Западен Балкан не го задушуваат само политиката, економијата, безбедноста…
Сараево повторно се најде на врвот на скалата на градови со најголемо загадување на воздухот, според податоците на порталот „Ервижуал“, кој собира податоци од мерните станици од држави низ светот. Последните неколку дена во топ 10 најзагадени градови во светот е и Белград.
Микрочестичките со години се главната причина за загадувањето на воздухот во Сараево, а ги произведуваат големиот број автомобили на градските сообраќајници што имаат стари дизел-мотори, како и домаќинствата што користат цврсти горива за загревање. Концентрацијата на тие штетни материи ја поттикнува и неповолната положба на Сараево во котлина, а дополнителен проблем се зимските месеци кога нема ветер, што создава „ефект на капак“, бидејќи оневозможува природна филтрација на воздухот.
Концентрацијата на загадувачки материи во Сараево во претпладневните часови во вторникот била означена со индекс 235 и е во категоријата што означува „многу нечист воздух“. Но концентрацијата на микрочестичките со ознака ПМ 2,5 истовремено била во категоријата означена како „опасна по здравјето“, бидејќи била 37 пати поголема од дозволената. Поради тие податоци во главниот град на БиХ во сила се мерки за предупредување, кои, покрај другото, треба да значат забрана за сообраќање на возила со постари мотори, објавија медиумите во регионот.
И Србија во смог
Загаденоста на воздухот во зимскиот период е проблем и во повеќе градови во Србија, која е прва земја во Европа по смртност од различни форми на рак, Алармантен е бројот на непушачи што боледуваат од рак на белите дробови, а лекарите го обвинуваат загадувањето на воздухот како една од главните причинители за суровата болест, пишуваат локалните медиуми.
Пулмолозите и онколозите во Србија се согласни дека се зголемува бројот на непушачи што заболуваат од овој тип на рак, а причините се генетиката, пушењето и сѐ почестото загадување на воздухот.
– Епидемиологијата на ракот на белите дробови се промени не само во Србија туку во целиот свет. Имаме зголемен број лица со аденокарцином на белите дробови, меѓу кои се почесто непушачи. За пушачите ситуацијата е поинаква, бидејќи современите филтри се дизајнирани да создаваат помали канцерогени честички, кои стигнуваат до периферијата на белите дробови, а аденокарциномите се создаваат токму таму и се предизвикани од загадениот воздух и многу други штетни материи, поради што и пушачите се загрозени и изложени на болести – вели Бојан Зариќ, интернист онколог на Институтот за белодробни заболувања Војводина – Сремска Каменица.
Бројот на заболени вртоглаво расте во Србија, но и во целиот свет, но смртноста сепак покажува тренд на намалување, особено во развиените земји. Генетиката игра важна улога, така што секој што има каква било историја на малигнитет, малигнен тумор во семејството, е под поголем ризик Загадувањето на воздухот е проблем што тешко се решава, а предизвикува смртоносни последици.
– Нашиот воздух е загаден од премногу возила, штетни издувни гасови и греење на јаглен. При согорувањето на цврстите горива дома се ослободува големо количество радон, гас без мирис и боја, кој може да предизвика рак на белите дробови – објаснува Зариќ.
Скопје нашата стара екоболка
На листата на најзагадени градови во светот последниве години редовно се наоѓа и Скопје. И покрај тоа што надлежните во градот се обидуваат да испратат деманти до медиумите, сепак фактите зборуваат нешто друго. Имено, специјализираната страница за следење на квалитетот на воздухот во 100 главни или големи градови во светот „Ервижуал“ (Аir Visual) редовно го става Скопје на високо место, меѓу првите десет града во светот според „нездрав и опасен воздух“.
Токму „Ервижуал“ ја актуализира темата дека балканските градови се во сериозна опасност, сместувајќи го Сараево на првото место во светот според загаденоста на воздухот. На таа листа од пред два дена Скопје беше на четвртото место во светот, а вчера беше малку „подобро“, на деветтото место. А колку е тоа подобро зборува и податокот дека во некои делови од градот, на пример во Маџир Маало, според некои домашни специјализирани интернет-страници, во одреден период имало позагаден воздух од просекот на загаденоста што беше извлечен за повеќемилионскиот Њу Делхи, кој се наоѓаше на првото место во светот.
Скопје и скопјани и зимава се сочуваат со истиот проблем што се влече со години. Градот повторно е обвиткан во густа магла, воздухот е загаден, а граѓаните веќе ги чувствуваат последиците од загадувањето. Проблемот што се влече со години не успеа да го реши ниедна градска власт, ниту пак надлежните на државно ниво. Наместо сериозна програма, само се нафрлаат некакви половични решенија што не им значат ништо на скопјани, кои мака мачат како да излезат од своите домови без да ризикуваат тоа да се одрази на нивното здравје.