Најмалку 12 лица го загубија животот, а десетици се повредени во две катастрофални верижни сообраќајни несреќи што утрово се случија на автопатот „Тракија“ во југоисточна Бугарија. Во масовните судири учествувале повеќе од 70 патнички автомобили, камиони, автобуси и комбиња, пренесе „Ројтерс“.
Трагедијата се случила околу 7 часот наутро, во близина на клучката Зимница, при исклучително густа магла и намалена видливост. Првиот судир бил регистриран на 289. километар од автопатот, во правец кон Бургас, додека вториот се случил на 294. километар, во спротивната насока, кон Софија.
Бугарскиот премиер Румен Радев првично соопшти дека во несреќите загинале 11 лица, а 48 биле повредени. Подоцна, здравствените власти ја потврдија информацијата за 12 загинати, откако двајца од повредените им подлегнале на повредите во болница.
Размерите на несреќата се огромни. Според информациите од теренот, во судирите учествувале десетици тешко оштетени возила, а спасувачките екипи со часови се обидувале да стигнат до заробените патници.

Глетката на местото на несреќата е застрашувачка. Гувернерот на областа Сливен, Михаил Кашеров, кој пристигнал на терен, изјавил дека во животот не видел нешто слично. Дел од повредените морале да бидат извлекувани од уништените автомобили со помош на специјална опрема, бидејќи спасувачите биле принудени да сечат лим за да стигнат до нив.
Во болниците во Јамбол и Сливен се примени десетици повредени лица. Некои од нив се во исклучително тешка состојба, а медицинските тимови се мобилизирани за да им укажат итна помош.
Во спасувачката операција се вклучени полицијата, пожарникарите, медицинските екипи и припадници на бугарската армија. На терен се испратени и воени единици од Јамбол, а повредените на места каде што амбулантните возила не можат да пристапат се транспортираат со носила.
Активиран е системот за рано предупредување во областите Јамбол, Бургас и Сливен. Во готовност се ставени и хеликоптери и воени транспортни авиони „Спартан“, со цел најтешко повредените да бидат пренесени во болници во други делови од земјата.
Како можни причини за трагедијата се наведуваат густата магла, влажниот коловоз и неприлагодената брзина. Надлежните служби треба да утврдат како дошло до двата масовни судири и дали постоеле дополнителни фактори што придонеле за несреќата.
Автопатот „Тракија“ е затворен за сообраќај во двата правци, а блокадата ќе остане на сила додека не завршат спасувачките операции, отстранувањето на уништените возила и увидот на надлежните институции.
Бугарскиот премиер Румен Радев изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите. За трагедијата разговарал и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која исто така упатила сочувство до семејствата на жртвите и поддршка за повредените и спасувачките екипи.
































