Фото: Маја Јаневска-Илиева

Црвено-жолтите гостуваат кај Азербејџан, а првиот меч, одигран во Скопје, Македонија го доби со 40-17. По овој дуел ќе следува и последниот натпревар во овие квалификации, в недела, во Скопје, со Литванија. Македонија по четири кола е втора во групата пет. На ЕП 2024 ќе се пласираат најдобрите две репрезентации од секоја од осумте квалификациски групи и најдобрите четири меѓу третопласираните селекции

РАКОМЕТ

Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска, со почеток во 18 часот, во Баку ќе игра со Азербејџан, во петтото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во Австрија, Унгарија и во Швајцарија. Победа на Македонките може да значи и сигурен пласман, седми пат, на еден континентален собир. Првиот меч со Азербејџан одигран во Скопје Македонија го доби со 40-17. По овој дуел ќе следува и последниот меч, в недела, кога во Скопје во СРЦ „Борис Трајковски“ ќе гостува репрезентацијата на Литванија (од 18 часот, бесплатен влез).
Македонија досега има шест настапи на европските првенства, и тоа во 1998 година во Холандија, 2000-та во Романија, 2006-та во Шведска, 2008 година во Македонија, 2012-та во Србија и во 2022 година на првенството што се играше во Македонија, Црна Гора и во Словенија. Најдобриот пласман црвено-жолтите го остварија на ЕП 2008, седмо место, а осми беа во 1998 и 2000 година. Македонија има и пет настапи на светските шампионати.
На табелата во групата пет Македонија моментно е втора, со четири бода. Во второто коло, на гости, во Вилнус, беше совладана Литванија, со 31-28, а потоа следуваа два пораза од Шпанија, дома со 19-31 и на гости со 20-24. На табелата води Шпанија, која е голем фаворит на мечот со Литванија денеска, иако игра на гости, со максимални осум бода, со што веќе се пласира на Европско првенство. Со по два бода се Литванија и Азербејџан.
На годинашното Европско првенство, 16-то по ред, ќе се пласираат двете најдобри репрезентации од секоја од осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните селекции. Досега пласман на ЕП 2024 обезбедија 11 репрезентации, и тоа државите домаќини на шампионатот, Австрија, Унгарија и Швајцарија, потоа Норвешка, како актуелен европски првак од ЕП во 2022 година, како и Шпанија, Данска, Шведска, Холандија, Романија, Франција и Црна Гора, кои веќе обезбедија едно од првите две места во своите групи. Г.И.


ГРУПА 5

Азербејџан – Македонија 15 ч.
Литванија – Шпанија 18 ч.

ТАБЕЛА
Шпанија 4 4 0 0 8
Македонија 4 2 0 2 4
Литванија 4 1 0 3 2
Азербејџан 4 1 0 3 2
Двојки за 6. коло (недела, 18 часот): Македонија – Литванија, Шпанија – Азербејџан.