Овој викенд нема колумна од мене. Немам доволно концентрација и креативен капацитет. Умот ми е затворен. Душата вознемирена. Срцето е преокупирано со одредени здравствени проблеми што ми се случуваат по дома, па така, не е во состојба да ги даде вистинските емоции за овие редови. Едноставно, не сум јас. Простете за ова!
За разлика од мене, планетата, светот и Нордистан си ја тераат својата приказна. Земјата се тресе, еруптираат вулкани, се појавуваат чудни и страшни невремиња онаму каде што никогаш не биле, паѓа снег кај што треба да биде жешко и обратно. Нормално, просечниот модерен човек се занимава со тешки и длабоки мисли како да направи селфи пред Попокатепетел во мигот кога еруптира за да го закачи потоа на Инстаграм. Како и да е, мајката Земја можеби одлучила да одговори на сите наши злосторства и будалаштини со кои постојано ја малтретираме, особено последниов век на технолошки напредок и духовна пропаст. Ни праќа знаци, ама ние сме неписмени.
А на планетата Земја, нашиот супермодерен и прогресивен свет продолжува да ја тркала сопствената приказна кон својот крај наречен пропаст на цивилизацијата. На секои десет минути во Газа, од насилна смрт умира по едно дете, а ние се прашуваме или се расправаме кој е прав, а кој крив во таа, така честа касапница на Блискиот Исток. Затоа, пак, Бајден и неговата администрација, кои го поддржуваат овој масакр, му плеснаа в лице на Шји Џјинпинг дека е диктатор. Потоа, тој отиде во другата соба и го праша своето омилено плишано мече во каква боја сака да го бојадиса Кинескиот ѕид, кога САД ќе ја поразат Кина, откако претходно, во Украина, ќе ја фрли Русија на колена. За таа цел се одвива операцијата наречена „до последен Украинец“. Толку ќе ја поразат Русија што веќе ќе нема Украинци, па нема да има кој да живее на плодната украинска земја, по што, логично, ќе мора да ја земат за себе оние за кои одработуваат олд бој Џо и неговите западни сојузници. Додека не се случи тоа сите здружно работат на ослабување на Русија. Толку многу ја ослабнаа што, ене, изгледа како манекенка што нога пред нога шета по економската модна писта. Шета и си свирка. Сеедно што пропаѓа и умира во прилозите на западната медиумска пропаганда. И така, светот врие во сопствениот котел што сам го подгрева до состојба на крајно потребна експлозија.
Добро сега, треба да се каже дека среде овој безумен свет егзистира и континентот Европа, составен од Европската Унија и држави што упорно сакаат да станат дел од неа, ем за да бидат богати и убави ем за да можат и тие да се глупираат како самата Унија. Таа убава, богата и моќна Европска Унија, инаку колепка на демократијата, колонијализмот, робовладетелството и мајка на сите геноциди, секогаш е сексапилна и модерно дотерана затоа што постојано се реформира. Или бамбори дека треба да се реформира. Штом се појави проблем што не може да го реши, а ЕУ не може ниту еден проблем да реши, веднаш фаќа и се реформира. Симболично објаснето тоа би изгледало вака. На ЕУ ѝ е дијагностициран рак на душата поради огромното количество консумирано лицемерство, таа, нели, мудра, ја прифаќа дијагнозата и започнува да ја лечи така што застанува пред огледало и почнува да се шминка. Болна ѝ е душата, ама она си го реформира лицето. Толку многу се реформира што на крајот ќе се нашминка во реформ-торта што со задоволство ќе ја изедат САД и Русија. Или ако сакате малку поблесаво, замислете си го плишаното мече на Бајден и манекенката од Русија како си ја делат таа ЕУ реформ-торта. А-ха, како да ви пуштил некој цртан филм за пред спиење на Фешн телевизија, а мене да ми подметнал чудна дрога во колумната.
Ви реков, ви се извинив, не сум денес сосема свој, но мора да ја завршам оваа бесмисленост предизвикана од крајно смислени безумства што битисуваат околу нас. На планетата Земја, која се тресе и еруптира праќајќи му знаци на духовно онеписменетото човештво, среде овој свет што врие во сопствениот пекол, за жал, постои и пречи, мутираното зомби Нордистан, чија единствена цел е да се глупира и да го тормози ова парче македонска земја сместена на Македонскиот полуостров на кој се родиле многу покорисни нешта како космополитизам, европското христијанство, ренесансата отколку сегашнава идеја за започнување пристапни преговори со една реформ-торта.
Во Нордистан живеат гротескно среќните нордистанци. Секој просечен прогресивен нордистанец заспива и се буди со замисленото плишано мече на Бајден во својата прегратка, надевајќи се дека онаа манекенски ослабена Русија конечно ќе си ја скрши ногата на економската модна писта, ама и буден го живее сонот за неговиот Нордистан како марципан врз шлагот на реформ-тортата наречена Европска Унија. Затоа и самиот Нордистан постојано се шминка, односно реформира. Како прво, работи на својот наталитет. Сите знаеме дека раѓањето деца е комплицирана работа затоа што згодното тело на одреден период малку се деформира и губи од убавина, па нордистанските генијалци најдоа решение како да се зголеми бројот на нордистанци преку давање државјанства на белосветски прогресивни кримоси. Генијално, нели? И образованието се реформира, така што државата одлучи дека оние малку нордистанчиња што се раѓаат, од огромната блескавост околу нив, мора да се родат образовани, што автоматски значи дека нема да им требаат учебници и, ете, сериозна заштеда. Здравството го реформиравме така што го отстрануваме болното ткиво, односно болните. Како? Едноставно. Лекарствата што им се потребни или не им ги даваме или ги продаваме во други држави. А најдобро се реформира правниот систем. Спроведуваме алхемиски реформи. Законот го претворивме во накит, а потоа накитот го расцветавме како пупка. На тоа додадовме и метафизички реформи. Преку притвори, тортура и политички монтирани пресуди врз невини луѓе, а идеолошки неподобни во Нордистан, го лечиме вишокот злорадост кај просечниот прогресивен нордистанец. Еве го рецептот! Земаш еден невин, ама политички неподобен човек, му спроведуваш судска тортура што кај обичниот нордистанец ослободува одредено количество злорадост во етерот. Таа злорадост подоцна ја преработуваме и ја користиме или како нуклеарна енергија или на неа пружаме интимност од туѓи алишта.