Истражувањата покажуваат дека во некои земји повеќе од 40 проценти од антибиотиците се земаат без лекарско мислење. И нашата земја не е далеку од таквата констатација. Но токму затоа постои појава на т.н. прекумерна употреба на антибиотици што битно ја намалува нивната ефикасност, а ја зголемува отпорноста на микробите. Имено, антимикробната отпорност се јавува кога бактериите, вирусите, габите и паразитите повеќе не реагираат на антимикробните лекови. Како резултат на отпорноста на лекови, антибиотиците и другите антимикробни средства стануваат неефикасни, а инфекциите се тешки или невозможни за лекување, зголемувајќи го ризикот од ширење на болеста, тешка болест или смрт…

Дилеми за антибиотиците

Се наоѓаме во период кога температурата на воздухот, влагата и други временски услови се поволни за појава на различни вирусни или бактериски заболувања. Одамна требаше да завладеат пониски температури, кои ги прават заразните микроорганизми помалку активни, но со климатските промени се променија и временските услови. Токму сега е сезоната на настинки, грип, ангина… А и сами забележуваме дека сѐ повеќе граѓани се жалат на својата здравствена состојба, на главоболки, кивање, намален апетит, болки во грлото, а некои и на покачена телесна температура, и се надоврзуваат на тоа дека би требало да земат антибиотици, на своја рака, за да им се подобри состојбата, бидејќи сите имаат „искуство со настинките и грипот“. Овој пат ќе се осврнеме малку повеќе на една граѓанска тема за „прекумерната и на своја рака употреба на антибиотици“, што, според лекарите со кои се консултиравме, претставува меч со две сечила, па дури штетата може да биде и многу поголема од самата болест.

Прекумерната употреба на антибиотици битно ја намалува нивната ефикасност

Прекумерната употреба на антибиотици опасно ја поткопува нивната ефикасност и ја зголемува отпорноста, што може да биде одговорно за 10 милиони смртни случаи годишно во светот до 2050 година, предупреди неодамна европскиот разгранок на Светската здравствена организација (СЗО). Развојот и ширењето на супербактериите се забрзани со злоупотребата на антимикробни лекови, што го отежнува ефикасното лекување на инфекциите, се наведува во соопштението на СЗО Европа, која вклучува 53 земји и се протега до Централна Азија. И покрај фактот што се проценува дека антимикробната резистенција предизвикува 10 милиони смртни случаи годишно низ светот, нерационалната употреба на антибиотици сè уште е актуелен социјален проблем.

Третина од македонските граѓани земаат антибиотици без лекарски рецепт

Една третина од луѓето во Македонија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Турција, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Таџикистан и во Узбекистан земаат антибиотици без лекарски рецепт. Во некои земји повеќе од 40 проценти од антибиотиците се добиени без лекарско мислење, што е пет пати повеќе од просекот на ЕУ од студијата од 2022 година, се наведува во соопштението на СЗО Европа. За СЗО влошувањето на економската нееднаквост е уште една опасност, бидејќи најмалку образованите и луѓето со најниски примања се оние со најлоши практики.
– Сите земји во нашиот регион имаат регулативи што штитат од злоупотреба на антибиотици… Спроведувањето на тие регулативи би ги решило повеќето проблеми со злоупотребата на антибиотици – изјави Роб Батлер, раководител на одделот за заразни болести при СЗО.
Истражувањето спроведено во 14 земји од регионот, лоцирани во Источна Европа и во Централна Азија, покажува дека причините наведени како оправдување за земање антибиотици во 24 отсто од случаите се настинка проследена со симптоми на грип (16 отсто), болки во грлото (21 отсто) и кашлица (18 проценти).
– Таа ситуација е загрижувачка бидејќи овие симптоми често се предизвикани од вируси против кои антибиотиците не дејствуваат – се наведува во соопштението.
Главен извор на загриженост за здравствените власти се рецептите.
– Последново јасно ја покажува потребата за образование и издигање на свеста – истакна Батлер.
Тој посочи дека еден од проблемите е и недовршувањето на антибиотската терапија за да се зачува за другпат или споделувањето на тие лекови со болни роднини или соседи.

Умерено тешки инфекции може да станат опасни по живот

Инфектолозите предупредуваат дека доколку продолжи зголемувањето на антимикробната отпорност, дури и умерено тешки инфекции може да станат опасни по живот, а сериозни инфекции може да станат речиси невозможни за лекување.
– Сериозните бактериски и габични инфекции често се занемаруваат или не се дијагностицираат доволно брзо. Ефикасниот третман на тие инфекции зависи од раното препознавање и точната дијагноза, но брзата идентификација на патогените сè уште е предизвик и покрај значителното подобрување на микробиолошката дијагностика – велат инфектолозите, кои додаваат дека употребата на модерна, првенствено микробиолошка дијагностика може да им помогне на пациентите да добијат ран и соодветен третман за инфекции предизвикани од резистентни патогени, спасување животи и намалување на трошоците за здравствена заштита.
Според нив, антимикробната отпорност е една од водечките закани за здравјето во целиот свет и несоодветната употреба на антибиотици е главен двигател на отпорноста.
– Најновите истражувања покажуваат дека во земјите членки на ЕУ осум проценти од сите антибиотици за човечка употреба се користат без рецепт, додека според истражувањето спроведено од Светската здравствена организација во ЕУ, во соседните земји од европскиот регион секој трет човек зема антибиотици без лекарски рецепт, без разлика дали ги купува во аптека, употребува неискористени од претходните терапии или ги набавува од пријатели и членови на семејството. Затоа, да ги промениме нашите навики, да заштедиме антибиотици за следните генерации – велат инфектолозите.

Антибиотиците – „чудо на 20 век“, но, за жал, бактериите многу брзо стекнуваат отпорност на нив

Антимикробната отпорност се јавува кога бактериите, вирусите, габите и паразитите повеќе не реагираат на антимикробните лекови. Како резултат на отпорноста на лекови, антибиотиците и другите антимикробни средства стануваат неефикасни, а инфекциите се тешки или невозможни за лекување, зголемувајќи го ризикот од ширење на болеста до тешка болест или дури и смрт. Само во Србија во текот на една година животот го загубиле повеќе од 7.000 луѓе поради инфекции предизвикани од антимикробна отпорност.
Со години се зборува дека злоупотребата на антибиотици може да резултира со бактериска отпорност на антибиотска терапија и дека секогаш е неопходно да се побара совет од лекар пред да се применат антибиотици.
– Антибиотиците лекуваат бактериски инфекции. Инфекциите предизвикани од вируси или габи не се лекуваат со антибиотици, бидејќи со тоа се уништуваат добрите бактерии, се создава отпорност и се отежнува лекувањето – велат експертите.
Проф. д-р Никола Пановски, микробиолог, во неколку наврати за „Нова Македонија“, но и на социјалните мрежи, посочи дека во време кога се случува премин кон зима и кога бактериските инфекции се во пораст, потребна е правилна употреба на антибиотиците.
– Антибиотиците се чудо на 20 век. За жал, бактериите многу брзо стекнуваат отпорност на нив, а резистенцијата е правопропорционална со нивната потрошувачка. Колку повеќе ги употребуваме антибиотиците, толку побрзо ги губиме – посочува Пановски.
За тоа дали и колку е честа практиката пациентите на своја рака и неправилно да ги користат антибиотиците без претходно да се консултираат со лекар, тој вели дека според некои истражувања што биле објавени од фармацевтите за рационална употреба на антибиотици, родителите во 10 отсто случаи им давале антибиотици на децата без да бидат пропишани од лекар.
– Деведесет отсто од инфекциите на горните дишни патишта се вирусни. Антибиотиците воопшто не дејствуваат на вируси. При настинка и грип, антибиотиците немаат никаков ефект. Неразумната употреба на овие лекови го загрозува јавното здравје на глобално ниво, а не само на поединецот, бидејќи отпорните бактерии се пренесуваат помеѓу луѓето, помеѓу животните, од животните на луѓето – вели проф. Пановски.

Да се стави акцент на природните методи за подобрување на имунитетот

Превенирањето, освен основна едукација, подразбира редовно и правилно миење на рацете со сапун и топла вода, темелно миење на овошјето и на зеленчукот пред употреба и избегнување храна што е недоволно термички третирана. Дополнително, пред да одлучите да земате антибиотик, обидете се да се лекувате со некои природни методи што го зајакнуваат имунитетот. Не секоја настинка има потреба од лекови. Можете да се обидете со употреба на некои природни намирници што се покажале како ефективни: прополис, ехинацеја, лук, столисник, рен, мајчина душица и други.
Силниот имунитет е важен за да се одбрани организмот од инфекции, а тој се зајакнува и одржува со здрава храна, физичка активност и здрав начин на живеење. Здравиот организам е способен да се избори против голем број инфекции и без антибиотици, а со тоа станува и уште појак.