По три меча од предвидените 14, кај мажите водат Гукеш, Непомнијашчи и Каруана со по два поена, а кај жените Жонгји со 2,5 поена

ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТИТЕ

Индиските шахисти, братот и сестрата Рамешбабу, освоија по цел поен во третото коло на Турнирот на кандидатите за предизвикувачи на светските прваци, кој во 14 кола се игра во Торонто (Канада). Прагнананда Рамешбабу (2.747 рејтинг поени) го победи сонародникот Гујрати Видит (2.727), а неговата сестра Ваишали Рамешбабу (2.475) ја совлада Бугарката Нурѓул Салимова (2.432), што беа и единствените партии што не завршија со реми во обете конкуренции.
Прагнананда Рамешбабу, кој во второто коло загуби, ја искористи непрецизноста на Видит во 29-от и во 32-от потег за прва победа. Индиецот Домарају Гукеш (2.743) имаше мала шанса да го победи Русинот Јан Непомнијашчи (2.758), но по размената на фигури дел од предноста исчезна. Првиот фаворит, Американецот Фабиано Каруана (2.803), постигна релативно лесно реми како „црн“ против младиот Алиреза Фирузја (2.760) од Франција, а Азербејџанецот Нијат Абасов (2.632) и Хикару Накамура (2.789) од САД го поделија поенот. Во второто коло немаше ниту едно реми, а Видит одигра извонредно и со победа ја прекина серијата на Накамура од 47 партии без пораз.
Индијката Химпи Конеру (2.546), која првпат ги водеше белите фигури, во третото коло се сретна со водечката Тан Жонгји (2.521) од Кина. Малата непрецизност на Конеру придонесе за пораз иако позиција беше реми. Украинката Ана Музичук (2.520) за малку ќе ја добиеше партија против Русинката Катерина Лагно (2.542). Леи Тингџие (2.550) од Кина со бели фигури ремизира во еднаква позиција со Русинката Александра Горјачкина (2.553) во отворањето „Евансов гамбит“.
Табела (мажи): Гукеш, Непомнијашчи, Каруана по два, Прагнананда и Видит по 1,5, Фирузја, Накамура и Абасов по еден поен.
Табела (жени): Тан 2,5, Горјачкина два, Конеру, Лагно, Ваишали по 1,5, Тингџие, Музичук, Салимова по еден поен. Г.И.