Фото: ЕПА

Економистите очекуваат инфлацијата да биде примарен двигател на потрошувачката, а не тоа што купувачите набавувале повеќе производи

Хрватска

Во деновите пред божиќните и новогодишните празници потрошувачката во Хрватска ќе достигне највисоко и рекордно ниво, но тоа нема да биде поради зголемениот стандард на граѓаните. Клучен фактор за високата потрошувачка ќе бидат инфлацијата и големиот раст на цените, особено за прехранбените производи, кои се и главна ставка во предновогодишното пазарење на Хрватите. Годинава на поголемата потрошувачка ќе влијае и воведувањето на еврото како платежно средство во земјата, кое беше искористено од трговците за вештачко зголемување на цените од почетокот на годината.
Економистите очекуваат инфлацијата да биде примарен двигател на потрошувачката, а не тоа што купувачите набавувале повеќе производи. Поради порастот на трошоците на живот, многумина граѓани пред овој Божиќ ги намалиле домашните набавки, а се очекува да се одрази на продажбата на предновогодишните подароци и украси.
Додека инфлацијата во еврозоната слабее, и достигна 2,4 отсто, што е најниско ниво од летото 2021 година, Хрватска продолжува да се соочува со високи стапки на инфлација.
Според последната пресметка на Евростат, Хрватска го зазеде неславното второ место со инфлација од 5,5 отсто (веднаш зад Словачка), со најсилен раст на потрошувачките цени, двојно повеќе од просекот во Европската Унија. Во текот на изминатата година цените на храната се зголемија за околу седум отсто, а во пресрет на празниците сѐ помалку хрватски граѓани ќе можат да си дозволат традиционална празнична трпеза.
Токму затоа, многумина побрзаа уште во првите декемвриски денови надевајќи се дека на главниот загрепски пазар ќе успеат да испазарат сѐ уште по колку-толку поволни цени бидејќи, како што тврдат, не сакаат да се откажат од традицијата, но сите изјавуваат дека имаат намера да потрошат помалку за оваа празнична сезона, во споредба со лани.
Со огромните поскапувања на храната, синдикатите проценуваат дека годинашната празнична кошничка ќе биде за 10 отсто поскапа од ланската. Така, според нивната класификација, најевтината од ланските 90 евра ќе се зголеми на 100, малку побогатата од 153 на речиси 170 евра, додека традиционалната корпа со бакалар, мисирка и неколку видови колачи за тричлено семејство ќе изнесува 380 евра.
Аналитичарите очекуваат дека може да паднат цените на одредени производи, кои во изминатите месеци беа евидентно пренадувани. Меѓутоа, кога се гледа просекот, а особено храната, тешко дека цените ќе се намалат. Во декември, односно во последните два месеци пред крајот на годината и периодот на пикот на потрошувачката, најмногу расте и увозот на храна. Земјоделските здруженија и домашните производители на храна, за жал, тешко се справуваат со увозната конкуренција, особено оние производи кои доаѓаат по дампинг цени од цела ЕУ.