На Љупчо Палевски одреден му е 40-дневен притвор додека се чека неговата екстрадиција од Турција, информираат од Министерството за правда. Тој е првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.
– Амбасадата на Македонија во Анкара испрати допис до Министерството за правда во кој информира дека ни доставува добиена Нота од МНР на Турција, како одговор на нотата доставена од Амбасадата на Македонија во Анкара од 6 декември, со која информираат дека врз основа на дописот добиен од Канцеларијата на главниот јавен обвинител во Баликесир, определен е екстрадициски притвор за Љупчо Палевски, во траење од 40 дена – информираат од Министерството за правда.
Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин. Барањето за екстрадација уследи по апсењето во Турција на Палевски во вторникот, по издадената меѓународната потерница ден претходно.
Малолетната Ѓорчевска и велешанецот Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
За нивното убиство засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а се чека првоосомничениот Палевски да биде екстрадиран од Турција.