Делот од Месечината околу кој има меѓународна трка, поради она што можеби се наоѓа во мразот на нејзината површина, може да биде попроблематичен и поопасен отколку што првично се мислеше. Интересот за јужниот пол на Месечината порасна по успешното слетување на индиската мисија „Чандрајаан-3“ на него на крајот на минатата година. Особено што рускиот „Луна-25“ не успеа да го стори тоа само неколку дена претходно.
А НАСА ја избра областа како место за слетување на мисијата „Артемида 3“, која би можела да го означи враќањето на астронаутите на природниот сателит на Земјата веќе во 2026 година. Исто така, не може да се исклучи ниту Кина, која има планови да постави населба на тој дел од Месечината. И додека сето тоа звучи одлично во теорија, во практика може да биде поинаку.
Студијата финансирана од НАСА покажува дека додека јадрото на Месечината постепено се лади и се собира, нејзината површина се збрчкува како грозје што се суши, создавајќи потреси што траат со часови и предизвикуваат лизгање на земјиштето. Ова потенцијално претставува закана за идните доселеници и за опремата што се испраќа таму.
– Ние не го кажуваме ова за да исплашиме никого и секако да не го обесхрабриме понатамошното истражување на тој дел од јужниот пол на Месечината, туку за да предупредиме дека тоа не е толку бенигно место каде што ништо не се случува – изјави главниот автор на студијата, Томас Р. Вотерс, за „Си-ен-ен“, кој е почесен научник во Американскиот центар за Земјини и планетарни студии при Националниот воздушен и вселенски музеј.
Месечината се намали за 45 метри во обем во последните неколку милиони години, што не е многу за да предизвика некакви проблеми на Земјата.
На површината на Месечината, пак, приказната е поинаква. И покрај тоа што го сугерира нејзиниот изглед, Месечината сè уште е жешка внатре, што ја прави сеизмички активна.
– Постои надворешно јадро што се топи и лади. Како што се лади, Месечината се намалува, внатрешниот волумен се менува, а кората мора да се приспособи на таа промена – објасни Вотерс.
Бидејќи површината на Месечината е кревка, ова повлекување предизвикува пукнатини, како што ги нарекуваат геолозите.
– Месечината се смета за геолошки мртов објект каде што ништо не се случило со милијарди години, но тоа е далеку од вистината. Овие пукнатини се многу млади и постојано нешто се случува на Месечината. Оттаму доаѓаат новите свлечишта – истакна Вотерс.
Најголем проблем се земјотресите. Најсилниот регистриран земјотрес бил со јачина еквивалентна на 5,0 степени. На Земјата ова би се сметало за умерено, но помалата гравитација на Месечината го прави посилен. Поради отсуството на гравитација, дури и мало тресење на земјата би го соборило човекот на земја.
– Тие потреси навистина би можеле да бидат проблем за идните мисии со екипаж – рече Јосио Накамура, почесен професор по геофизика на Универзитетот во Тексас во Остин, член на тимот истражувачи што први ги разгледаа податоците собрани од сеизмичките станици „Аполо“.
Сепак, Накамура, кој не бил вклучен во студијата, не се согласува за причината за земјотресите и вели дека податоците на Аполо покажуваат дека феномените се случуваат на десетици километри под површината.