Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според правните експерти со кои се консултиравме, исклучително е важно да не се дозволи каква било можност надлежните турски власти, поради нечии намерни или ненамерни пропусти, на случајот да погледнат како да е „политички реваншизам“. Сугестијата е да не му се дава на кој било начин политичка конотација на барањето за екстрадиција, што всушност тековно се случува, и тоа преку вербалните изјави на високи македонски државни функционери. Со таквите невнимателни изјави, правните експерти тврдат дека им се дава легитимитет на квазитврдењата за некаков „политички прогон“ на извршителот. Во процедурата за екстрадиција и целокупната документација треба да биде кристално јасно дека се приложуваат материјални докази за основано сомневање за извршител на кривично дело против животот и телото – убиство, а не дека целиот случај е фингиран заради политички линч. Зошто?

Причина зошто не треба токму сега носителите на државни функции да ја вмешуваат процедурата за
дерегистрација на партијата Деснa

Невнимателните изјави на високи носители на државни функции во земјава можат да бидат сериозна пречка во процесот на екстрадиција на Љупчо Палевски, првоосомничен за двојното убиство што ја потресе цела Македонија, она во Велес на Панче Жежовски и она во Скопје на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Министерот за правда Кренар Лога завчера го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо, кој беше уапсен во Турција, и откако ќе се преведе веднаш ќе биде испратено до тамошните власти. Во меѓувреме, имајќи ја во предвид доста комплицираната екстрадициска политика на Турција, Македонија ќе мора заедно со барањето за екстрадиција да приложи и сериозна документација собрана од надлежните домашни институции, за да го оправда барањето за екстрадиција на осомничениот. Откако ќе биде испратено барањето за екстрадицијата до турските власти, тие одредуваат кога Палевски ќе биде спроведен до македонска граница. Веднаш штом ќе стапне во Македонија, Палевски треба да биде упатен во 30-дневен притвор, кој во отсуство веќе му го одреди Кривичниот суд.
– Министерството за правда ја започна постапката за екстрадиција и ја собира целата документација од институциите што е потребна за нејзино спроведување. Воспоставени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје за соодветно комплетирање на досиејата за тоа како може да постапи Министерството за правда. Се координираме со сите надлежни институции да постапат веднаш и нема да чекаме да истече рокот од 40 дена за поднесување барање за екстрадиција – соопштија од Министерството за правда.
И додека е во тек востановената екстрадициска процедура, одделни високи државни функционери излегуваат со изјави што можат екстрадицијата дополнително да ја усложнат, па дури и да ја оневозможат.

М.Н. Претседателот и членови на партијата Десна не го извршиле грозоморниот акт во својство на членови на политичка партија

Министерот Оливер Спасовски на прес-конференцијата на која информираше за апсењето на осомничениот убиец Љупчо Палевски-Палчо во Турција побара да биде дерегистрирана и неговата партија Десна, во која членувале и биле активни и другите осомничени за двојното убиство.
– Вакво криминално гнездо, како што е направено, мора да се разбие докрај. И такви политички партии, кои со не знам какви проминенции го прават тоа, како што е оваа, таа мора да биде дерегистрирана. Не знаеме лицето и таа партија какви ставови застапуваат? Не знаеме кои беа и што правеа во изминатиот период? Не знаеме за неговите емисии во коишто директно се спротивставуваа на напредокот на државата? На тие мислам – рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање.
И претседателот на државата Стево Пендаровски „падна во истата замка“ во своја изјава за јавноста, поврзана со дерегистрирање на политичката партија на осомничениот Палевски. Од кабинетот на претседателот Пендаровски направија дистанцирање на институцијата Претседател од надлежноста за регистрирање, односно дерегистрирање политички партии, но во нивната реакција повторно се впуштија во кратка, но суштинска (неприкладна) елаборација со порака дека тоа „би требало да се третира од страна на надлежните институции што се одговорни и да преземат потребни мерки“!

– Во однос на прашањето за регистрација на политички субјекти, тоа не е во надлежност на претседателот на државата и би требало да се третира од страна на надлежните институции што се одговорни и да преземат потребни мерки – велат од кабинетот на претседателот на државата.
И многу други политички чинители во државата ја направија истата грешка, токму во овој сплет на околности да повикаат да се преиспита функционирањето на партијата на Палевски. За таа политичка партија ретко кој досега и вооппшто чул и која многу веројатно е креација на некои внатрешни структури, кои ја користат за креирање одредени состојби во државата во одреден момент, во насока на дискредитација на одредени личности, политички субјекти или нивните политики. Вакви повици за забрана на партијата Десна се проширија и преку социјалните мрежи, со што несвесно фокусот целосно се изместува и му се дава политичка конотација на целиот случај, наместо енергијата да се насочи кон обелоденување на фактите и материјалните докази што треба да доведат до петитумот (битието) на делото и основниот мотив за извршувањето на овие две грозоморни убиства, кои силно го истрауматизираа македонското општество. Од друга страна, на социјалните мрежи веќе се појави и група што го поддржува првоосомничениот и констатира дека сето ова е токму заради политички реваншизам кон него и неговата партија. Имено, според мислењето на аналитичарите, токму оваа група е направена со умисла, за да ги наведе јавните личности да коментираат, да даваат политички квалификации за Палевски, за истиот тој да може да ги искористи тие напади над него како политички мотивирани и да има основа да бара политички азил, со што екстрадицијата ќе се опструира или целосно ќе се доведе под знак прашалник.

Има време да се размислува за дерегистрирање на Десна, сега најпрво е важно првоосомничениот да биде екстрадиран во земјава и да биде изведен пред суд

Токму таквиот несвесен пристап, особено неодмерените изјави на високи државни функционери може да ја закомплицираат екстрадициската постапка ако осомничениот се повика на политички прогон против него и по таа основа побара азил. Рокот за екстрадиција, односно до кога Македонија треба да го комплетира барањето за екстрадиција со сите расположливи докази е 40 дена, така што клучно е надлежните институции да испратат комплетни и несоборливи материјални докази, наоди од вештачењата, за да не се дозволи каква било можност надлежните турски власти поради нечии намерни или ненамерни пропусти на ова да гледаат како политички реваншизам, туку од целокупната документација да им биде кристално јасно дека станува збор за грозоморен криминален чин за кој осомничените треба да одговараат пред надлежните македонски судови.

Поради некомплетна документација и недоволно цврсти докази, но и поради генералната перцепција за македонскиот правосуден систем изнесена и во неодамнешниот извештај на ЕК, веќе има неколку лица за кои Македонија со години бара екстрадиција, но тие и натаму остануваат заштитени во земјите во кои побарале азил, повикувајќи се токму на тоа дека се жртви на политички прогон.
– Мислам дека се непотребни ваквите изјави на високите функционери околу политичката партија на Палевски и дали таа треба да се забрани или пререгистрира. Има време кога треба да се размислува за тоа, бидејќи најпрво е важно првоосомничениот да биде екстрадиран во земјава и да биде изведен пред суд, да се слушне неговиот исказ. Немаме резултати од обдукцијата, а тоа е најважно. Најлесна работа е да ја избришете неговата партија, но така давате извесна политичка конотација и елементи на политички прогон, кои првоосомничениот може да ги искористи во своја одбрана. Моментот не е да се занимаваме со неговата партија, туку моментот е што поскоро тој да се донесе во Македонија и да се изведе пред надлежниот суд – вели поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев.
Според него, има многу нејаснотии во случајот со двете грозоморни убиства што само првоосомничениот може да ги објасни, така што сите сили треба да се насочат кон успешна екстрадиција и разјаснување на мотивот.

– Замислете тој сега да излезе и да каже дека причина за негово апсење е партијата што ја има. Турција има многу строга екстрадициска политика, крајната одлука доаѓа од нивниот премиер. Ако ние не испратиме квалитетни материјални докази, наоди од вештачења што упатуваат дека тој е сторител на кривично дело, нема да има екстрадиција. Тој ќе се повика таму на политички реваншизам и затоа би почекал со бришење на партијата, оти тоа само по себе ќе си дојде откако ќе биде задоволена правдата тука. Нашите политичари не треба да брзаат со изјави со кои му се остава простор да пласира одбрана што ќе се базира на тоа дека е жртва на политички прогон – заклучува Илиев.

 

П.Р.