Промовиран романот „Лекцијата на месечарот“
Неколку дена по одбележувањето на Денот на европските автори, издавачката куќа „Арс ламина“ го промовираше последниот роман од проектот „Порта Европа“ – „Лекцијата на месечарот“ од португалскиот писател Фредерико Педреира. Во едицијата „Порта Европа“ се застапени македонски преводи на шест наслови од млади, но веќе етаблирани европски писатели – добитници на Европската награда за книжевност. Книгата „Лекцијата на месечарот“, за која Педреира во 2021 година ја доби престижната наградата за книжевност, која ја доделува Европската Унија, беше претставен пред македонската публика на онлајн промоција.
Писателот Фредерико Педреира на промоцијата кажа дека „Лекцијата на месечарот“ е автобиографска фикција.
– Всушност, не би ни можел да пишувам нешто, без да има автобиографска основа. Потребно ми е секогаш да тргнам од некаква приказна од мојот живот. Потребно ми е да почувствувам дека е вистинито, за да имам основа преку која ќе можам да ја проектирам својата имагинација. Но оваа имагинација секогаш е заснована на меморијата, бидејќи таа е секогаш нарушување на реалноста, а процесот на меморијата секогаш вклучува реконструкција, па и јас работам од тој аспект. Има многу добри автори во полето на имагинацијата, но мене, бидејќи ми недостига онаа чисто фиктивна имагинација, мојот првичен гест е да се потпрам секогаш врз ковчегот полн со меморија – рече Педреира.
Начинот на кој пишува авторот може да се спореди со стилот на писателите во 19 и 20 век: со долги и сложени реченици, со многу апозиции, стилски фигури, длабока филозофија. Педреира вели дека тоа, меѓу другото, е своевиден пркос кон инстант литературата на денешното време.
– Секогаш постои пркосот за тоа што се произведува денес. Една моја страна го сака сето она што е дамнешно, особено онаа литература што е направена кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, како што може да се види во романот. Многу ми се допаѓаат Пруст и Џојс. Влијанието на Пруст тука е многу присутно и го признавам тоа уште во првите страници. Има една моја страна што сака да биде субверзивна, а во исто време и конзервативна, така што се обидувам да ја препознам големата традиција на еден детерминиран уметнички израз и да го манифестирам во тоа што го пишувам како мој долг кон големите мајстори… Не трагам секогаш по новитети во библиотеките и во тоа што го читам. Гледам дека луѓето имаат постојана потреба за нешто ново. Понекогаш дури и мислам, „ах, сè уште ми фали да ја прочитам онаа книга од Балзак или од Томас Ман, па дури и некои португалски автори, славни романсиери, кои речиси се заборавени“. Така што, има еден конзервативен дел во мене, за кој верувам дека е малку субверзивен, анархистички во однос на изборот – рече тој.
Со оглед на очигледните и не толку очигледните референции на капитални дела и писатели од 20 век, „Лекцијата на месечарот“ е своевиден омаж кон Пруст, Џојс, Борхес и Песоа.
– Библиотеката на дедото на протагонистот е ветување за бесконечноста, ветување за бесконечна ментална забава. И на еден одреден начин, сето тоа што го пишувам е повеќе или помалку обид да им дадам омаж на авторите што веќе не се тука, но оставиле наследство што ме натерало да пишувам. Затоа јас секогаш мислам дека им должам на овие гласови. Но, дури и така, не пишувам само за мртвите. Има автори од мојата генерација и постари што многу ги почитувам и исто така пишувам и за нив, односно сакам да им надоместам за тоа што како читател ми го дале и што ме инспирирале во пишувањето… Во книгата исто така се концентрирам и на јазикот што го користи бабата на протагонистот, што функционира како своевидна карикатура. Така што мене не ме интересира да стигнам до некаква вистина или некаква реална вистина кажана од ликот, туку ме интересира карикатурата, изразот, што може да биде и лицето на еден одреден карактер. Јазикот понекогаш покажува многу повеќе за нас, односно начинот, формата преку која го користиме јазикот, покажува многу повеќе за нас отколку манифестациите со кои кажувам кој сум или други ми кажуваат кои се, така што формата со која го користиме јазикот во оваа смисла е регулативна. Затоа во моите романи нема силно изразен заплет, туку тоа се исечоци, мали импресии што останале врежани и кои сакам да ги истражувам – рече тој на крајот.
Фредерико Педреира е роден во 1983 година во Лисабон. Студира во Португалија и во Велика Британија, каде што добива магистерска диплома на универзитетот „Ројал Холовеј“ во Лондон. Завршува докторски студии по книжевна теорија на Универзитетот во Лисабон. Има објавено десетина книги: шест поетски збирки, два романа, книга со кратки раскази и збирка есеи. Во 2021 година ја добива книжевната награда на Европската Унија за романот „Лекцијата на месечарот“. В.Д.