирот на кандидатите во 2013 година. Имав осум години. Тогаш дознав дека тој е број еден. Само го познавав светскиот првак Ананд, а Магнус го знаев само како познат играч. Кога дознав дека Магнус е многу посилен и повисоко оценет, бев некако изненаден. По мечот со Ананд, Магнус очигледно беше посилен и многу подобар. Бев многу импресиониран од него. Тој беше мојот идол во тоа време – открива Абдусаторов.
На Абдусаторов му е свежо сеќавањето кога сега и самиот стана ѕвезда и обожавателите сакаат да се фотографираат со него. Неговиот подем беше метеорски. Имаше едвај 13 години кога стана ВМ, шестиот најмлад во историјата, и 15-ти кога ја премина бариерата од 2.600 поени. Тој се соочи со Карлсен првпат на СП 2019 во брз шах, каде што ремизира со црни фигури. На СП 2021 во брз шах тој победи во клучната партија со Карлсен што сензационално му ја обезбеди титулата. Откако го победи и во нивната прва класична партија во Вајк ан Зе (лани) останува единствен со позитивен резултат против Карлсен во класиче шах, пишува „Чес“. Г.И.